Граѓаните не сакаат да ги сменат своите нездрави животни навики дури и кога ќе се разболат

Подигнување на свеста за значењето на примарната здравствена превенција кај незаразните заболувања е основна цел на проектот „Стоп за лоши навики“ што го спроведува Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС). Младите лекари преку овој проект ги едуцираат граѓаните за потребата од менување на одредени навики кои му штетат на нивното здравје, но и поттикнуваат систематски пристап за намалување на здравствените ризици. Од овој проект произлезе водичот „Како до здрави навики“ напишан од лекари и стручни соработници, на едноставен и пристапен јазик за пошироката јавност преку кој се подигнува свеста кај населението за најчестите ризик-фактори по неговото здравје.
- Содржински, водичот опфаќа повеќе поглавја кои ги обработуваат најчестите хронични заболувања кај нас, како што се кардиоваскуларните болести, дијабетесот и респираторните заболувања. Покрај медицинската основа, етиологија, симптоми и можности за лекување, акцентот е ставен на превентивните мерки, улогата на животниот стил, важноста на физичката активност, хидратацијата и правилната исхрана. Целта е да се доближи медицината до граѓаните и да се поттикне одговорен однос кон сопственото здравје – вели д-р Никола Манев, еден од авторите на водичот.
Кои штетни навики ги детектиравте кај пошироката популација кои најмногу придонесуваат за појава на различни заболувања и смртност?
- Идентификуваните штетни навики се во согласност со глобалните трендови, но кај нас тие се повеќе распространети и имаат поголем интензитет. Тоа се неактивниот начин на живот, прекумерното консумирање алкохол и пушењето како примарен ризик фактор. За жал, кај голем дел од пациентите, дури и по дијагностицирање на сериозно заболување, отпорот кон промена, особено за откажување од пушење, останува висок. Затоа, покрај советите за целосно откажување од пушење, треба да се разгледаат и т.н. алтернативни никотински производи,како што се производи кои го загреваат, но не го согоруваат тутунот, или никотинските ќесички кои се со намалена штетност во споредба со цигарите. Секако, овие алтернативи не се препорачуваат како долгорочно решение, најдоброто за еден пушач е целосно да прекине со пушење.
Постои ли некакво брзо решение за напуштање на ваквите штетни навики?
- Кога зборуваме за промена на животниот стил, мора да признаеме дека најголемиот предизвик не е започнувањето, туку одржувањето на промената. Мотивацијата кај граѓаните честопати трае кратко, се сведува на неколку дена или недели со зголемена физичка активност или здрав избор на храна, по што брзо се враќаат старите навики, најчесто поради недостиг на поддршка, едукација или очекување на резултати во краток рок. Често се забележува враќање кон неактивниот начин на живот, дури и во наједноставни околности, како што е на пример користењето возило за многу кратки релации наместо пешачење и сл.
Што покажува Вашето досегашно искуство, колку нашите граѓани ѝ даваат важност на примарната превенција кога станува збор за нивното здравје?
- Јавната свест за значењето на примарната превенција е сѐ уште на ниско ниво. Иако постојат организирани кампањи, скрининг програми и достапни здравствени услуги, најголем дел од населението не презема никакви превентивни активности сè додека не се појават симптоми. Дополнително, и кога ќе се појави симптом, по неговото исчезнување (без дијагностичка потврда или со привремено подобрување), многу често пациентите се враќаат на старите навики, како ништо да не се случило. Ова покажува дека е неопходна континуирана здравствена едукација и мотивација, но и подобрување на пристапот и довербата во примарната здравствена заштита. Сметам дека инвестицијата во здравствена едукација, особено кај младите, и развивањето на лична одговорност кон сопственото здравје, се клучот за долгорочно подобрување на здравствената состојба на населението.
Дали свесноста за примарната превенција е поразвиена кај помладата популација или повеќе е одлика на повозрасните граѓани? На што се должи тоа?
- Свесноста за примарната превенција, генерално, повеќе се среќава кај помладата популација, но тоа не значи дека секогаш постои и практична примена. Причините за ова се комплексни и произлегуваат од неколку фактори, меѓу кои би ги издвоил достапноста на информации, каде што младите преку интернет и социјалните мрежи се повеќе изложени на содржини кои промовираат здрав начин на живот и исхрана и физичка активност. Тука е и современиот начин на живот во кој постои зголемен интерес за фитнес, органска храна и „wellness“ култура, што дополнително ги поттикнува младите да размислуваат за превенција, барем во контекст на изглед и енергија. Од друга страна, кај младите нема интерес да се информираат за долгорочните последици од нездравото однесување, како што се пушењето или недоволната физичка активност, бидејќи во моментот не чувствуваат симптоми и сметаат дека здравствените проблеми се нешто што ќе се случи „во далечна иднина“. Кај повозрасната популација, пак, фокусот е повеќе на секундарна превенција – рано откривање и третман на веќе постоечки состојби. Тука повеќе се работи на контрола на болестите, а не толку на нивно спречување. Тоа делумно е резултат на пропуштените можности за примарна превенција во младоста, недоволната едукација за важноста на раното преземање на здравствени мерки, ограничениот пристап до ресурси или здравствени услуги, како и недовербата или пасивноста кон промена на навиките во повозрасно доба.
Како Здружение на лекари специјализанти, која е вашата долгорочна стратегија за намалување на ризикот од незаразни заболувања кај широката популација?
- Нашата долгорочна стратегија е насочена кон рана детекција, превенција и едукација на населението. Нашата цел е да изградиме здравствено посвесна заедница преку организирање на скрининг прегледи, подигнување на свеста за здрави животни навики и обезбедување подобар пристап до здравствени услуги, особено за најранливите категории. Во таа насока, ЗЛС го реализираше проектот ,,И ти си важен“, преку кој беа извршени 4.000 бесплатни превентивни прегледи на социјално загрозени граѓани. Прегледите вклучуваа мерење на крвен притисок, ЕКГ, гликемија и БМИ, со што се овозможи навремено откривање на ризични состојби и упатување кон понатамошен третман. Веруваме дека превенцијата е најсилно оружје против незаразните заболувања и искрено се надеваме на повторна имплементација на овој проект со што ќе се продолжиме да придонесуваме за поздраво и побезбедно општество.
Кои се најважните алатки што им се на располагање на граѓаните за да имаат контрола врз своето здравје?
- Најважните алатки за контрола и унапредување на сопственото здравје се достапни на повеќе нивоа – од формални здравствени системи до лична иницијатива и образование. Меѓу нив, би ги издвоил редовните консултации со матичните лекари и друг здравствен кадар кои се од суштинско значење бидејќи се главниот извор на релевантни и проверени информации за превенција, рано препознавање на симптоми и соодветен третман. Клучен елемент се и програмите за скрининг, вакцинација и здравствено едуцирање бидејќи овозможуваат рано откривање и спречување на многу болести. Неформалното учење преку семинари, работилници, предавања, онлајн курсеви или кампањи за јавно здравје исто така помага да се прошири свеста за здрави животни навики. Во овој контекст треба да се спомене и физичкото образование во училиштата кое е особено важно за градење здрави навики кај младите уште од најрана возраст. За жал, се забележува тренд на избегнување на активности во рамки на овие часови, поради што е потребна поголема мотивација, едукација и поддршка за учениците да се ангажираат активно на овие часови. Најважната алатка сепак останува личната свесност и подготвеност да се преземе одговорност за сопственото здравје – преку здрава исхрана, физичка активност, редовни лекарски контроли, избегнување на штетни навики и континуирана едукација.