Концерт на Бојана Скендеровски: Кога жената е своја, тогаш е навистина бесмртна
Концерт на Бојана Скендеровски: Кога жената е своја, тогаш е навистина бесмртна
Со истиот сигурен чекор што пред дваесет и три години првпат ја одведе на сцената на „Макфест“, кога со со блескава насмевка и глас полн надеж ја освои публиката, Бојана Скендеровски повторно зачекори пред својот народ. Но, овојпат на сцената на Филхармонија, чекорот беше потежок, подлабок, од искуството, од мајчинството, од соништата што ги оствари и од битките што ги доби.
Во преполната сала, каде секое седиште дишеше со нејзината приказна, таа застана како зрела жена и артистка што се враќа дома. И публиката ја пречека стоечки, како доказ дека вистинската ѕвезда не се создава преку ноќ, туку со време, љубов и истрајност.
„Ова го чекав 23 години“ истакна таа на почетокот од првиот солистички концерт кој го одржа синоќа во Македонската филхармонија.
А нејзината приказна неизбежно води до „Макфест“, фестивалот што ѝ ја отвори вратата кон музичката сцена.
- Татко ми ми рече дека нема да настапам на „ Макфест“ ако не положам испит на факултет. Ако сакаш да пееш, ќе учиш. За мене „Макфест“ е светост. Победата како дебитант ми го отвори патот, а потоа со радост му се враќав на фестивалот- истакна пејачката и го поздрави татко ѝ, кој беше дел од публиката, но, и голема поддршка во кариерата.
Концертната вечер започна со „Љубов се пишува, љубов се брише“ и „Око мое“, песна со која настапи на „Охрид фест“ во 2003 година, овојпат во свежа, реге-верзија. Секоја песна беше визуелно збогатена со танчари, што на концертот му даде разиграна и современа енергија.
Посебен, длабоко емотивен момент беше изведбата на „Круна“, песна што Бојана ја посвети на своето семејство, сопругот Васко, ќерката Искра и синот Ѓорѓи. Токму Искра ѝ подари цвеќе на мајка си на почетокот од концертот, симболично потврдувајќи дека зад секоја силна жена стои љубовта што ја гради дома.
-Кога го родив син ми, размислувавме со која песна да се вратам на сцената по пауза од неколку години. „Круна“ беше природен избор. Текстот го напиша Сара Пројковска, која денес е на небото и сите ја носиме во срцето - рече Бојана со видлива тага во гласот.
Сара Пројковска придружен вокал на ДНК, го изгуби животот во пожарот во Кочани. На сцената, во улога на придружни вокали се појавија Ана Костадиновска, Теа Богатинова и Ивана Серафимовска.
Ламбе Алабаковски, Миле Кузмановски и Сузана Спасовска настапија како гости.
Ламбе и Бојана ја разбудија носталгијата со дуетот „Во дилема“.Сузана Спасовска ја изведе „Параходот“, а Миле Кузмановски „Не кани ме“.
„Да си вечна и долговечна, да ти се множат хитовите и концертите“ ѝ посака Спасовска. Порака што совршено ја опиша суштината на оваа вечер.
Концертот, симболично насловен „Бесмртна“, заврши со преработки на македонски народни песни од албумите „Македонијо, во срце те носиме“. Беше тоа вечер на музика, емоции и женска сила, потсетник дека кога жената е своја, тогаш е навистина бесмртна.
фото: Вангел Тануровски