(ФОТО) Не примам гости на слава, корона е: Скопски домаќини со порака закачена на капијата одбиваат гости
На оригнален начин, скопјани од населбата Долно Нерези се сетиле како да се заштитат од несакана зараза од коронавирусот. Ноември и декември се месеци кога кај нас се слават најмногу слави, но поради опасноста од вирусот и забраната за групирање, многумина ги одбележуваат само во кругот на најблиското семејство.
Годинава на социјалните мрежи и понатаму се споделуваат фотографии од славските трпези, но во нив ужива само најтесниот круг на семејството.
Водени од обичајот дека на слава не се кани, изгледа дека некои луѓе без оглед на опасниот вирус кој владее, сè уште имаат желба да одат по пријатели, по комшии и по роднини за да честитаат слава.
За да не им дојдат ненајавени гости, за секој случај, скопјани од населбата Нерези, решиле на едноставен начин, отворено да им соопштат дека во оваа ситуација не се добредојдени.

„Не примам гости на слава, корона е“, напишале со црн фломастер на картон домаќините, а пораката со селотејп ја закачиле на капијата.

Вчера се славеше Света Богородица Пречиста, а во понеделник е славата Света Катерина. Дел од домаќинствата Света Катерина ја празнуваат утревечер.

М.Џ.
Фото: Женски магазин
Фото-насловна:Shutterstock