,

Истанбул е град што пулсира со живот и никогаш не мирува: Сања Савеска со впечатоци од патувањето

Добивај вести на Viber

Кога авионот слетал во Истанбул, водителката Сања Савеска веднаш почувствувала дека навлегува во сосема нова димензија. Првиот впечаток бил град што пулсира со живот – луѓе, коли, звуци и светла кои не престануваат ниту за миг. Атмосферата најмногу ја изненадила, бидејќи во еден момент гледаш древна џамија, а во следниот – модерен булевар со облакодери и бутици од светски брендови.

Истанбул, вели таа, изгледа уште поголем, побучен и повозбудлив од очекувањата. Босфорот ѝ оставил најсилен впечаток, а како вистинско откритие го открила десертот кјунефе. Турскиот чај со поглед кон мостовите и бродовите го опишува како ритуал кој те става во нов ритам на живеење.

„Истанбул е град на мостови – меѓу континенти, култури, религии и милион различни приказни. Секогаш има нешто ново да видиш и нов вкус да дегустираш. Тоа е град во кој сакаш да се враќаш,“ истакнува Савеска со која денес токму таму патуваме вирутелно.


ЖМ: Кој беше првиот впечаток кога слета во Истанбул?

  Кога авионот слета и ги видов првите делови од градот, имав чувство дека навлегувам во една сосема нова димензија. Уште на аеродромот се почувствува грандиозната страна на градот, динамиката и енергијата.

Првиот впечаток кога веќе навлегов во градот беше – огромен град, кој пулсира со живот. Сè се движи – луѓе, коли, звуци, светла. Веднаш почувствував дека ова е место кое никогаш не мирува.


ЖМ: Што те изненади најмногу – градот, луѓето или атмосферата?

  Најмногу ме изненади атмосферата. Луѓето се неверојатно гостопримливи, отворени и насмеани, но најсилно ме погоди тоа како Истанбул знае да биде и модерен и традиционален во исто време. Во еден момент гледаш древна џамија, а во следниот – модерен булевар со облакодери , ексклузивни ресторани и бутици од светски брендови.


ЖМ: Дали Истанбул изгледа онака како што си го замислуваше пред патувањето?

  Искрено, изгледаше уште поголем, побучен и повозбудлив од моите очекувања. Знаев дека е метропола, но не замислував дека ќе има толку многу енергија и динамика. Не претпоставував дека градот не спие и е раздвижено 24/7.

ЖМ: Кои места ги посети таму? Што ти остави најсилен впечаток и зошто?

- Овој пат имав поинакво искуство од вообичаеното – наместо класичните туристички знаменитости, посетував модерни хотели со панорамски поглед кон целиот град. Тоа е нов концепт кој денес сè повеќе го бараат туристите – да го доживеат Истанбул од височина, со спектакуларна глетка кон Босфорот и двата континента. Најсилен впечаток ми остави токму тој момент – градот под тебе, огромен, жив и мистичен. Неверојатни места, изградени и создадени за едно комплетно поинакво доживување на градот. Модерни хотели во кои е задржана автентичноста на традицијата и искомбинирана со модерното, хотели кои нашата публика ги препознава преку сцените од големите турски серии. Бев таму на покана на турскиот тур-оператор Картача Тур, кои навистина знаат да создадат искуство што го спојува модерното со автентичното лице на Истанбул.



ЖМ: Кој дел од градот ти се допадна најмногу?

  Босфорот. Тој дел ми изгледа како душата на Истанбул. Да седиш на брегот, со чај во рака и поглед кон мостовите и бродовите кои минуваат – тоа е доживување кое се врежува длабоко. Но, тука ќе го додадам и Таксим , место каде што современото и традиционалното се сретнуваат – додека шеташ по Истиклал и гледаш како поминува легендарниот црвен трамвај, чувствуваш дека си дел од приказната на Истанбул. Ме освои и Нишанташи , со  атмосферата – спојот на луксуз, мода и урбан живот, каде што секој агол изгледа како сцена од филм. Ортакој пак е магично катче покрај Босфор – со џамијата, шарените кафулиња и вкусниот kumpir, каде што се чувствуваш како да си дел од жива разгледница.


ЖМ: Кое турско јадење ти остави најсилен впечаток?

  Турската кујна е неисцрпна, но за мене вистинско откритие беше кјунефе. Комбинацијата на сирење, шербет и крцкавост е нешто сосема поинакво од нашите десерти. Тешко е да се опише со зборови, мора да се проба.


ЖМ: Дали проба турски чај или кафе на Босфор?

  Да, и тоа е момент кој ќе го паметам. Турскиот чај во мали стаклени чаши, со поглед кон Босфор – едноставно те става во некој друг ритам на живеење. Тоа не е само пијалок, туку ритуал.

ЖМ: Како ти изгледа турската кујна во споредба со македонската?

  Турската кујна е побогата со зачини и ароми, повеќе е слоевита. Но, има една заедничка нишка со македонската – топлината и семејниот дух. И двете кујни создаваат чувство на блискост и заедништво.

ЖМ: Што си купи како сувенир од Истанбул?

  Си купив рачно изработен филџан за кафе со традиционален турски мотив. Мал, но со големо значење – секогаш ќе ме потсетува на овој град додека го пијам своето утринско турско кафе.


ЖМ: Дали доживеа некое забавно или необично искуство со локалните продавачи?

  Да! Еден продавач, кога му кажав дека сум од Македонија, веднаш ми запеа македонска песна и инсистираше да ми даде попуст. Таква спонтаност и топлина ретко се среќава.

ЖМ: Како се снаоѓаше со транспортот во еден толку голем град?

  Транспортот во Истанбул е големо искуство сам по себе. Трамваите и метрото се навистина практични, но сообраќајот е хаотичен. Сепак, ако се научиш на нивниот ритам, многу лесно се движиш низ градот. Има безброј такси коли кои се исто така поволни .


ЖМ: Дали почувствува дека Истанбул е безбеден за туристи?

  Да, се чувствував безбедно, особено во туристичките делови. Нормално, како и во секоја метропола, треба да бидеш внимателен, но генерално атмосферата е пријателска и сигурна.

ЖМ: Ако треба со една реченица да го опишеш Истанбул, која би била?

- Истанбул е град на мостови – меѓу континенти, култури, религии и милион различни приказни.


ЖМ: Дали би се вратила повторно и зошто?

  Секако! Затоа што Истанбул е град кој не можеш да го доживееш целосно за едно патување. Секогаш има нешто ново да видиш, нова улица за истражување, нов вкус за дегустација. Тоа е град во кој сакаш да се враќаш.


Ирена Ставрова