Ќерките ме научија дека не мора секогаш да бидам силна, организирана „совршена мајка”: Искрено интервју со Наташа Малинкова за однос мајка - ќеркa

Добивај вести на Viber

Не постои иста или слична љубов на онаа помеѓу мајка и ќерка. Таа е незаменлива. Ќерката е огледало на мајката, тивка сила и вечна причина за борба.

Односот мајка – ќерка е посебен – нераскинлив, длабок, понекогаш сложен, но секогаш исполнет со безусловна љубов. Тоа е релација која расте со годините, се менува, се продлабочува, и станува темел кој не може да се урне – без разлика на времето, далечината или животните предизвици.

Токму таква љубов негуваат пејачката Наташа Малинкова и нејзините две ќерки Султана и Емилија. Секоја посебна на свој начин, со свој карактер и личност, но љубовта е цврстата нишка која ги држи една покрај друга.

Наташа 23 години е во брак со сопругот Кире, со кој ги имаат двете убавици. Поголемата Султана која 22 години и помалата Емилија 12 години.

Разговорот со Наташа го направивме за односно со нејзините ќерки, колку тие ја поддржуваат во тоа што го работи, како го градат односот мајка – ќерка, дали си споделуваат тајни, си менуваат облека …

Наташа Малинкова искрена како никогаш досега за Женски магазин …

Љубовта меѓу мајка и ќерка е посебна – длабока, силна и безусловна. Таа не може да се спореди со ниту една друга релација. Ќерката е одраз на мајката, нејзина тивка поддршка и вечна инспирација. Овој однос, иако понекогаш комплексен, со текот на времето станува сè поцврст, градејќи основа која не ја уриваат ниту далечините, ниту предизвиците на животот.

Токму таков однос негува пејачката Наташа Малинкова со нејзините две ќерки – Султана и Емилија. Двете различни, секоја со свој карактер и енергија, но поврзани со силна мајчинска љубов која ги држи блиску една до друга. Наташа веќе 23 години е во брак со сопругот Кире, со кого ги имаат 22-годишната Султана и 12-годишната Емилија – гордоста на нивното семејство.

Во разговор за Женски магазин, Малинкова отворено зборува за односот со ќерките, нивната поддршка кон неа, блискоста што ја градат низ годините, довербата што ја споделуваат и за моментите кога разменуваат облека. Таа искрено и емотивно ги сподели аспектите од нивното секојдневие, откривајќи ја вистинската сила на врската мајка – ќерка.

ЖМ: Како изгледа едно ваше секојдневие заедно со ќерките?

- Во принцип секој ден ни е комбинација од рутина, спонтаност и многу љубов. Деновите во работна недела ни се исполнети со веќе однапред подготвена агента и секој знае што треба да работи. Наутро се будиме со Емилија во 6 и 30. Таа се подготвува за на училиште, а јас го пијам првиот чај и медитирам минимум еден час во тишина. Веќе во 9 часот тргнуваме со сопругот на работа, а Султана работните денови е на факултет и не е во Кавадарци, но за викендите имаме повеќе време да се дружиме сите заедно.

Најчесто заедно појадувам, Султана ни прави здрав протеински појадок и најчесто разговараме на женски теми. Во текот на денот, зависно од обврските, наоѓаме време една за друга и остануваме во контакт, дали преку краток повик или порака. Вечерите преку неделата знаеме да седиме сите дома и да гледаме некој филм или да разговараме на разни теми, додека викендите ги користиме за дневни прошетки.

ЖМ: Колку сте блиски и како го негувате односот мајка – ќерка?

- Многу сме блиски. Нашиот однос не се темели само на мајчината грижа и одговорност, туку и на искрена поврзаност, доверба и пријателство. Близината помеѓу мене и моите ќерки е секојдневно вложување внимание, посветеност и љубов. Слушам како се чувствуваат, ги поддржувам во изборите но поставувам и граници кога е потребно. За мене вистинскиот однос мајка – ќерка се гради со постојано присуство било да е емоционално, ментално и физички, а не само со зборови. И покрај мојата работа како пејачка и честите настапи за викенди, а некогаш и преку неделата снимања, се трудам секој ден да бидам тука за нив.

ЖМ: Мајката како родител ја има најважната улога, да се грижи за своето дете, да го насочува, да го учи на вредности. Што мислите, кога мајката ја клучната улога во животот на детето, која возраст на детето е „најкритична“ па тука мајката е таа која треба на некој начин да делува?

- Од моето искуство сметам дека мајката има клучна улога во сите фази од растењето на детето, но на различен начин. Од раѓањето до нивната седма година му е потребна емотивна стабилност, топлина и сигурност. Мајката е таа што го поставува темелот на самодоверба, љубов и чувство на припаѓање.

Но би рекла дека особено критичен период е пред адолесценција и адолесценција некаде од 10-та до 18-та година на детето. Тоа се годините кога децата почнуваат да се оформуваат како личности, но се судираат со внатрешни и надворешни предизвици, влијанија, несигурности. Тука мајката има најголема клучна улога да биде стабилна и за децата да биде мудар водич. Од секогаш ги учам моите две ќерки пред сè на вистинските вредности.

ЖМ: Колку се разликуваат по карактер Султана и Емилија?

- Иако пораснаа во ист дом со иста љубов и вредности, тие две многу се разликуваат по карактер. Со оглед на нивната разлика од точно десет години внимателно ги следев сите нивни постапки, однесување, размислување и воодушевена сум од тоа што и двете се изградени во свои автентични личности. Едната е посензитивна, емпатична и вредна, а другата е потемпераментна, со силен дух и јасен став. И покрај сето ова тие имаат силна сестринска врска.

ЖМ: Што најмногу ве изненади или сè уште ве изненадува во нивниот тинејџерски период?

- Тинејџерскиот период кај децата е познат по нивното бунтовништво, но јас сум изненадена и од зрелоста што ја покажуваат, понекогаш дури и повеќе од што очекувам. Ме изненадува и фактот за тоа колку се свесни за себе, за околината, за неправдите. Секако дека има денови и кога се затвораат, лутаат во нивниот внатрешен свет, но тогаш ги пуштам, затоа што ме научија да им верувам и секако тука сум кога ќе им затребам.

ЖМ: Како успевате да изградите добар однос со нив?

- Со многу љубов, трпение и слушање. Однос не се гради преку совршенство, туку со присутност, да бидам тука и кога им требам, но и кога мислат дека не сум им потребна. Да имаат слобода да кажат сè, на моменти и да молчам да ги ислушам, а некогаш да си признаам дека и јас сум згрешила. Им давам слобода да бидат свои, а сепак да знаат дека јас сум нивниот најголем сојузник и поддршка. Никогаш не сум глумела совршена мајка – туку вистинска. Моите деца го чувствуваат тоа и токму од таму се гради блискоста – во довербата, искреноста и малите секојдневни гестови на љубов.

ЖМ: Дали имате ли заеднички ритуали или навики кои на некој начин ве зближуваат?

- Секако. Имаме ритуали пред сè што не зближуваат. На пример има вечери, без разлика колку сме уморни, разговараме за разни теми, се смееме, се слушаме, споделуваме случки и искуства. Некои вечери пуштаме филм, најчесто Емилија како најмала одбира кој филм да го гледаме, се покриваме со ќебенца и земаме пуканки. И тоа не е само обично гледање филм, тоа е ритуал на смеа, коментари, блискост. Има денови кога сакаме да одиме сите заедно на прошетка во природа, во викендичка на Тиквешко езеро, семеен ручек надвор од домот.

А посебен ритуал кој прави да се чувствувам посебно и воодушевено е момент кога се спремаме за излегување и сите три сме застанати пред големото огледало во тоалетот, секој со својата козметика за шминкање, пуштаме музика и пееме.

ЖМ: Дали сте строга мајка. Знаете ли да ги наградите кога има послушност, или да кажеме условно да ги казните кога не ве послушале за некоја работа?

- За себе ќе кажам дека сум можеби повеќе толерантна мајка, но со доза на не класична строгост се со цел да знаат дека сепак постојат граници и принципи што треба да ги почитуваме сите дома. Не верувам во слепа дисциплина, туку во доследност. Сепак строгоста не е затоа што сакам да имам контрола над се и над нив – туку затоа што сакам да ги научам дека секоја постапка има последица и дека одговорноста е дел од слободата. А кога ќе видам дека покажуваат зрелост, добрина, послушност, внимаваат и не заборавиле на тоа што сум ги научила, секогаш го истакнувам тоа кај нив и ги наградувам, не мора секогаш да е материјално, зборовите за мене имаат поголема моќ, со поддршка и признание. Двете се свесни девојки.

Но од друга страна пак и сакам да згрешат некој пат. Што би рекле, се учиме од сопствените грешки. Тоа е многу поголемо самоосвестување, искуство и учење затоа што и не секогаш децата сакаат да слушаат. Не казнувам, туку им давам шанса да размислат, да донесат заклучок и да се поправат.

ЖМ: Дали заедно знаете да излезете во кафуле, дискотека?

- Со оглед на мојата работа како пејачка и двете ќерки доаѓале со мене на фестивали, на семејни прослави каде сум била ангажирана и со мој музички настап. Султана веќе има 22 години и самостојно си излегува и е моја најголема поддршка на настапите затоа што често е гостин низ локалите каде настапувам. Кога имам слободни викенди знаеме и да излезиме заедно во кафулиња и дискотеки, да одиме на концерти, а додека со Емилија тоа го правиме во некои попладневни часови затоа што таа сè уште е малолетна.

ЖМ: Колку често знаете да си менувате облека, можеби тоа повеќе со поголемата ќерка, но знаете ли да си го практикувате тоа како што на пример тоа вашата ќерка би го правела со другарки?

- Да, многу често менуваме облека. И покрај тоа што Султана има изградено свој стил и поразличен од мојот, знае да побара нешто што замислила, а јас да го имам тоа парче во гардеробер и обратно. Среќа и малата следи трендови па позајмувањето гардероба е повеќе помеѓу нив две.

ЖМ: Знаат ли да споделат некоја тајна со мама, за симпатија, момче или пак некоја ситуација, да побараат совет од тебе?

- Да, знаат. Тоа е еден од најдрагоцените аспекти на нашиот однос. Љубовта не е табу-тема кај нас. Имаме отворен однос на таа тема и со двете ќерки. Посебно кога споделува поголемата ќерка која веќе има момче, кога и е убаво, кога има дилеми па и кога нешто не и се допаѓа. Не и се мешам воопшто, тука сум само како пријател со искуство. Помалата е сè уште на почеток со тие чувства, но сепак се насетуваат првите симпатии и е многу искрена, отворена и директна на темата. Ми се допаѓа тоа што двете сестри често знаат да се затворат во една од нивните соби и да разговараат на темата. Најчесто помалата со прашања кон нејзината поголема сестра.

ЖМ: Како реагираат на вашата кариера – горди се, срамежливи или пак можеби и тие покажуваат афинитети да се занимаваат со музика?

- Дефинитивно се гордеат со мама. Тие се сведоци од мали на мојата работа, трудот, дисциплината, мојата жртва. Не ја гледаат само сцената туку и заднината, пробите, снимањата, подготовките за на сцена, уморот и посветеноста. Затоа имам многу големо разбирање од нивна страна за мојата работа и отсутност. Султана е голем уживал на музика. Додека помалата Емилија веќе неколку години игра во балетско студио хип-хоп и постојано е вклучена во училишните приредби со пеење. Многу е талентирана и некако потајно се надевам дека таа би била мојата наследничка. Сепак најважно ми е да знаат дека можат да бираат што сакаат да бидат, од мене ќе имаат целосна поддршка и сè додека го прават од срце и со страст ќе бидат успешни во тоа што го избрале како професија.

ЖМ: Колку тие ви се поддршка во животот и знаат ли можеби да ве искритикуваат, или да ве пофалат за нешто?

- Тие ми се огромна поддршка и нивните критики многу ми значат. Едноставно знаат како дишам. И кога не ми оди баш добро и кога ми е напорно и кога не ми е денот, не се само поддршка со зборови, туку и се сочувствуваат со мене, се интересираат и се грижат. Знаат и да ме пофалат, се гордеат со сè што правам, имаат потполна доверба во мојата работа како пејач. Едноставно никогаш недозволив да ги разочарам. Тие се првите што ги слушаат моите нови синглови, видеа и од нив ја чекам првата реакција и критика која знам дека е искрена и од срце. Тие се мои најголеми фанови, а јас нивен идол.

ЖМ: Кога најмногу сте се чувствувале како горда мајка?

- Горда сум што израснав две прекрасни деца, кои знаат што се вистинските вредности, паметни, љубезни, духовити и темпераментни, кои уживаат во својата слобода, а при тоа доследни на моралните принципи што сме ги негувале дома. Не можам да издвојам кога најмногу сум се почувствувала горда на нив, затоа што одговорот е: – секогаш се гордеам со нив.

И гордоста не ми доаѓа само од големите моменти и успеси.

Кога постигнале успех во различни дисциплини, кога Емилија имаше концерти на пијано во основното музичко училиште, кога го имаше својот прв соло настап во пеење во придружба на хорот од нејзиното училиште и уште многу настани. Буквално се гордеам со двете секаде и секогаш.

ЖМ: Што научивте од своите ќерки, а не сте го очекувале тоа?

- Ме научија да не брзам со заклучоци, да не реагирам на прво и да ги слушам со отворено срце, не со мајчински став. Најнеочекуваното од се е што ме научија дека не мора секогаш да бидам силна, организирана „совршена мајка“.

Габриела Додевска Глигоровска