Генералната секретарка на Собранието - Марина Димовска: Mагичната формула на збирот од амбицијата плус посветеноста, изедначен со успехот

6. Што ти е омилено нешто во работата што ја работиш?
-Најмногу ја сакам можноста преку работата да креирам промени што оставаат трага не само денес, туку и за идните генерации. Во политиката не гледам само функција, туку алатка за подобрување на системот, за рушење бариери, за унапредување на правдата, образованието, економијата, но и на женската моќ и глас.
Сакам да бидам дел од процеси кои отвораат врати за младите, кои градат пофер општество и кои ја поставуваат нашата земја на мапата како достоинствен и напреден партнер. Страст ми е стратегијата, визијата, но и искрената комуникација со луѓето бидејќи токму тие се срцето на секоја добра политика. Секоја одлука што ја носам има тежина, и затоа настапувам со одговорност, јасна цел и посветеност.
7. Колку време дневно вложуваш на својот изглед?
- Посветувам доволно време за да се чувствувам подготвено, уредно и сигурно во себе, но никогаш премногу. За мене, негата и изгледот треба да бидат поддршка на работниот ден, не опсесија. Се трудам секогаш да изгледам соодветно, но практичноста и содржината ми се поважни од совршената фризура или шминка.
8. Дали сметаш дека секоја жена треба да внимава на својот изглед и секогаш да се труди да биде најдобрата естетска варијанта на себе?
- Апсолутно. Сметам дека негата и личниот стил се одраз на самопочит, дисциплина и свест за сопствената вредност. Не се работи за суета, туку за односот што го имаме кон себе и кон средината.
Секоја жена заслужува да се чувствува убаво, силно и сигурно во својата кожа без разлика на возраста, професијата или општествената улога. Кога жената изгледа уредно и се носи со став, таа не само што инспирира, туку и испраќа порака дека знае што сака.
9. Дали ангажираш стилист или моден дизајнер за своите модни комбинации или избираш сама според својот сензибилитет?
-Често сама ги бирам комбинациите, но соработувам и со локални дизајнери кога сакам да поддржам домашен креативен израз. Балансирам меѓу стил и порака.
10. Кој ти е утринскиот ритуал и како го започнуваш денот?
- Денот го започнувам со утринско кафе и преглед на вестите, домашни и меѓународни. Правам кратка рефлексија на претходниот ден, што било постигнато, што може подобро, и се фокусирам на обврските и приоритетите што следуваат. Тоа ми помага да влезам подготвена, концентрирана и решителна во сѐ што ме очекува.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов