Кралска чест за Влатко Стефановски: Македонскиот виртуоз на гитара на Кралот Чарлс III му го подари албумот „London Sessions“

Еден од најистакнатите и најпочитувани гитаристи од регионот, Влатко Стефановски, имаше ретка и исклучителна чест да се сретне со британскиот монарх, кралот Чарлс III.
На приемот кај кралот Чарлс III за учесниците на самитот на Берлинскиот процес во Лондон, покрај политичките лидери беа поканети и познатиот македонски музичар Влатко Стефановски и режисерот Милчо Манчевски.
Стефановски му го предаде својот најнов албум „London Sessions“, објавен под етикетата Croatia Records, со што стана единствениот музичар од Балканот кој лично му претставил свое дело на британски крал.
Албумот „London Sessions“, издаден во ЦД и тројно винил издание, е снимен во легендарното студио Abbey Road во Лондон – место со богата музичка историја, каде снимале и најголемите имиња од светската сцена. Покрај Влатко Стефановски, на албумот свират неговиот син Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на електричен контрабас.
Снимањето и продукцијата ги водеше Горан Мартинац, со помош на Ед Фарел и Леа Морис, додека финалниот мастеринг го изработи Шон Маге, добитник на Греми за својата работа на проектот „Mono Box Set“.
Музиката на Стефановски, снимена во студиото кое е симбол на светската музичка традиција, сега одекнува и во кралските кругови. Средбата со кралот Чарлс III претставува уште едно големо признание не само за Влатко, туку и за македонската музичка сцена во целина.
На приемот кај британскиот монарх присуствуваше и познатиот режисер Милчо Манчевск, кој исто така имаше можност да го претстави своето уметничко творештво.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм