„Интервенции со човечки жртви се најтешки, секоја таква ситуација погодува – како човек не како професионалец“: Интервју со пожарникарот Тони Пигуловиќ

Тони Пигуловиќ е пожарникар со шестгодишно искуство, човек кој секојдневно ја живее својата професија со храброст, посветеност и човечност. Неговата работа не е само професија, туку повик — повик кој подразбира пожртвуваност, постојана подготвеност и бескрајна храброст. Бидејќи да се биде пожарникар значи многу повеќе од гасење пожари — тоа значи учество во најразлични интервенции, спасување човечки животи и помош на заедницата во најтешките мигови. Оваа професија е истовремено и ризична и благодарна: ризична, бидејќи секоја интервенција може да биде борба со животот, а благодарна, затоа што со секое успешно спасување, пожарникарот добива најскапоцената награда — спасен живот и благодарноста на луѓето.
Тони го покажа токму тоа за време на страотниот пожар што ја зафати општината Чучер Сандево, борејќи се со пламените јазици полни 48 часа, рамо до рамо со мештаните. Тоа не беше само уште една интервенција — тоа беше вистинска демонстрација на храброст, човечност и солидарност.
Зад секоја униформа стои приказна, а зад секој пожарникар — повик што тлее уште од детството. Така започнува и животната патека на Тони Пигуловиќ, кој не станал пожарникар по случајност, туку поради длабоко вкоренета желба да биде дел од нешто поголемо, нешто што има вистинско значење. Неговата инспирација не дошла преку ноќ, туку растела низ годините, хранета со восхитот кон храбрите луѓе кои одат таму каде што сите други бегаат. За него, пожарникарството никогаш не било само професија – тоа отсекогаш било начин на живот, обврска кон заедницата и израз на човечност.
- Одлуката да станам пожарникар не беше спонтана, туку растеше со мене низ годините. Уште како дете се восхитував на храбрите луѓе кои без двоумење влегуваат таму од каде сите други бегаат. Пожарникарите за мене беа симбол на сила, пожртвуваност и хуманост.
Пресуден момент беше кога, како тинејџер, гледав како пожар зафати куќа во нашето соседство. Бев потресен од сцената, но уште повеќе импресиониран од решителноста со која пожарникарите дејствуваа. Не размислуваа за опасноста – нивната цел беше да спасат. Тогаш прв пат во себе го почувствував повикот: „И јас сакам да бидам еден од нив.“
Со тек на време, тој повик стана моја цел. Се пријавив на конкурсот за пожарникари, поминав низ сите селекции, физички и ментални предизвици, како и курсеви и обуки за пожарникари, благодарејќи на сето ова научив дека оваа професија бара многу повеќе од храброст. Бара срце, истрајност и тимска доверба. Понекогаш се соочуваме со опасни ситуации, но секогаш ме води мислата дека зад секое наше дејствие стои нечиј живот, нечија надеж.
Ме мотивира чувството дека правам нешто значајно – дека сум дел од заедница која се грижи и помага. Да бидеш пожарникар значи да бидеш таму кога е најтешко, да внесеш мир среде хаос, и да бидеш силата на која другите се потпираат.
Ова не е само работа – ова е начин на живот.
Да се биде пожарникар значи да се биде постојано подготвен – не само физички, туку и ментално, за секој можен исход. Работниот ден не започнува со рутина, туку со будна подготвеност и прецизна организација. Нема простор за импровизации кога станува збор за човечки животи. Иако денот може да почне мирно, тој никогаш не е предвидлив – секоја интервенција носи нов предизвик, нова приказна.
- Работниот ден кај нас не започнува со утринско кафе и компјутер, туку со подготвеност за сè – од обична интервенција до живото загрозувачка ситуација. Кога стигнуваме на работа, првото нешто што го правиме е распоредување – кој пожарникар на кое возило ќе биде распореден. Ова е важен момент, бидејќи ја одредува брзината и ефикасноста на нашата реакција во критични ситуации.
Потоа следува проверка на опремата и возилата. Секој детаљ мора да биде функционален – од заштитната облека, преку алатите, до секој сантиметар од возилото. Немаме простор за грешка.
Често правиме и вежби – симулации на различни интервенции, кои ни помагаат да останеме подготвени. Во нашата професија, не постои рутина. Денот може да биде мирен, но ноќта да донесе неколку пожари, сообраќајни несреќи или спасувачки мисии, како и обратно ноќта мирна, а денот со многу интервенции.
Нај непредвидливо е токму тоа – никогаш не знаеш што ќе донесе следниот миг. Еден момент може да спасуваме заглавено лице во лифт, друг пат – домашно милениче од покрив. Работата е тешка, но и неверојатно човечна.
Секоја смена е нова приказна. А секоја интервенција – потсетник зошто сме тука: да помагаме.
Пожарникарството не е само професија – тоа е секојдневен избор да се ставиш себеси во опасност за да спасиш друг. Зад секоја интервенција се кријат ризици, физички напори и моменти што го тестираат човечкиот дух, но и длабока посветеност која не познава страв кога станува збор за спасување живот.
- Работата на пожарникар не е обична работа — таа е избор да го ставиш животот на линија за да спасиш туѓ. Секој ден кога ја облекуваме униформата, ние свесно влегуваме во ситуации полни со ризици. И тоа го правиме без двоумење.
Најчестиот ризик е вдишувањето на чад и отровни гасови – дури и со заштитна опрема, телото го чувствува тоа. Изгореници, исеченици, повреди од падови или од уривање на конструкции се дел од секоја интервенција. Понекогаш работиме во темнина, со ограничена видливост, под притисок на време и опасност.
Многу луѓе не знаат дека не се соочуваме само со пожари. Извлекуваме луѓе заглавени во автомобили, лифтови … спасуваме миленичиња, деца, стари лица. Во такви мигови, ние не размислуваме за себеси – размислуваме само како побрзо да помогнеме.
Сме влегле во станови исполнети со густ чад, каде што дишеш тешко, а срцето ти чука брзо. Сме ризикувале да бидеме повредени од експлозии, паѓање на предмети, или непредвидли во однесување на огнот. И секогаш знаеме – може да биде последна интервенција.
Но, и покрај сè, оваа работа ја сакаме. Затоа што секој спасен живот, секое „благодарам“ од исплашено лице, секоја прегратка потешка ноќ – вреди повеќе од сè.
Ние го жртвуваме нашето спокојство за некој друг повторно да може да се врати дома.
Во кариерата на секој пожарникар постојат интервенции кои никогаш не се забораваат — моменти кога животот виси на конец, а секоја одлука е пресудна. Неколку од тие искуства длабоко се врежани во сеќавањето, не само поради ризикот, туку и поради храброста, солидарноста и човечноста што во тие тешки мигови.
- Првата беше интервенција во една 10-катница во Чаир, кога се запали магацин кој се наоѓаше во подрумот на зградата. Поради густ чад и ризик од ширење на огнот, ситуацијата беше многу критична. Со помош на противпожарното возило со скала успеав да евакуирам над 60 жители. За среќа, интервенцијата заврши успешно – немаше повредени, ниту човечки жртви.
Втората беше голем пожар во објект на Македонски железници, каде што гореа повеќе од 30 патнички вагони. Таму се соочивме со реална закана – постоеше опасност целата кровна конструкција да падне врз нас. Работевме внимателно и пожртвувано, но под постојан ризик.
Последната, и можеби најемотивната за мене, беше пожарот во мојата родна општина – Чучер Сандево. Заедно со моите колеги и мештаните се боревме три дена со големи огнени јазици кои достигнуваа и до 15 метри. Температурата беше исклучително висока, а чадот густ и задушувачки. Но, не се откажавме.
Секоја од овие интервенции беше опасна и бараше максимална пожртвуваност. Но, токму тие моменти го потврдуваат зошто сум станал пожарникар – за да спасувам, дури и кога е најтешко.
Стресот е неизбежен дел од работата како пожарникар, но со текот на времето учат како да се носат со него.
- Стресот и напнатоста се постојан дел од нашата работа, но со тек на време учиме да останеме смирени. Се фокусираме на задачата, се потпираме еден на друг како тим и секогаш размислуваме чекор напред. По интервенциите, разговорите со колегите и поддршка од семејството ми помагаат најмногу. Пожарникарството бара физичка и психолошка издржливост. Мораш да бидеш во добра кондиција за да можеш да реагираш брзо, да носиш опрема и да издржиш во екстремни услови. Но, исто толку важна е и психичката сила – да останеш смирен под притисок, да носиш одговорност и да се справиш со тешки слики и ситуации. Секоја интервенција е борба со телото и со умот.
Некои интервенции не се забораваат никогаш — не поради опасноста, туку поради емоцијата што ја носат. Една таква му е длабоко врежана на Тони длабоко во срцето.
- Постојат многу ситуации што ми останале во сеќавање, но една никогаш нема да ја заборавам.
Интервенцијата каде требаше да симнеме девојче кое се качило на вагон од воз што се движи на електрична енергија. Доаѓаш, а не можеш да направиш ништо … Прво се ставаш во улога на родител, па дури потоа како пожарникар. Девојчето беше на возраст како мојата постара ќерка. Пострашна и пожална слика не сум видел. Тие моменти засекогаш ти остануваат во душата.
Во пожарникарската професија, најтешко е кога се соочуваат со човечки загуби. Тоа се моменти кои длабоко допираат и остануваат засекогаш.
- Искрено, тоа се најтешки моменти во нашата работа. Не постои тренинг што те подготвува за глетки со човечки жртви. Секоја таква ситуација те погодува – како човек не како професионалец. Особено кога жртвата е дете или млад човек … тие слики долго остануваат во тебе. Се трудиш да останеш силен, но ја носиш таа тежина со себе.
Пожарникарството носи моменти кога животот е во директна опасност. Во некои ситуации, една секунда или мал пропуст може да биде кобен. Но, дури и тогаш, не отстапуваат – се потпираат еден на друг и продолжуваат како тим.
- Имало моменти кога сум се почувствувал во сериозна животна опасност – и јас и моите колеги. Во некои интервенции, буквално секунда или погрешен чекор може да значи трагедија. Пожари со ризик од уривање, експлозии, густ чад, високи температури. Тоа се ситуации каде животот ти виси на конец. Но и покрај тоа не се откажуваме се чуваме еден со друг, работиме како тим и секогаш се бориме до крај.
Да се биде пожарникар не значи само храброст – туку и постојана обука, подготовка и учење. Професијата бара сила, знаење и стабилност во секоја ситуација.
- За да станеш професионален пожарникар, потребна е сериозни темелна обука – и физичка и теоретска. Се учи работа со опрема, гасење пожари, спасување од височини, интервенции во сообраќајки, прва помош и работа под притисок. Потребна е одлична физичка кондиција, психолошка стабилност и тимска подготвеност. Обуката не завршува никогаш – постојано се усовршуваме, бидејќи секоја интервенција бара различни вештини.
Тимската доверба е клучна во пожарникарската професија. Само кога се обединети како семејство, може да се справат со сите опасности и предизвици.
- Тимската работа и меѓусебната доверба се основа на нашата професија. Без нив – нема успешна интервенција. Во секој момент мораш да бидеш сигурен дека колегата до тебе ќе ти го чува грбот, исто како што и ти го чуваш неговиот. Работиме во опасни и непредвидливи услови, и затоа мораме да функционираме како едно. Тоа што сме како семејство меѓу себе, ни дава сила и сигурност да издржиме и во најтешките моменти.
Професијата пожарникар носи големи предизвици кои се одразуваат не само на работното место, туку и на семејниот и приватниот живот. Долгите и неизвесни 12-часовни смени, работата во празници и викенди, и постојаната загриженост за сопствениот живот создаваат огромен емоционален товар и за пожарникарите и за нивните најблиски.
- Работата на пожарникар многу влијае врз семејниот и приватниот живот. Работиме во 12-часовни смени – дневна и ноќна, и тоа не зависи од датум или ден. Често сме на работа и за викенди и за празници, кога другите се со семејствата. Заминуваш на работа, а не знаеш што те чека и дали ќе се вратиш безбедно. Тоа носи голем емоционален товар – и за нас, и за нашите најблиски.
Особено тешко ми беше за време на пожарите што го зафатија мојот роден крај мојата општина Чучер Сандево. Моето семејство беше под голем стрес. Тешко ми паѓаше кога ќе ми се јавеа – сопругата, мајка ми, сестра ми … сите загрижени, сите со страв во гласот.
А најтешко од сè беше кога ќе ми се јавеа моите две ќерки и ќе прашаа:
„Тато, каква е ситуацијата? Гори ли уште? А кога ќе дојдеш дома?“
Добивав и повици од моите роднини во село Чучер, каде огнот се ширеше многу брзо. Стравуваа за своите домови, за своите животи. Сите бараа помош, а ти веќе си таму и даваш сè од себе.
Најемотивниот момент беше кога мојата 18-годишна ќерка дојде на местото на пожарот – заедно со нејзините другари. Дојдоа да ме видат, да се увери дека сум жив и добар, бидејќи не можев да ѝ се јавам на телефон. Донесоа и вода за мене за колегите за мештаните кои беа дел од гаснењето на големиот пожар – еден мал, но голем гест што никогаш нема да го заборавам.
Во такви моменти најсилно ја чувствуваш тежината и одговорноста на оваа професија. А без поддршката од семејството – оваа работа би била многу потешка, ако не и невозможна.
Интервенциите што траат со часови не го тестираат само телото, туку и умот. Во овие моменти, психолошката стабилност е подеднакво важна како и физичката сила, бидејќи од секоја одлука зависи животот на луѓето.
- Интервенција што траеше повеќе од 48 часа. Тоа не е само физички напорно, туку и психолошки исцрпувачки.
Во такви моменти телото може да издржи, но умот мора да остане прибран. Секој чекор, секоја одлука може да спаси или загрози живот. Затоа психолошката подготвеност е подеднакво важна како и физичката. Мораш да бидеш фокусиран, смирен и да не дозволиш стравот или заморот да те победат.
Пожарникарот не само што треба да има сила – туку и ум којзнае да се контролира во најтешките ситуации.
Пожарникарството е повик кој бара срце полно со желба за помош, дисциплина и човечност. Ова не е само работа, туку начин на живот, исполнет со предизвици, но и со голема награда – чувството дека си направил разлика.
- Мојот совет до сите млади што сакаат да бидат пожарникари е: ако срцето ви вели „помагај“, тогаш оваа професија е за вас.
Пожарникарството не е само работа – тоа е начин на живот. Бара пожртвуваност, дисциплина, физичка и психичка сила, но пред сè – човечност. Ќе има тешки моменти, но и моменти што ќе ви го исполнат срцето како ништо друго.
Не се станува пожарникар за да се биде херој, туку за да се биде човек – подготвен да помогне кога е најтешко.
Ако го носите тоа во себе – само тргнете напред. Ќе бидете горди што сте го направиле тој избор.
Габриела Додевска Глигоровска