ЕУ објави: Од 17 ноември до крај на 2025 сите жени во светот ќе работат за џабе

Добивај вести на Viber

Жените во ЕУ и понатаму заработуваат во просек 0,88 евра на секој 1 евро што го заработуваат мажите, што симболично значи дека од 17 ноември па до крајот на годината „работат џабе“, според проценките на Европската унија.

Жените и мажите сè уште не се рамноправно платени

Еднаквата плата за жени и мажи во Европската унија сè уште не е реалност, бидејќи мажите и натаму во просек по работен час заработуваат околу 12 проценти повеќе.

Во теорија, тоа значи дека жените би можеле да престанат да работат од 17 ноември до крајот на годината за да се израмни разликата во заработката.

Брисел секоја година го одбележува овој ден како „Ден на еднакви плати“.

„Не постои ниту една причина жените и мажите да бидат различно платени за истата работа,“ порачаа европските комесарки Роксана Минзату и Хаџа Лахбиб.


Разликата се намалува, но темпото е бавно

Иако во последните десет години разликата во заработките се намалила за околу четири проценти, напредокот е спор, а ЕУ и натаму е далеку од вистинска родова рамноправност кога станува збор за примањата.

Околу 24 проценти од платниот јаз се објаснува со тоа што жените се значително повеќе застапени во послабо платените сектори – како нега, здравство и образование.

 Жените неделно работат и повеќе часови, но голем дел од времето оди на неплатена работа, што влијае врз нивниот професионален напредок.

„Жените и натаму се соочуваат со нерамномерна распределба на грижата за други лица. Оваа нерамноправност го отежнува нивниот пристап до пазарот на труд и напредувањето во кариерата,“ изјави за Euronews Белен Санз, директорка на UN Women за Европа и Централна Азија.

Положбата во хиерархијата исто така влијае врз примањата: помалку од една од десет директорски позиции во компаниите ги држат жени.

Нови политики за транспарентност на платите

Од 2020 година Европската комисија постигна напредок во политиките за родова еднаквост, особено преку иницијативи за рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, услуги за грижа и транспарентност во платите. Во 2023 година ЕУ ја предложи Директивата за транспарентност на платите, со цел да го намали родовиот јаз.

Според новите правила, кои ќе стапат на сила најдоцна до јуни 2026 година, компаниите ќе мора јавно да ги објавуваат информациите за платите и да спроведат промени доколку разликата меѓу половите надминува 5 проценти.

Европската комисија моментално ја подготвува новата Стратегија за родова рамноправност по 2025 година, во која ќе се дефинираат нови мерки и регулативи.


Приказната за Алекс и Марија – иста работа, различна реалност

На веб-сајтот на Европската комисија за родова еднаквост се наведува примерот на Марија. Таа и нејзиниот колега Алекс дипломирале како најдобри во генерацијата на градежниот факултет, добивале исти пракси, работеле исто и имале исти препораки. Но, кога влегле на пазарот на трудот, разликите започнале.

1. Прва пречка – општествени стереотипи

И двајцата се пријавиле за иста работа. Алекс барал поголема плата бидејќи бил воспитуван да биде самоуверен. Марија, стравувајќи да не изгледа „проблематично“, барала помалку.

2. Втора пречка – разлика во платите

Три години работеле исто. Алекс станал менаџер. Марија добила минимално зголемување.

3. Трета пречка – родителство

Марија заминала на породилно и подоцна се вратила со скратено работно време. Алекс, иако татко, не ја прекинал кариерата.

4. Четврта пречка – стаклен плафон

Во машка индустрија, Марија ретко гледала жени на раководни позиции и постепено престанала да верува дека може да напредува. Алекс, пак, имал ментор кој го водел напред.

5. Петта пречка – неплатен труд

Грижата за постарите родители паднала главно на Марија. По работа доаѓала дома и продолжувала со втор „неплатен“ работен ден.

Приказната е измислена, но реалноста е идентична за огромен број жени во ЕУ.

Причините за платниот јаз се сложени: судир на стереотипи, структурни бариери и директна дискриминација.

Извор / Freepik