Ангела Тасеска создава нова генерација еколошки свесни деца: Храбрата жена што сама ја започна шумската едукација кај нас

Добивај вести на Viber

Во време кога децата растат со таблети, телефони и екрани кои стануваат нивен „прозорец кон светот“, во Охрид се појавува една жена која верува во сосема поинаква приказна. Ангела Тасеска – дипломиран биолог, ентомолог, природољубец и еко-едукатор – веќе десет години тивко, но упорно гради мост меѓу најмладите и природата.


Нејзината мисија се родила многу пред кариерата. Таа пораснала на село и се сеќава како секој ден започнувал и завршувал во игра надвор – со трчање по тревата, собирање цветови, набљудување инсекти и слушање на она што природата го раскажува без зборови. Токму таа детска слобода ја навела на студии по биологија, каде љубовта кон природата добила научна форма.

 „Пораснав на село, каде што секој ден беше исполнет со игра во природа“, раскажува таа. Тоа чувство на слобода и допир со земјата ја насочило кон природните науки, па биологијата станала нејзин избор без двоумење.

Во текот на студиите и првите професионални ангажмани, таа сè повеќе време поминувала на терен. „Преку бројни проекти, особено во пролетните и летните месеци, голем дел од времето го поминував и сè уште го поминувам на терен“, објаснува Ангела.

Работата со деца се појавила спонтано – прво во Лабораторијата за анимална екологија при Институтот за биологија. „Тогаш сфатив дека токму преку едукацијата на најмладите можам најсилно да влијаам и да ја пренесам љубовта кон природата“, вели таа.

Во годините што следеле, работела во Природно-научниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ и во Националниот парк Галичица, спроведувајќи низа едукативни програми. „Без разлика на работното место, децата секогаш беа дел од мојата приказна. Секојпат се трудам љубовта што ја чувствувам кон природата да им ја пренесам ним“, нагласува таа.


Преминот од институции кон независна мисија

По завршувањето на институционалната работа, Ангела почувствувала дека нешто во неа сè уште „чека да се роди“. „Сфатив дека мојата мисија не завршува таму, туку напротив – токму тогаш започна да добива појасна форма“, вели таа.

Најсилниот поттик го добивала од децата:
„Имаше многу моменти кои ме инспирираат, но најсилниот поттик доаѓа токму од децата. Тие ми се најголема инспирација, ние сме како една голема фамилија.“

Така започнала да организира самостојни работилници на отворено, а денес е активна преку Здружението „Биодиверзитет за сите“. „Мојата мисија е да поттикнам што повеќе деца да ја запознаат природата, да ги научам како да ја сакаат, почитуваат и заштитуваат.“


Што се случува на работилниците?

Во само два месеци, преку нејзините работилници поминале над 100 деца. Најчесто ги реализира во Охрид и Струга. „Работилниците во природа се полни со енергија, смеа и љубопитност“, објаснува Ангела.

Секоја активност е осмислена како мала авантура.
„Почнуваме со активности за загревање и будење на сетилата: слушаме звуци, мирисаме, допираме, набљудуваме“, вели таа.



Децата се охрабруваат да набљудуваат инсекти, полжави, жаби, птици, растенија – и учат дека сè има своја улога.
После тоа следуваат истражувачки задачи. „Откриваме траги од животни, споредуваме лисја и плодови, учиме како да препознаеме дрвја и како да се однесуваме во шума или покрај вода.“
Ангела секогаш дозволува просторот да биде „нивно поле за слобода“.

Има дел што им е омилен: „Задолжителна ни е ужината во природа. Сакам децата да ги откриваат вистинските вредности – дека не ни е потребен скап ресторан или скапа играчка за да сме среќни.“


Како реагираат децата?

„Најмногу уживаат во истражувањето, ловењето инсекти и откривањето на мали ‘тајни’ во природата“, раскажува Ангела.

Новите пријателства, смеата и слободата ги прават децата да заминат со насмевка и неизбежното прашање:
„Кога ќе биде следната авантура?“

Предизвици и скептицизам

Иако интересот расте, Ангела вели дека процесот оди бавно.
„Кај нас сè што е ново не се прифаќа лесно, а често е полесно детето да се остави во затворен простор отколку да му се дозволи да трча надвор“, објаснува таа.

Училиштата се уште потешки за вклучување: „На прсти се бројат наставниците и професорите кои навистина се заинтересирани за воннаставни активности во природа.“

Предизвиците секогаш одат со голема одговорност:
„Секое дете ми е како свое. Љубовта кон работата ме води да бидам трпелива, внимателна и креативна со секоја група.“


Македонија и Европа – каде сме?

Кога ја споредува Македонија со земји како Словенија, Ангела е искрена:
„За да бидеме како Словенија, првин треба да почнеме да си ја сакаме и цениме природата, а возрасните да бидат пример.“

Споменува случаи каде воспитувачи пред деца фрлаат пикавци од цигари– „тоа се спротивни пораки“.

Но верува дека Македонија има потенцијал:
„Природата ни е богата и разновидна – проблемот не е во природата, туку во системот и навиките.“

За да се развие модел на „учење во природа“, таа вели дека потребни се:
– системски промени
– обучени наставници
– инфраструктура
– поддршка од родители

Како најинспиративни примери ги издвојува Шведска и Норвешка, каде учењето во природа е дел од секојдневието.


Зошто е толку важна природата?

Од научен аспект, Ангела е категорична:
„Престојот во природа значајно го подобрува вниманието и концентрацијата кај децата, ја намалува анксиозноста, го подобрува менталното здравје и ја буди љубопитноста.“

Таа додава дека денешните деца сѐ се подалеку од традицијата и природните искуства:
„Кога ќе прашам што живее на планина кај нас, добивам одговори како ‘слон’ или ‘мајмун’. Тоа покажува колку ги губиме основните вредности.“

Според неа, природата нуди нешто што ниедна училница не може:
„Можност за директно искуство, игра со сите сетила, слобода и креативност.“


Иднина и планови

Ангела гледа надеж. „Полека се менуваат работите“, вели таа, додавајќи дека веќе има иницијативи што ја внесуваат природата во наставата.

Моментално главниот фокус ѝ е Охридскиот регион, но истакнува:
„Доколку има интерес, не би одбила да продолжам и во други градови. Мојата цел е што поголем број деца да станат еколошки свесни.“


Порака до децата на денешницата

„Би им посакала да ја откријат магијата на природата, да истражуваат, да играат и да учат од светот околу нив, бидејќи вистинските чуда се случуваат надвор од екранот.“

Текстот го завршува со мислата на Сер Дејвид Атенборо:
„If children don't grow up knowing about nature and appreciating it, they will not understand it… and if they don’t protect it – who will?“


ИРЕНА СТАВРОВА

ФОТО: Приватна архива