Кога љубовта ќе стане битка – животот зад вратата на една самохрана мајка

Во два по полноќ нешто ќе скрцка во другата соба. Таа ќе стане, ќе се преправи дека не ѝ е страв, и ќе провери што се случува. Само ветерот низ старите прозорци. Ќе се врати кај децата и ќе бдее меѓу нив – како секоја ноќ.
Сабајлето, со ненаспани очи и празен стомак, ќе тргне на работа. Газдата ќе ја гледа поинаку од другите, но таа нема време за тоа. Саќе само да ја заврши смената, да ги нахрани децата и да преживее уште еден ден.
Попладне ќе трча на родителска средба. Прво за едното, потоа за другото дете. Повторно сама. Бившиот никогаш не дошол. Никогаш.
На улица ќе ги слушне зборовите зад грб – „разведена“, „сама“, „кривата“. Ќе ја судат без суд, без да ја познаваат.
А тој, бившиот, веќе ќе се слика со друга жена, насмеан, горд, слободен. И ќе најде уште една причина да ја одложи алиментацијата.
Таа, пак, ќе одбие нова љубов. Не сака друг во куќата каде што спијат нејзините деца.
Бракот што некогаш бил соништа, се претворил во борба, во кафез, па во тишина.
Секој ден ќе смислува како да ги однесе децата барем еднаш на море, како да им купи нови патики, како да биде и мајка и татко во исто време. Ќе бдее над ќерката во болница, ќе ја теши синот по првата љубов, ќе се враќа дома со солзи, но никогаш нема да се откаже.
Ќе ги брои не годините, туку лузните – невидливите, оние што ја направија посилна.
И кога ќе ја види венчаницата во шкафот, ќе сфати дека жената која некогаш ја носела веќе не постои.
Но ноќта, кога повторно ќе зачуе како нешто крцка во собата, повеќе нема да се плаши. Ќе знае дека тоа е само ветерот низ старите прозорци.
И дека конечно научила – да живее сама, но со мир во себе.
РЖМ/ИС - Превземено Фејсбук статус / ФОТО: Фрипик