„Среќен роденден, легендо“: Дарко Панчев слави 60 години - Маја и ќерките испратија емотивни пораки

Добивај вести на Viber

Македонската фудбалска икона Дарко Панчев денес го слави својот 60-ти роденден – јубилеј кој го одбележува животот и кариерата на еден од најголемите спортисти од нашата земја. По тој повод, неговата сопруга, познатата пејачка Маја Гроздановска Панчева, на социјалните мрежи му испрати емотивна честитка:

„Пред 60 години се роди најголемата спортска легенда на Македонија, и најпознат Македонец во светот... Да си ни жив и здрав“, напиша Маја, која со години е негов најголем поддржувач.

Панчев е незаборавно име во историјата на југословенскиот и европскиот фудбал. Како дел од легендарната генерација на Црвена звезда, тој беше најдобар стрелец во Европа во 1991 година и добитник на престижната „Златна копачка“. Со Звезда го освои и Купот на европските шампиони, оставајќи траен белег во историјата на спортот.

Покрај спортските достигнувања, Панчев и Маја се еден од најхармоничните јавни парови во Македонија, препознатливи по меѓусебната почит, поддршка и љубов што ја споделуваат со јавноста.

Нивните ќерки, Надица и Марија, не ја пропуштија приликата да му честитаат на таткото кој за нив е повеќе од фудбалска ѕвезда – тој е пример, херој и најважен маж во нивните животи.

 „Среќен роденден, татичко, уште многу долго да живееш, се смееш и да продолжиш да ја шириш позитивната енергија како и секогаш. Те сакам,“ напиша Надица.

А помалата Марија му порача кратко и јасно: „Среќен роденден, легендо.“

Двете ќерки на Панчев и Маја со својата појава, самодоверба и стил, ја наследиле убавината и шармот од своите родители, привлекувајќи внимание каде и да се појават.

Дарко Панчев, човекот кој не само што ги бранеше боите на Македонија и го прослави нашето име низ целиот свет, денес е горд татко, сопруг и инспирација за генерации. 

Фото: Инстаграм
РЖМ - Г.Д.Г