Ем популарен пејач, ем професор: Јоце Панов открива што го прашувале учениците кога првпат се појавил да им предава музичка уметност

Добивај вести на Viber

Во животот ништо не се случува без причина или случајно. Во оваа флоскула популарниот пејач Јоце Панов се уверил и во 2021 година, во време на Ковид пандемијата. Полициски час, мерки за здравствена заштита, затворање на кафулињата, рестораните и ноќните клубови. Сето ова за еден музички интерпретатор значеше и поинаков начин на живот.


- Токму во тој период кога целата музичка фела немаше настапи, ми стигна понуда за вработување во скопската гимназија „Јосип Броз Тито”. Можеби да се случеше во период кога сум со интензивни настапи, немаше да биде исходот ваков. Без двоумење ја прифатив понудата која во тој период за мене беше голем предизвик. Иако имам дипломирано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, токму наставна насока, никогаш не ни помислував дека ќе дојде ден да бидам професор. Затоа и често знам да се пошегувам „кога требаше да ја доставам дипломата, имав потешкотија да ја најдам“. Олеснителна околност за почеток ми беше што држевме онлајн настава преку платформи за учење. Потоа учениците се вратија со физичко присуство, со настава во училница, што за мене повторно беше нешто ново. Толку ја засакав работата со тие млади личности и од овој аспект велам дека не би ја менувал никогаш. Енергијата која ја имаат моите ученици и секојдневната комуникација со нив е нешто неописливо. Не би сакал ниту да го сменам работното место, бидејќи сум убеден дека сме на врвот во средното гимназиско образование во главниот град. – потенцира Панов.


Работата во образование за него е една од најодговорните професии, бидејќи средношколците, неговите ученици, во секој од професорите гледаат пример, идол.

- Знаеме да ги мотивираме, да им помогнеме, да ги утешиме или за жал некогаш можеби и разочараме. Голем е влогот на секој професор во средно образование, ние сме дел од нивниот живот, учениците поминуваат речиси половина ден во училиште. За мене особено одговорноста е голема, бидејќи балансирам меѓу оваа професија и онаа на сцена – вели Јоце и додава дека учениците го сакаат предметот музичка уметност.


- За волја на вистината се обидувам да ги мотивирам да научат и да им останат некои податоци, а не само да добијат висока оцена. Баш оваа година на матурската прослава во моето училиште имав една интересна ситуација. Ученик кој матурира дојде да ми каже дека се сеќава и после три години на работите кои ги учел по предметот,  кој му го предавав во прва година. – појаснува тој.

На прашањето дали е строг професор, вели дека одговорот може да го дадат само учениците. Негова цел е да ги научи тоа што е предвидено по програмата на неговиот предмет. Тежнее и да научат сами да стекнуваат знаења. Кога ќе дојдат часови за проверка на знаење, сами да си ја добијат заслужената оцена, да не манипулираат, да не се користат со измами. Тоа да им остане како една лекција за цел живот.


- Во однос на популарноста, на првите генерации им беше невообичаено, па знаеа да ме препрашаат дали сум навистина јас. Сега веќе точно знаат дека предавам музичка уметност. Се интересираат за мојата кариера, но најмногу ме радува кога оние кои имаат талент за музика, бараат совети, се вклучуваат во работата на училишниот бенд, имаме настапи. Се обидувам и верувам дека успевам да им доловам што значи во пракса музиката и професионализмот во неа.

- Токму во периодот околу концертот кој го направив во Македонска Филхармонија често знаеа да прашаат колку се подготвувам, колку песни ќе пеам, како ќе изгледа програмата. И што ми е најдраго, голем дел од нив ми кажаа дека биле присутни на концертот со своите родители. – открива Панов. 


Периодов е ангажиран на повеќе проекти и во музичката кариера. Најактуелен во моментов е видео записот од концертот кој го одржан на 8 март во Македонска Филхармонија со кој одбележа 25 години активно присуство на музичката сцена.

- Навистина напорно работев на овој концерт многу време, и се грижев за секој детал од сценографијата, изработка на посебни аранжмани, симфониски оркестар со повеќе од 25 музичари на сцена. На крај имав забелешки од луѓе кои не биле во можност да присуствуваат. Од таа причина, ангажирав продукција која професионално го снимаше целиот концерт и еве, на сите кои не биле во можност да присуствуваат, да им овозможам на мојот YouTube канал да го погледнат. Кога сме на тема концерти, подготвувам една турнеја низ градовите во земјава, која беше планирана веднаш после скопскиот концерт, но со оглед на трагедијата која се случи, ја пролонгиравме. Забележав дека македонскиот народ има желба да слуша македонска музика во живо, да оди на концерт на македонски пејач. Во завршна фаза на преговори сум за турнеја во Австралија, која со Божја помош би се реализирала на почетокот на следната година. Дополнително со мојот менаџерски и пиар тим преговараме со неколку други земји во Европа, каде има наши иселеници, но датумите ќе ги објавиме кога ќе бидат дефинирани сите детали. Малта е неизбежна, таму настапувам и неколку пати годишно и секогаш со задоволство и радост одам. - вели Јоце, кој веќе интензивно работи и на нови песни.


- Една песна е веќе готова, но таа веројатно ќе ја почека есента. Снимив една летна композиција, која ќе излезе за некој ден и веднаш заминувам на една егзотична дестинација да снимам спот. Песната го заслужува тоа, во диско ритам е, нешто што одамна немам објавено, а гледам дека публиката е желна за побрз ритам. Постојано сум на релација Белград - Скопје. Или сум во студио или давам интервјуа. Со промоцијата на концертот секако дека се зголемија гостувањата во медиумите и тоа навистина ме радува. Моите ученици знаат да ме прашаат како издржувам сѐ да постигнам? Секогаш им велам, кога се работи со љубов и кога се сака, сѐ се може. – заклучува Панов.

Соња Алексоска Неделковска