„Кога патуваме со деца, не постои најважен сегмент – сѐ е важно доколку сакаме патувањето да е безбедно и удобно“: Моника Матовска за „Женски магазин“

Добивај вести на Viber

Моника Матовска е личен организатор на патувања. Неверојатна професија, која заштедува многу време, а купува семеен мир. 

Своите лични импресии од бројни патувања одлучила да ги претвори во своја професија. Кога на луѓето патувањата им се среќата, тогаш уживаат и во сопствената и во туѓата среќа.

Дали оваа професија ќе заживее и на македонскиот пазар на труд и луѓето ќе ја применуваат оваа пракса стресот околу планирање на одморот и патувањето да ја заменат со професионална асистенција – останува да видиме.

За „Женски магазин“, Матовска открива мали тајни на подготовките за летен одмор, на што треба да се внимава кога се патува со деца, што е најважно да се знае за локацијата на која се престојува, но и колку време престој на море ни е доволно за целосен ресет на организмот.


1. Кога да почнеме со пакување за одмор и по кој редослед треба да се одвива пакувањето?

-Идеално време да се започне со пакување за одмор би било барем два-три дена порано за да се остави простор да се изреагира доколку нешто недостига, а со тоа ќе се избегне и паника. 

Најдобро е да се направи паметна селекција на работите коишто не смеат да се заборават и на оние без коишто се може неколку дена додека трае патувањето. Лично при патување преферирам ранец од неколку причини: не го чекам чекираниот багаж, ранецот е постојано со мене, многу полесно и поефикасно ми е движењето при аеродромскиот трансфер, рационално сумата за дополнителен багаж ја пренасочувам на друг трошок. 

Што се однесува до самото пакување, мора да се започне со личните документи (Л.К., пасош, возачка дозвола, картичка/готовина), а како топла препорака би сакала да наведам дека најдобро е личноста да го следи својот план за патување и по тоа да ја одреди облеката што ќе ја спакува. 


2. Што е најважно кога патуваме со деца? Адаптирано превозно средство, близина на плажа или сместување кое е климатизирано и заштитено од комарци и други инсекти?

-Кога патуваме со деца, не постои најважен сегмент – сѐ е важно доколку сакаме патувањето да е безбедно и удобно. Како личен организатор секогаш тргнувам од тоа што му е најважно на конкретното семејство коешто е мој клиент, дали е тоа дел од тоа што е набројано, сѐ од тоа или многу повеќе. 

Секако, сметам и дека мојата задача не е само да го следам тоа, туку и соодветно да го надоградам планот. Исто така, голема улога има и бројот на деца и нивната возраст, токму и затоа секој план е индивидуален и прилагоден до најмал детаљ. 


3. Колку е важно летниот одмор да одговара со буџетот и да биде рационално распределен? 

-Финансиите се, би рекла, најважниот сегмент кога одлучуваме да одиме на летен одмор или патување. Тие се и најголемата причина заради која луѓето се соочуваат со стресни и тензични ситуации при организација, и не само при организација, туку и при реализација на патувањето. 

Патувањето со личен организатор не е луксузна услуга и таа не влијае дополнително на буџетот на клиентот. Баш напротив, личниот организатор во ниту еден момент не ги штеди личните ресурси како искуство, време, знаење за да направи рационална распределба на буџетот, но не во насока на кратење на доживувањата на клиентот, туку во нивна оптимизација – да добиеш што е можно повеќе за финансиите што сакаш да ги вложиш во своето патување. 

Ќе споделам нешто што често им го велам на своите клиенти: вашиот буџет не го гледаме како органичување, туку како основа на којашто ќе организираме уникатно патување прилагодено на личниот стил и приоритети. 


4. Што се случува кога семејствата ќе побараат помош од организатор на патувања? Каква стручна помош добиваат? 

-Накратко: како нивното семејство да добива нов член чија улога е да се посвети исклучиво на семејното патување коешто треба да се реализира наскоро, а ниту еден друг член нема ниту време, ниту трпение да го прави тоа. 

Како личен организатор со посебен ентузијазам се вложувам во планирањето на семејните патувања затоа што ми е повеќе од јасно дека тие патувања се со посебно значење за моите клиенти на коишто се зацврстуваат нивните односи и само се потврдуваат вредностите што веќе тие семејства ги гаат. 

Кога велам дека сум постојано достапна, всушност мислам на моментот од идејата за патување па сѐ до враќањето дома. Согласно барањата на семејството, давам предлози од секој аспект коишто можат дополнително да придонесат за нивното задоволство и уживање. 

Без разлика дали семејниот одмор вклучува деца и без разлика на нивната возраст, секој член од семејството подеднакво го земам предвид кога работам на планот. Доколку во моментов ова интервју го читаат семејства коишто се двоумат дали за овој летен одмор или патување сакаат да ме ангажираат како нивен личен организатор, би сакала само да им кажам: побарајте ме и видете што значи мир во куќа :) (во буквална смисла на зборот). 


5. За која категорија го препорачуваш домашниот туризам, а за која категорија патување до подалечни дестинации? 

-Препорака за патување во Македонија или на подалечна дестинација давам исклучиво откако ќе ја слушнам замислата на клиентот за неговото патување. Токму затоа и патувањата ги организирам индивидуално и немам однапред подготвени планови – планот за патување го врзувам единствено за клиентот. Во мојот принцип на работа друга селекција на клиенти не постои. 

За секој од нив постои соодветна организација согласно нивните желби и буџет, како за посета на македонски градови, така и за посета на европски и подалечни дестинации. Би сакала да напоменам и дека клиентот во мене секогаш ќе најде вистински поддржувач за да излезе од својата комфор-зона и да си дозволи патување за коешто првата помисла му предизвикува доза несигурност. 

Тука сум за да создадам услови клиентот конечно да се соочи и да се избори со тие негативни чувства и да почне повторно да верува дека осознавањето на светот преку патувања е најголемиот дар што можеме да си го дадеме.

 

6. Дали е поважно да се понесе сѐ од дома или да се осигураме дека на местото каде што ќе одиме ќе можеме да се снабдиме со потребните производи? 

-Ова прашање ми дава чувство дека не постои универзален, ниту пак помалку или повеќе точен одговор. Индивидуално е. Во секој случај би можеле ова да го продискутираме и во друга насока дека, генерално, според македонската логика и сѐ да понесеш од дома, на пола пат до дестинацијата ќе ти текне дека си можел да земеш уште нешто. 

Да повторам: планот за патување се прави исклучиво според потребата, замислата и желбата на клиентот. Тоа значи дека ако добијам насоки дека нешто е многу важно да го има во планот, бидете сигурни дека ќе го има тоа и плус уште неколку други варијанти и опции (не оставам ништо на случајност) коишто одат во прилог на позитивното искуство и доживување на клиентот. 

На персонализираната гугл мапа се обележани продавници, маркети и други важни точки, стратешки позиционирани околу местата што клиентот ќе ги посети. 


7. Колку време е доволно за одмор? Дали краток престој на море може да се смета како одмор или активен и ефикасен одмор подразбира нешто сосема друго?

-Сметам дека најкоректен одговор би можела да дадам доколку извлечам генерален заклучок од искуството што го имам со клиентите – перцепцијата е дека одморот сам по себе е попасивна варијанта којашто овозможува навистина луѓето да се отргнат и да заборават на работата и на секојдневието, додека, пак, патувањето нуди побрзо темпо исполнети со активности коишто будат една сосема друга страна кај нив. 

Барањата се различни, но тоа на коешто работам периодов е на планови за патување коишто ги нудат двете варијанти – најдобрите плажи и најдобрите активности што ги има на дестинацијата на којашто патуваат. Ова лето тоа се бара најмногу.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов 

Фото: Приватна архива