Кои се Кафетинки?

Добивај вести на Viber

Не се само мажите предодредени за спортско навивање. И жените може да се соберат во група да седнат на трибините и да навиваат страсно за својот клуб . Тоа го потврдува и навивачката група „Кафетинки“. Тие се први и единствени и се вистинска конкуренција на мажите и на нивните навивачки групи.

Постојат од формирањето на ракометниот клуб Алкалоид. На почетокот навивале поединечно, но од натпреварувачка сезона која започна на 1 септември 2024 почнаа и официјално да се организираат. 

-Првично се споивме 8 навивачки, љубителки на ракометот. Во неврзан разговор со нашиот генерален директор Живко Мукаетов му ја предочивме идејата да формираме навивачка група. Тој веднаш ни одобри и ни предложи групата да се вика Кафетинки. Засега не има околу 40, но секојдневно има интерес да ни се приклучи нова кафетинка. Профилот на  кафетинки е различен, вработени во Алкалоид, наши другарки, бивши ракометарки,сопруги на ракометари. Најбитно е што сите сме големи љубители на мак.ракомет – открива Наташа Вучидолова Ристовска, искусна навивачка и редовна гостинка на спортските трибини и дополнува дека го подржуваат клубот на секој натпревар кој се игра во салата Автокоманда.

- Имаме свои места на кои ставаме листови со името на нашата навивачка група и никоја не ги завзема. Со оглед на фактот дека сме речиси сите мајки,сопруги се обидуваме да ги завршиме сите семејни обврски. Иако добивме покана да ги бодриме нашите ракометари и на натпреварите во странство, засега сме присутни само на домашен терен.Кога игравме со Вардар во салата Јане Сандански бевме погласни од Комитите – појаснува Вучидолова Ристовска.

На секој натпревар ја пеат химната „ За победа се гине, за тоа свето име Алкалоид, само напред , нема назад“ . Опремени се со препознатливи реквизити труби,тропалки,балони, знамиња.

-Дел од реквизитите ги изработивмме сами. Имаме маици во сина и во бела боја, а нивниот дизајн го осмисли мајката на еден наш ракометар,за што сме и благодарни. И покрај професионалните и приватните обрски, се трудиме да испиеме заедничко кафе или да одиме на ручек пред секој натпервар.Си имаме вибер група и си комуницираме секојдневно.Никој не не тера со сила да одиме на натперевар. Тоа го правиме искрено и самоиницијативно, вооружени со гласни жици и насмевки.Ги следиме објавите на друштвените мрежи. Се нервираме кога некој без потреба не става во уста и ни упатува надолични  коментари. А ние само си го сакаме клубот и нашите ракометари посочува таа.

РК Алкалоид им ја приреди и најголемата радост со освојувањето на Европскиот куп на ЕХФ.

-Историски успех за Македонија, за сите кои го сакаме и поддржуваме спортот односно ракометот.Радоста и гордоста е уште поголема за нас како едно Алкалоидово семејство, затоа што овој тим покажа и докажа дека со труд,дисциплина,упорност, многу работа за само 4 години може Европскиот пехар да ги разубавува нашите клупски витрини Горди сме на нашиот македонски клуб и искрено си го сакаме, цениме и бодриме.Сакаме  да се заблагодариме најмногу на нашиот генерален директор Живко Мукаетов, претседателот на клубот Горан Минов и на мојот директор Никола Колевски кој ми дава голема подршка и разбирање. И се разбира на моите единствени Кафетинки – заклучува Наташа.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Ваѓел Тануровски