Интервју Наташа Миха: „Најголемата слобода е да бидеш своја – и во музиката, и во животот“

Добивај вести на Viber

Таа е пејачка, вокален педагог и универзитетски професор. Позната по својот сестран музички израз и искрен пристап кон уметноста, Наташа Миха е пример за жена која успешно ги спојува љубовта кон музиката и професионалноста, без да ја заборави важноста на личниот баланс и менталната благосостојба.

Во ова искрено интервју за нашиот магазин, Наташа ни открива како изгледа еден нејзин ден, кои се најголемите предизвици во музичката индустрија, како ја одржува својата креативност – и како секој од нас може да блесне на свој начин.


ЖМ: Наташа, Ти си пејачка, вокален педагог и универзитетски професор. Како изгледа еден твој типичен ден?

- Моето секојдневие е динамично и исполнето со различни обврски и ангажмани. Но и покрај професионалните ангажмани, се трудам секој ден да ми е започнат со обилен доручек и црно кафе. Кафето преферирам да го пијам во апсолутна тишина, и во тоа време го проверувам својот календар и си го организирам денот.

Најчесто, деновите ги делам во денови за креативна работа, дали тоа било работа во студио или подготовка за некој настап, и денови за едукација и држење предавања на студенти, како и работа со пејачи од нашата сцена.

Понекогаш, поради недостиг на време се случува во еден ден да ме чека некаков проект во студио и дополнително да имам закажани предавања. Тогаш вешто ја менувам улогата на уметник во професор и обратно,иако станува збор за целосно менување на начинот на размислување и делување.

Откако ќе ги завршам обврските, денот го посветувам на мојот сопруг или на моите најблиски. Од време на време, сакам долги прошетки или убаво поминато време со пријатели.


ЖМ: Кога и како се роди твојата љубов кон џезот?

- Музиката и пеењето се дел од моето секојдневие уште од најмали нозе. Иако не потекнувам од музичка фамилија, во моето семејство сите се музикални, и дома музиката и пеењето и ден денес се застапени речиси секојдневно.

Прва љубов ми е хорското пеење и класичната музика, односно соло-пеењето кое го изучував долги години. Џезот беше тука постојано, со оглед на сродноста со класичната музика. Откако дипломирав и магистрирав вокална интерпретација, се насочив кон изучување на различни техники на пеење кои се застапени во поп и рок сцената.

Од академски аспект, осврнувањето кон џезот како професор по џез пеење за мене е многу логично поради основата, знаењето и искуството кои ги имам и кои совршето се вклопуваат во тој жанр. Сепак, креативно најмногу се пронаоѓам во поп и рок музиката, каде што најдобро можам да се изразам. Сметам дека тоа најмногу ми одговара со карактерот и тоа е она што слушателите најчесто имаат можност да го слушнат од мене.


ЖМ: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како жена во музичката индустрија?

- Како личност која што се стреми кон врвен професионализам, ми претставува задоволсто и вистински предизвик да создавам квалитетни музички дела и да ги интерпретирам на високо ниво. Предизвик ми е да сум во чекор со светските музички трендови и да нудам нешто поразллично од мејнстримот на македонската сцена.

Луѓето кај нас сакаат да ставаат работи во кутија, па мојот предизвик е да сум онаа личност (жена) која не може да се стави во само една рамка. За мене, најголем предизвик, во позитивна смисла, е целосното ослободување на себе си. Да се постигне слободата на своето битие и истата да се преточи и во работата, без влијанието на туѓите мислења и предрасуди.


ЖМ: Како ја одржуваш мотивацијата и креативноста во време на професионален замор или креативна блокада?

- Првенствено, многу сум среќна што мојата професија никогаш не ми претставува терет и го немам чувството на „одење на работа“ во класична смисла. Со оглед на слободата која што ја имам за организација на своето време, го користам било кој период од денот доколку имам наплив на инспирација и креативност, и материјалот кој го создавам во таквите моменти – преферирам да го зачувам и класифицирам. Кога поради замор или креативна исцрпеност чувствувам блокада во творење, тогаш посегнувам по она што претходно го имам создадено и ми стои во фиока. Секако, од време на време знам да си дадам квалитетен одмор.


ЖМ: Кој настап или проект ти е најдраг и зошто?

- Во текот на мојата кариера сум била инволвирана во многу различни проекти и сум настапувала на различни настани. Од проекти, би го издвоила мојот студиски албум „10 Љубови“ како еден од најдрагите, како и EP-то „Exposure“ кое го создадовме со бендот Station: Innermost. Паралелно, како позначајни настапи би ги набројала “Natasha Miha in Blues” на Скопскиот Blues & Soul Festival, „Наташа Миха трио“ на Охридскиот Џез Фестивал кој се одржа лани во црквата Св. Софија во Охрид. Би ги спомнала Џез концертите во Ханџо, Кина кои се одржаа во рамките наЖеџијанг  Конзерваториум за Музика 2023 и 2024, како и концертот на “Station: Innermost” како предгрупа на Deep Purple во Скопје.


Личен живот и баланс

ЖМ: Како успеваш да го одржиш балансот помеѓу професионалните обврски и приватниот живот?

Многу лесно. Со добра организација и добар партнер – се е возможно.


ЖМ: Што те исполнува надвор од музиката? Имаш ли хоби или активности што ти помагаат да се релаксираш?

- Практикувам различни активности, почнувајќи од рутини за лична нега, вежбање фитнес или пешачење на Водно, одгледување собни растенија, пишување текстови.. Понекогаш, доволно ми е и само да си поседам во мир и тишина, така го одржувам личниот спокој


ЖМ: Кои се твоите мали ритуали за ментално здравје и благосостојба?

- Ширењето позитивна енергија и љубов. Оние кои добро ме познаваат знаат дека имам одлична смисла за хумор. Сакам да танцувам на омилените песни, сакам да се смеам на своите досетки, сакам да ги забавувам луѓето околу мене. Би го издвоила и времето поминато со себе сама како клучна основа за одржувањето на моето ментално здравје и благосостојба, па макар тоа биле и само 15мин во текот на денот.

Убавина и нега

ЖМ: Како ја одржуваш својата вокална форма и здравјето на гласот?

- Да се биде професионален пејач е подеднакво тешко и напорно како и да се биде професионален спортист. Бара голема посветеност и дисциплина. Секојдневните вежби за распевање и техничко одржување на гласот, како и добрата исхрана и квалитетниот сон се оние нешта кои ми помагаат мојот глас да е во добра форма.


ЖМ: Имаш ли омилени производи или третмани за нега на кожата и косата?

- Мислам дека не постои жена на светот која не посеедува некој омилен производ за нега и убавина. За време на мојот последен престој во Кина, успеав да си набавам корејска и јапонска козметика која сеуште ја користам и сум многу задоволна од резултатите. Би ја издвоила Tsubakipremium care маската за коса која негува и потхранува и ми помага да ја одржувам косата здрава и долга. Долго време ги користам коректорите на Artdeco, палетите на Maybeline и маскарите на L’oreal.


ЖМ: Која е твојата тајна за одржување на енергијата и изгледот, особено пред настапи?

- Генерално сум многу позитивна личност и сум спортски активна. Секогаш се трудам да споделувам убава енергија со луѓето околу мене, и ја користам секоја прилика слободно време да се посветам на вежбање. Мислам дека тоа игра голема улога на целовкупното чувство за себе, и позитивно се рефлектира и на самиот изглед на секој човек. А, кога станува збор за настапи, секојпат преферирам да имам барем неколку часови за мене, по можност и цел ден. Во тие моменти се концентрирам, медитирам и акумулирам енергија кога подоцна несебично ја споделувам со мојата публика.

Инспирација и совети

ЖМ: Кој е најдобриот совет што си го добила во животот и кој ти помогнал во кариерата?

- „На волкот му е дебел вратот затоа што сам си ја брка работата“ ми кажа еден чичко, чувар во музејот на град Скопје, кога во 2016та го организирав својот мултимедијален рецитал. Од тогаш, тие зборови заглавија во мојот ум и ми се постојана водилка. Мојот сопруг, Дамир, е моја постојана потпора и ветер во грб. Ние и двајцата меѓусебно сме си мотивација и поддршка. Нормално, тука е и поддршката на моето семејство и моите пријатели.


ЖМ: Што би им порачала на младите жени кои сакаат да се пробијат во светот на музиката или уметноста?

- Да се ослободат од предрасудите на општеството и да се храбри. Да работат на себе и да се надградуваат. Секој ја носи сопствената светлина, па - нека дозволат таа силно да блесне.

ЖМ: Кои се твоите идни планови и соништа што сè уште сакаш да ги оствариш?

- Велат кога соништата и плановите се споделуваат, не се остваруваат. Затоа, кога ќе дојде време, ќе оставам моите делата да зборуваат за мене.



Разговараше Ирена Ставрова