Иман Тотиќ го откажа учеството на престижниот натпревар: Не заминав на „Мис Универзум“ бидејќи не се чувствував подготвена, ресурсите беа ограничени
Македонската претставничка Иман Тотиќ, не отпатува за Тајланд поради недостиг на потребни ресурси за учество на еден толку голем и комплексен настан, како „Мис Универзум“ кој ќе се одржи на 21 ноември.
Тотиќ во својата изјава објасни дека учеството на ваков меѓународен избор бара сериозна модна подготовка и значителни средства, особено поради бројните активности на кои кандидатките треба да се појават беспрекорно стилизирани.

- Не се чувствував подготвена да учествувам на таков грандиозен и голем избор на убавина и јакнење на улогата на жената во општеството. Поточно, сметам дека за претставување на таков избор треба многу повеќе ресурси и подготовка во делот на модниот изглед, затоа што на изборот има премногу активности на кои требаше да изгледам беспрекорно модерно. Деновите беа ограничени на само неколку недели, како и ресурсите со кои располагав. Сакав да ја претставувам мојата земја во најдобро можно светло во модниот дел, исто како што и во другиот дел како личност. Меѓутоа во првиот дел не успеавме да се подготвиме според мене, најдобро што можеме. Благодарност до организаторите на „Мис Универзум Македонија“ што ме избраа и се надевам дека во иднина ќе се укаже нова можност и ќе се стекнат подобри услови за учество на избор на убавина и јакнење на улогата на жената во општеството – ни изјави Тотиќ.

Лиценцата за овој избор во Македонија од лани ја има „Даман Менаџмент“ од Истанбул.
Иман Тотиќ, до изборот беше речиси непозната за македонската јавност, но гради успешна интернационална кариера во Лондон.Таа е ќерка на Александра Петровска, Мис на Македонија во 1996 година.

По изборот менаџментот на својата фб официјална страна напиша: Овој ноември, таа ќе ја носи Македонија на светската сцена во Тајланд, со став, шарм и срце полно љубов кон својата земја. Следете го нејзиното патување кон круната и споделете ја гордоста со нас“.
С.А.Н