Марјан Николовски: Животот е непредвидлива оска на движење, имало периоди кога...

Добивај вести на Viber

Марјан Николовски, уредник и водител на вестите на „Сител“. Еден од највечатливите лица на телевизиските екрани, по многу нешта. Зборува за секојдневието, мотивацијата и предизвиците. Центар на светот се неговата ќерка Лихнида и сопругата Радмила. 

-Животот е непредвидлива оска на движење, која постојано го моделира секој ден. Имало периоди во животот, таму во студентските денови, кога денот ми почнуваше со биолошки часовник. Кога и да заспивав, во 6:00 часот се будев, а тоа значи дека имаш огромен ден пред тебе. Потоа, дојдоа времињата кога телефонот го местиш за аларм во тоа исто време, можеби час подоцна. За да еве, во петтата деценија од животот побрз и од биолошкиот часовник и од алармот е Лихнида ... Татооо ... Мамии... некаде во 6:00 часот или некоја минута подоцна... И така почнува новиот ден. Ако украдеш некоја минута повеќе, следува палење или гасење на светлото од нејзините раце. Млекото е прво на списокот утрински ритуали. Водата втора. А кафето во меѓувреме. Станува збор за силно турско кафе. Тоа е изборот на Радмила. Не почнува ден без тоа. Балконот на 10 -ти спрат од северо-источна страна е иделно место за првото утринско кафе, во оние рани утрински минути. Тоа е она баш кафе. Сите други кафиња во текот на денот се некако како пропратни за муабет – вели Николовски и открива што најмногу го мотивира.

-Предизвици. Тоа се клучни моменти во животот, што покренуваат мотивација. Понекогаш кога недостасуваат, си ги задавам сам. Барем за мене за поттикнување на мотивација, ми е потребна цел. Таа цел не секогаш е голема, напротив, мала, ситна, секојдневна, понекогаш и покрупна. На пример, предизвикот да се биде родител и почесто дома, ме мотивираше за доусовршување на образованието во постдипломска фаза. Честопати ме мотивира трулиот систем во државата. Ме мотивира неправда. Но, ме мотивираат и позитивни моменти. Убав ден ме мотивира. Ме мотивира насмевката на Лихнида. Ме мотивира жртвата што за нас ја дава Радмила. Единствено што не ме мотивира се парите (ха-ха-ха) – дополнува тој.

Неговите дневни планови и обврски, вели дека се исти како на секое нормално семејство во држава во која времето е прекратко за да успеете да стасате сè, за да можете да овозможите пристојно живеење.

-Кога двајцата сте новинари, тогаш обврските подлежат да однапред подготвени планови, со смени и со договарања. Утрото е за Лихнида, пладнето за дома, попладнето и вечерта за работа. Ноќта за дополнителни преземени ангажмани. Најголем дел од моите професионални обврски се при крајот од денот. Обврската за Лихнида ја презема Радмила, јас обврската за работата. Вести, прилози, координација со колеги. Ако го гледаме денот временски до полноќ, тогаш најчесто ми завршува во автомобил на пат кон дома од последните вести. Ако, пак, го гледаме денот низ призмаата на легнување, тогаш тој ми завршува со пишување, најчесто текстови за „Религија.мк“, интернет-порталот што го основав.

-Слободните вечери обично сакам јас, а и Радмила да ги минуваме со пријатели. Најчесто кај нас дома. Имаме прекрасен, не многу голем на број, но на вредности огромен круг на пријатели, кои се тука со нас, а и ние со нив. Дел од нив не делат само на два чекори од влезната врата и тие најчесто се позитивната енергија од вечерта. Филмови веќе одамна не гледам со внимание, освен на редовните канали на телевизија, и тоа пред заспивање. Звучи клише, но книгата е секако подобар избор од екранизирана книга. Со години веќе повеќе пишувам, отколку што читам. Но, тоа не значи дека не читам, но читам многу повеќе стручна, историска, политичка, филозофска литература, отколку белетристика. Но, знам да прочитам и по некоја драма, роман, добра поезија, но за тоа ми треба нависнина подолго време. И секако изборот е на домашни автори.

Во периодот што следува веројатно ќе се вратиме на читање на оние убави детски, мали книги пред заспивање. Но книгите од нашето време. Ќе бидам најсреќен, ако успееме Лихнида да избира книга, наместо мобилен за запивање. Секако мама и тато за почеток ќе читаат. Тоа е мојот следен предизвик за мотивација да всадиме љубов кон читањето. Од тоа зијан нема...

 С.А.Н