„Откако си отидоа Анче и Ацо, таа ми е и мајка и татко, другар, лекар и банкар“: Џамбазов со емотивна роденденска посвета за неговата сестра

Добивај вести на Viber

Македонскиот актер, музичар и шоумен Игор Џамбазов повторно ја отвори душата пред својата публика, но овојпат не за улога, песна или сцена – туку за нешто многу пореално, поблиско и поскапоцено: љубовта кон неговата сестра Татјана.

По повод роденденот на неговата сестра, Игор сподели искрена и топла објава на социјалните мрежи, исполнета со љубов, носталгија и благодарност. Татјана живее во САД веќе долги години, каде гради успешна кариера како архитект–технологист. Иако животот ги разделил физички – таа е на 10.000 километри од Скопје – врската меѓу нив, како што Игор трогателно опишува, никогаш не стивнала.

 „Сите имаат по некој вујко од Америка. Јас имам сестра во таа пуста Америка. Половина живот сме разделени. Таа е 10.000 километри далеку од мене, а јас сум на 6.500 милји од неа. Но секогаш тука кога треба. Сестра ко сестра. Се грижи и кога нема зошто. Откако си отидоа Анче и Ацо, таа ми е и мајка и татко, и другар и ортак, и лекар и банкар“ – напиша Џамбазов.

Татјана денес го слави својот 60-ти роденден – јубилеј кој за Игор претставува уште една причина да ја изрази својата безрезервна љубов и почит.

Со својот препознатлив стил – мешавина од хумор, тага и животна филозофија – Џамбазов го заврши обраќањето со зборови што говорат повеќе од што било:

„Среќен роденден, систер! Добредојде во клубот '60'. И чувај се, оти само тебе те имам!“

Многумина се препознаваат во овие зборови, потсетувајќи се колку е важно семејството – без разлика на времето, далечината или годините што минуваат.

Зад сценскиот шарм и духовитост на актерот, се крие човек со длабока емоција и големо срце – човек кој не се срами да каже колку сака. И тоа, најискрено.

Фото: Инстаграм
РЖМ -Г.Д.Г