Евтини летови, пристојно сместување, а таму новогодишна бајка: Македонците направија инвазија за празниците во оваа европска метропола
Во последните недели, социјалните мрежи се преполни со фотографии на наши сограѓани кои го посетиле Стразбург, францускиот град што во празничниот период изгледа како сцена од филм.
Причините се повеќе од јасни – евтини авионски летови, пристојно сместување и неповторлива празнична атмосфера која секој декември го претвора градот во вистинска зимска бајка.
Празничен дух и новогодишна магија
Целиот Стразбург блеска во илјадници новогодишни светилки, а во центарот на градот се издига огромна елка која претставува симбол на празниците и омилена позадина за фотографирање. На секој чекор се чувствува духот на Божиќ – топол вино, мирис на колачи и улични штандови што нудат рачно изработени украси и сувенири.
Посетителите велат дека токму Божиќниот базар, кој трае околу 20 дена, е најголемата атракција на градот. Годишно го посетуваат околу 2,5 милиони туристи од цела Европа, што го прави еден од најпосетуваните празнични настани во Франција.

Фото извор: Википедиа
Што да посетите во Стразбург
Еден од најубавите делови на градот е квартот Пети Франс (Мала Франција), познат по својата живописна архитектура од времето на француското владеење. Во близина се наоѓаат и зданија од германскиот период – Операта од 19 век, каде што настапувал Вагнер, како и црквата „Св. Тома“, во која свирел Моцарт. На факултетот по филозофија во Стразбург предавал и самиот Гете.
Голема атракција е и палатата Роан, изградена меѓу 1731 и 1742 година, која била дом на моќното семејство Роан, а по Француската револуција станала државна сопственост.

Катедралата – симбол на градот
Без сомнение, најпознатата градба во Стразбург е готската катедрала „Нотр Дам де Стразбур“. Нејзината изградба започнала во 1015 година, а завршила во 1439 година. Со висина на куполата од 142 метри, до крајот на 19 век била највисоката црква во светот. Денес е четвртата највисока и препознатлива по својот уникатен астрономски часовник со фигури што танцуваат.

Град на културата и институциите
Покрај архитектонската убавина и празничната атмосфера, Стразбург е познат и како седиште на Меѓународниот суд за човекови права – импресивна зграда што симболизира европско единство и демократија.
Стразбург не е само зимска дестинација, туку и град кој нуди историја, култура и традиција во секој агол. Без разлика дали ќе го посетите во декември или во некој друг месец, ќе ве освои со својата елеганција и европски шарм.
М.С.К / Фото извор: Приватна архива / Википедиа