Кешбекот врати само уште една ненаучена лекција

Колку пати…!? ама колку само пати сме се излажале до сега дека конечно ќе ни биде полесно?
Дека после сите сметки, долгови, кредити и секојдневни грижи, конечно ќе се појави нешто што ќе не изненади позитивно.
Нешто што ќе ни врати дел од парите, од потрошеното, од надежта за подобар живот и дека и ние конечно можеме да бидеме дел од некоја попаметна економија?
Колку само пати сме биле вака превеслани жедни преку вода!?
Последната афера со кешбекот ни покажа по стоти пат колку е опасно да веруваме во бајки, во земја во која дури и најобичниот ден, може да биде борба за преживување.
Ах ,колку ми е тешко кога пишувам вакви работи. Од една страна толку многу ја разбирам таа лековерност, која е проткаена со таков човечки ентузијазам дека - “зошто да не, види колку умно зборува човекот, треба да му се верува.
Ене и брат ми вложи и комшијата и син му и сите. Ете и јас ќе вложам. И ќе ги дадам сите пари и ќе се позајмам ако треба, па и кредит ќе земам. Се само за поарно“.
А од друга страна ми се иде сите тие луѓе да ги фатам за уши и да ги измкнам и да им речам, како бе можеше да бидеш толку глуп а!? Како !? И како мислеше дека така без работа и без ништо да правиш можеш да заработиш!? Ах леле… Душата ми се кине кога сум вака поделена.
Се разбира дека и мене ми дојдоа во дуќан. Се разбира дека и јас бев на дел од секундата да се фатам за џеб и да пукнам пет иљади евра.
Ми светна оној момент кога сфатив дека треба да потрошам сто илјади, за да ги вратам тие пет. Господ ме сочува во тој момент. И маж ми кој рече “Ај не се глупирај“.
Феноменот во оваа приказна, односно болниот феномен е како успеваат да ги најдат оние кои ќе ги прелажат. Ма зборувам глупости. Не е ова тешко. Одиш кај луѓе кои едвај врзујат крај со крај, им продаваш “шарени лаги“ и ги уловуваш на јадица. Како сомови. Всушност неуморно одиш кај сите, па од 100 20 да успееш да ги прелажеш ете ти мајсторија и голема пара. Мене конкретно ми беше пратена директорката на Бучен Козјак која беше десна рака на Витанов и која при тоа пред 7-8 години ми беше на интервју за нејуспешен менаџер на годината. За среќа тие денови не бев тука, на некое патување бев, па денес-утре, денес-утре не се договоривме. Веројатно се навреди Ани, па после месец дена ми пратија една пристојна жена, одлично обучена и спремна два саата да зборува без застанување. Ви кажувам што ме спаси, инаку секунди беа во прашање да пукнам и јас. Голем број луѓе беа излажани, со оваа “револуционерна можност“ за заработка и паметно трошење.
И не знам за кого ми е повеќе криво, за оние прелажаните, или за оние кои беа дел од овој тим. Цела една сурија, цела една војска тркачи кои одеа на сто часовни обуки за да се убедат прво себе, тест да дозволат да им биде испрамн умот, за да можат после тоа, да им го перат умот на нивните пријатели, роднини, другари и другарки.
Лајонес, или Лајконет или Мајворлд, или како и да се викаше оваа шема, влезе на нашиот пазар со звучна реклама, со ветувања дека парите ќе ни се враќаат, дека ова е иднината на купувањето и дека конечно некој нашол начин обичниот човек да не биде само пртошуваш, туку и добитник. И тоа звучеше ултра примамливо особено кога Зоран Витанов го раскажуваше тоа, особено кога нели заменик министер за економиа го раскажуваше тоа и најособено кога тоа им се раскажуваше на луѓе кои едвај врзуваат крај со крај.
Стотици луѓе вложија. Стотици, илјадници.
Една мајка од Скопје раскажуваше дека се надевала со кешбекот полесно да ги плати книгите за децата на есен. Пензионер од Битола верувал дека тоа е сигурен начин да има барем малку дополнителни пари за лекови. Млади луѓе, полни со ентузијазам гледаа во ова шанса за нешто поразлично од монотонијата за ниски плати и несигурна иднина.
Сите до еден добија ладен туш. Парите исчезнаа, како никогаш да не постоеле.
Слично како она “шибицарењето“, кај што тие околу тој што ги врти кибритчињата со хартиеното топче ќе добијат, а вие кога ќе ставите сто евра сигурни дека топчето е под тоа кибритче ви ги лапнујат парите истата секунда. И никому ништо. Како помочани се вртите и си одите.
Само знаете што. Ова не е само прашање на една пропаганда за “шибицарење“. Ова е прашање на морал, на доверба и на одговорност.
Ако јавна личност, поранешен носител на јавна функција те повикува да вложиш, а после тоа исчезне, или се прави дека ништо не се случило и дека тука нема судски процес, тоа и овој пат, по стоти пат говори за тоа во какво општество живееме.
И затоа можеби најважното прашање и овој пат не е тоа кој ќе одговара и дали ќе биде осуден Зоран, или не, туку дали ние конечно ќе станеме повнимателни и ќе престанеме да веруваме во ветувања кои звучат како бајки. Се што звучи така е само бајка, или што би рекле итс ту гуд то бе тру.
Да, оваа афера остави и лутина и горчина, но и лекција дека парите немаат кратки патишта. И лекција дека довербата треба да ја чуваме како најскапоцено и највредно нешто. И дека никој, ама никој, освен ние самите со работа и со труд можеме да си ги решиме своите проблеми. Кешбекот не ни врати ништо. Напротив, ни ги зеде парите и ни остави големо разочарување. Најнапред во себе. Дека и овој пат најскапоценото нешто довербата, трудот и упорноста ги продадовме за многу ефтини пари.
Нит било, нит ќе биде.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: