„Мајчинството не ја ограничува креативноста, напротив - jа дополнува, ја зголемува и ја засилува, бидејќи детето е неисцрпна инспирација“: Разговор со Блашка Миева

Добивај вести на Viber

Мајчинството е еден од оние животни моменти што засекогаш ја менуваат жената – не само лично, туку и во нејзиниот креативен израз. 

За една уметница и дизајнерка на накит, ова патување носи посебен предизвик и благослов истовремено. Со доаѓањето на детето, исконската женска енергија станува посилна, сетилата се изоструваат, а инспирацијата станува неисцрпен извор. 

Иако секојдневните обврски околу бебето често го одложуваат моментот на реализација на идеите, тие само ја збогатуваат внатрешната ризница на емоции, бои и форми.

Мајчинството не ја гаси креативноста – напротив, ја засилува и отвора нови хоризонти, носејќи свежи перспективи и подлабока смисла во секое дело. Ова е приказна за тоа како љубовта кон детето и љубовта кон уметноста можат да се испреплетат и да создадат магија, а за „Женски магазин“ ја раскажува академската ликовна уметничка Блашка Миева. 

Фото: Приватна архива 

Како мајчинството ја промени твојата креативна енергија и начинот на кој создаваш?

-Како и на секоја друга жена, штом стане мајка, исконската женска енергија станува посилна, поинтензивна, пожива во секое поле од нејзиното постоење. Особено креативната енергија која е на едно поинакво ниво, во целост се буди одново, и оживува уште поинтензивно. 

Да се биде мајка а воедно и жена уметник е голем благослов. Мајчинството го регенерира духот. Создавањето на уметност е малку поотежнато заради комплетниот ангажман околу бебето. А во врска со инспирацијата, таа е присутна во огромна мера, но чека погоден момент за реализација.

Твоето творештво се движи помеѓу уметноста и модниот дизајн. Како успеваш да го балансираш сликарството со дизајнирањето накит?

-Јас лично не правам разлика помеѓу сликарството и дизајнот на накит.  Да, сосема различни полиња, но сликарството го  применувам во минијатурен формат, а тоа е накитот.

Фото: Приватна архива

Кои теми, бои или форми најчесто ти се провлекуваат низ делата и дали тие имаат лично значење?

-Сите теми, бои и форми кои се провлекуваат низ делата кај секој уметник, дизајнер, креативец се лични. Така и кај моите дела, креативната енергија во моите дела, пред и по станувањето мајка, е несомнено различна, сетилата ми се поизострени и доживувањето на инспирациите е уште поинтензивно. 

Сѐ околу мене е поинаку, искрено не верував дека мајчинството би можело да промени многу во мојата креативност, но дефинитивно е така. Досега во моите дела преовладуваат живи, контрасти бои и форми, теми кои се лично поврзани со моето постоење.

Дали некој од твоите дизајни на накит има симболично значење поврзано со мајчинството или семејството?

-Засега не, но во иднина сигурно би имало. Но многу од моите дела сум ги посветувала на моите блиски луѓе, дури и цел изложби сум посветила на моите најблиски. И тоа се смета за поврзаноста на семејните корелации во уметноста, нели? 

Фото: Приватна архива 

Како изгледа еден твој креативен ден сега кога си мајка – има ли простор и време за уметност?

-За жал сѐ уште не можам во целост да се вратам на професионалните ангажмани, заради активностите околу мојата ќерка, но се трудам барем да апсорбирам инспираиција и да ги таложам идеите додека не сум во можност да ги реализирам.

Секој ден повеќе се трудам да најдам време повеќе за креативност, но не брзам, кога ќе дојде спонтано, ќе се случи магија.

Што би и советувала на жените уметници кои се плашат дека мајчинството ќе ја ограничи нивната креативност?

-Мајчинството не ја ограничува креативноста, напротив. Ја дополнува, ја зголемува, ја засилува, бидејќи детето е неисцрпна инспирација и мотив за одење напред во животот.

Уморна мајка е мајка која своето време го посветила на своето дете. Тогаш се случува ограничувањето, од преголем умор или пак едноставно од недостиг на време додека бебето е мало. 

Но со сигурност можам да кажам дека мајчинството е нешто прекрасно и отвора сосема нови светови. Познавам многу жени уметници, дизајнерки, авторки, музичарки, кои откако станале мајки постигнале огромни успеси во нивната работа. Мајчинството е избор, кое е голема авантура и одговорност. 

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ