„Како може жена во колична, да има нормален сопруг?“ Балканска инфлуенсерка со инвалидитет мета на брутални интернет напади

Во светот на социјалните мрежи каде совршенството е често нереално и исфилтрирано, Арбнора Елези е вистински пример за автентичност и храброст.
Таа е инфлуенсерка со ретка болест поради која коските ѝ се исклучително кршливи – состојба што ја прави неподвижна и висока нешто над еден метар. И покрај тежината на здравствената состојба, Арбнора со своите содржини на босански јазик инспирира илјадници следбеници од целиот регион на поранешна Југославија.
Арбнора во едно од своите интервјуа искрено раскажува дека досега доживеала над 200 фрактури на коските, а операционите сали ѝ се речиси како дневна соба. Нејзиниот живот е обележан со постојана физичка болка и медицински интервенции, но тоа не ја спречило да гради нормално секојдневие.
Таа е во среќен брак со сопруг без инвалидитет, кој е нејзина најголема поддршка, а заедно имаат ќерка за која Арбнора се грижи самостојно, иако користи инвалидска количка.
Преку социјалните мрежи, таа не само што го документира својот живот, туку гласно зборува за предрасудите и дискриминацијата што секојдневно ја доживува. Нејзината храброст не е само во справувањето со болеста, туку и во тоа што го отвора срцето и зборува за невидливите рани – зборовите што болат повеќе од фрактурите.
„Ме повредиле коментари повеќе отколку што некогаш ме повредиле скршени кости,“ вели таа. И додека ја користи својата платформа за едукација и подигање на свеста за лицата со инвалидитет, сè почесто е цел на интернет напади. Се појавуваат групи кои безобразно ја нарекуваат „измамничка“, ја обвинуват дека го користи инвалидитетот за лична добивка и ја преземаат нејзината содржина само за да ја омаловажат.
И покрај сè, Арбнора не се предава. Секоја објава, секој збор и секој кадар од нејзиното секојдневие ја пренесува пораката дека лицата со инвалидитет имаат право на љубов, на семејство, на креативност и на глас што се слуша. Нејзината борба е и борба на илјадници други кои се соочуваат со слични предизвици – борба против предрасудите, стигмата и невидливите бариери.
М.С.К