Која бактерија е најчест жител на неисчистени клими и кои се последиците - открива Д-р М-р Ана Момировска

Климатизацијата е насекаде околу нас. Ја користиме во канцеларии, во трговски центри, а сè повеќе и во станови.
Неоспорен факт е дека климатизацијата е неопходна и многу пријатна во овие денови кога жешкото сонце грее од небото, асфалтот на патот се топи, а температурата надминува 35 степени целзиусови.
Вклучувањето на клима уредот во текот на летото сигурно носи големо олеснување.
Според Д-р М-р Ана Момировска, од СМО на Синево лаборатории Скопје клима уреди масовно користиме од пред 25-30 години.
- Пред тоа, некако гледавме да се ладиме на друг начин. Но, современиот живот наметнува престој во затворени простории во летен период, па неопходно е ладењето со клима уреди. Доколу се користат правилно, клима уредите се добар избор за разладување.Тие се корисни и за прочистување на воздухот, како и за подобар сон и релаксација. Бидејќи се користат во затворени простории се редуцира влезот на инсекти во просториите, што исто така не е за занемарување. Нивното користење има и свои негативни страни, како што се сушење на кожата и слузниците, доколку се користат предолго. Можно е и распрскување на бактерии и вируси доколку не се чистат редовно и не се одржуваат како што треба. Токму оваа тема беше актуелно и за време на епидемијата на Ковид 19, каде се покажа дека вирусот SARS CoV 2 e тн. Airborn Virus, односно дека заразата се шири преку воздухот. Распрскувањето на микроорганизми, општо земено, доведува до иритации на дишните патишта, кашлица и слично – вели Д-р М-р Момировска и додава:
- Еден од најчестите жители во неисчистени клима уреди е бактеријата Легионела која дава сериозна респираторна болест. Во хотелите низ светот кои држат до својот квалитет клима уредите редовно се тестираат за Легионела, за да се избегне инфицирање на посетителите. Но, не е само Легионела, можно е и Микоплазма да „чучи“ во филтерот на климата, како и други бактерии и вируси. Доколку клима уредот дува директно во луѓето може да се јави, како несакана последица, вкочанет врат, грб или активација на синуси или артритис. Пред сѐ, најважно е правилното одржување и чистење на климите. Потоа подесување на температурата меѓу 22 и 26 степени. Треба да се избегне сушење на воздухот со повремено проветрување или хумидификација. Во секој случај климатизацијата на домашните и јавните простори е пожелна. Посебно мислам на болници, училишта, факултети, јавни институции итн. Се разбира и нашите домови, доколку мораме да престојуваме во затворено – заклучува М-р Д-р Момировска.
С.А.Н