Интервју со Д-р Маја Кирјас: „Да бидеш лекар значи да избираш храброст, дури и кога ти е страв“

Добивај вести на Viber

Во светот на медицината, ретко се среќава комбинација на стручност, иновација и хуманост што остава длабока трага – но токму таков впечаток остава Прим. Спец. Д-р Маја Кирјас, оториноларинголошки хирург на Универзитетската клиника за уво, нос и грло. Прва во Македонија што ја воведе методата на радио-фреквентна коблација, д-р Кирјас е жена со визија, стабилност и длабока љубов кон професијата. Во искрено интервју зборува за своите почетоци, најголемите предизвици, ритуалите за одмор и нега – но и за убавината која, како што вели, доаѓа одвнатре.

Маја Кирјас - оториноларинголошки хирург на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје, во интервју за нашиот магазин открива како изгледа нејзиното секојдневие во белиот мантил, како се полни со енергија по напорен ден, кои се нејзините мали ритуали за убавина, но и зошто верува дека убавината не доаѓа од шминката – туку од душата.

Од детски сон до медицински врвови

„Медицината беше моја желба уште од дете,“ вели Д-р Кирјас. Иако нејзините родители, интелектуалци по професија, се обиделе да ја насочат кон други патеки, нејзината решеност ја водела до успехот. Интересно е што нејзината втора желба била криминалистика, што дополнително ја истакнува нејзината страст за разбирање и помагање на луѓето. Си го послушала срцето и повеќе од 25 години плови во медицината.


Случајна специјализација што стана судбина

Иако не планирала да стане оториноларинголог, околностите ја довеле до оваа специјалност. „Судбината ми ја одбра вистинската патека,“ признава. Денес, таа е пионер во својата област, воведувајќи нови методи и техники кои го подобруваат квалитетот на животот на нејзините пациенти.

Работата е полесна со вистински тим

Секој нејзин работен ден започнува со кафе и разговор со колегите – нешто што, според неа, е клучно за добар работен амбиент. 

„Првото кафе го пијам со моите колеги. Често слушам  дека не се чувствуваат пријатно на своето работно место – нема полошо чувство. Колективот во кој сум од 1997 година за мене е едно големо семејство. Оперативните интервенции, амбулантата, дежурствата – сѐ е поинакво, поубаво, кога знаете дека работите со тим кој е компактен. Убаво е кога со дел од нив можете да споделите радост, но и тага“, вели таа.

Широк спектар на патологии – и одговорност

„Ние не сме само ‘лекари за уво, нос и грло’ – нашата специјалност е и хирургија на глава и врат,“ потенцира таа. 

Секој ден се среќава со најразлични случаи – од крајници, до тумори и повреди.

За митовите и потценувањето на симптомите

„Ниту една болест не смее да се потцени. Навремена дијагноза може да спаси живот,“ предупредува таа, особено во време кога многумина сами си поставуваат дијагноза или игнорираат симптоми.


Баланс помеѓу професијата и личниот живот

И покрај напорната работа д-р Кирјас, наоѓа време за себе преку музика, природа и моменти со семејството.

„Секоја професија е тешка, но медицината е професија што психолошки ве исцрпува. Физичкиот замор можам да го занемарам, но психичкиот – не. Никој не оди кај лекар од убавина. За да ги „оттргнете“ мислите од она што сте го работеле, мора да сте стабилни и силни. Најдобар лек за мене е музиката, дружењето со позитивни луѓе, поглед во зеленило, природа, вода“ - ни открива докторка Кирјас додавајќи.

„Ретко се случува да спијам по 24-часовно дежурство. Всушност, и не знам кој ден не ми е напорен. Сакам кога ќе влезам во мојот дом да ги видам насмеани лицата на моите најблиски. Убавата енергија ми е потребна. Кафе во пријатен амбиент, купување ситница – сето тоа знае да ми го разубави денот. Всушност, среќата е во ситните нешта. Семејството, мојата ќерка која неверојатно брзо знае да ми го крене расположението. Мојот брат, мајка-заедничката смеа е незаменлива. Пријателствата почнав да ги редуцирам – не секој заслужува да му се предадете. Не ги сакам луѓето што ве сакаат само кога сте среќни“, истакнува таа.

Нега и стил: едноставност со елеганција

Д-р Кирјас верува во природната убавина и редовната нега. Користи производи од „Neutrogena“ и ја одржува својата кожа хидрирана и чиста.

 „Не верувам во креми од 300 евра – верувам во редовна хидратација, чиста кожa,“ вели таа. Нејзиниот стил е спортско-елегантен, со внимание на детали како накит и марами кои ја истакнуваат нејзината индивидуалност.

-Верувам дека стилот треба да зборува за личноста, а не обратно. Затоа внимавам на детали – накит, очила,интересна чанта или марама. Тие се тие „зачини“ што ја даваат посебноста. Сакам комбинации кои ја истакнуваат самодовербата, но не се наметливи. Исто така, често знам да избирам храбри бои – тие зборуваат за мојата сила и храброст во карактерот.  Секој бренд носи своја приказна и емоција. Најважно е како ќе го искомбинираш парчето, не чие име стои на него. Често ги бирам оние модни парчиња што во себе носат автентичност, нешто што ќе го почувствувам како „мое“ уште кога ќе го видам. Сакам комбинации што се интересни, но не наметливи“- вели оваа дама, која меѓудругото се држи до ставот: Да не дозволиш облеката да те носи тебе – ти носи ја неа. Не ми се допаѓа кога брендот „вика“ повеќе од личноста. Стилот е тивка, но моќна порака за тоа кој си – затоа секогаш се водам по чувството,а не по цената. 

Инспирација за идните генерации

На младите девојки кои сакаат да станат лекари, таа им порачува: „Може да бидеш лекар и покрај стравот. Важно е како се соочуваш со него.“ Нејзината порака е јасна – со решеност, емпатија и автентичност, секоја жена може да постигне големи нешта.

Инспирацијата никогаш не ми доаѓала од една личност. Немам идол или некој на кој сум сакала да наликувам. Своја сум. Секогаш сум се водела по мојата интуиција, по мојот внатрешен глас, дури и кога ми било најтешко. Но, ако размислам подлабоко – сите жени кои во моите очи биле успешни,имале поддршка зад себе. 

Ако говорам за себе секогаш сама сум се борела ,сум газела по својот пат со сопствени чекори, и не бил поплочен и лесен истиот. 

Како професионалец, инспирација ми биле и пациентите. Нивната борба, нивната доверба, нивната благодарност. Ништо не ве учи на сочувство, трпение и сила како медицината“ , истакнува Д-р Маја Кирјас . 


Брзи блиц прашања:

Утро или вечер?

– Вечер. Тогаш светот се смирува. Буката и обврските полека се повлекуваат, оставајќи простор за тишина и размислување. Ѕвездите и месечината се потсетник дека и во најголемата темнина – светлината сјае.

Парфем што секогаш ве потсетува на нешто убаво?

– „Abercrombie & Fitch“. Ме потсетува на времето поминато со брат ми и ќерка ми во Лондон. Сè уште го паметам чувството кога ќе поминев покрај таа продавница и свежината на парфемот.

Последна книга што ве инспирираше?

– „Ти си моќен“ од Луиз Хеј. Нејзините книги се полни со афирмации, љубов кон себе и мудри совети. Жената имала живот исполнет со предизвици, но не се откажала. Емоциите, негативните мисли и траумите – се причина за многу болести.

Без што никогаш не излегувате од дома?

– Без голема чанта – налик на мала трафика! 

Омилен цитат?

– „Среќата не зависи од околностите, туку од твоето размислување.“ – Дејл Карнеги


Прим. Спец. Д-р Маја Кирјас е пример за тоа како професионализмот, страста и личниот интегритет можат да се спојат во една инспиративна приказна. Нејзиниот живот и кариера се потсетник дека вистинската сила лежи во останувањето верен на себе и во постојаната желба за напредок.



ИРЕНА СТАВРОВА