Падот на надстрешницата во Нови Сад му ги скрати плановите на генијалниот Васко Саздовски: Една година од ужасната трагедија во која загина и Македонец
Денеска се навршува една година од трагичната смрт на Васко Саздовски, македонскиот научник од Свети Николе, кој го загуби животот во несреќата на железничката станица во Нови Сад, кога се урна натстрешницата што го покриваше перонот.
Со неговата смрт, Македонија изгуби еден од своите највредни умови – човек со визија, знаење и искрена желба да ја промени својата земја на подобро.
Васко Саздовски беше доктор на науки, со диплома од престижниот Универзитет Кренфилд во Обединетото Кралство. Како првенец на генерација на Воената академија, тој од најмлади години се истакнуваше со интелигенција, труд и упорност.
По долгогодишно усовршување во странство, своето знаење сакаше да го вложи дома, во Македонија. Работеше на иновативни проекти во областа на агротехнологијата, меѓу кои и робот за одгледување стевија – идеја која, за жал, не доби поддршка од домашните институции.
Во моментот на несреќата, Саздовски работеше како научник во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што со посветеност го истражуваше спојот меѓу информатичките технологии и земјоделството. Колегите го опишуваат како тивок, скромен, но извонреден ум со големо срце.
Зад себе остави сопруга, две деца и бројни незавршени соништа – доказ дека Македонија изгуби не само научник, туку и човек кој ја сакаше својата земја повеќе од сè.