Мартин Спировски: Тренингот не е трка со времето, туку со навиките

Добивај вести на Viber

На почетокот на летото најчесто се отвораат прашањата што ги слуша секој личен тренер: „Колку време ми треба да се доведам во форма?“, „Дали е доцна ако почнам сега?“ или „Што да јадам за да симнам сало од стомак?“. Иако ваквите прашања на површина звучат едноставно, тие отвораат многу подлабоки теми – за мотивацијата, за личната слика што ја имаме за себе, за очекувањата што ги поставуваме, па дури и за начинот на кој се грижиме за себе низ годините.

Жените, особено во периодот пред почетокот на летните одмори, честопати се наоѓаат пред огледалото со чувство дека „нешто треба да се промени“. Но вистинските промени, оние што остануваат и надвор од сезоната на костими за капење, не започнуваат со паника, туку со навика. Не се мерат само во килограми и сантиметри, туку и во квалитетот на секојдневието: колку лесно се станува наутро, како реагираме на стрес, дали имаме сила да го издржиме денот и како се чувствуваме во сопствената кожа.

СоМартинСпировски, личниот тренер кој е секојдневно во контакт со жени што сакаат да создадат подобро тело и поорганизиран животен стил, разговаравме за првите чекори кон промена, најчестите грешки што ги прават жените кога започнуваат со вежбање, разликата меѓу брзи и одржливи резултати и улогата на рутината во тоа да се чувствуваш моќно – не само на плажа, туку секојдневно. 

 Што најчесто ги мотивира жените да започнат со тренинг за лето?

Мартин Спировски: Па главна причина, секако, е изгледот и вишокот килограми, но кога еднаш ќе почнат со тренинг и избалансирана исхрана, најважните промени не се оние што ги гледаат другите, туку оние што ги чувствуваат самите. Се менува енергијата во текот на денот, се подобрува расположението, телото станува поагилно, а целокупната здравствена состојба почнува да оди нагоре. Физичката трансформација е последица, но не е главната добивка. Жените почнуваат од визуелна причина, но остануваат затоа што чувствуваат сила и контрола што претходно им недостасувала.

Кои се најефикасните вежби за обликување на телото што им ги препорачувате на жени?

Мартин Спировски: Според мене, и мажите и жените треба да го вежбаат секој дел од телото. Нема потреба од селективен пристап каде што се работи само „стомак“ или „нозе“. Но, да, во практика кај жените знаеме да ставиме малку поголем акцент на долниот дел од телото – најмногу затоа што тоа го бараат тие самите. Најважно е да се јакне телото, стабилноста и мускулниот тонус, наместо само да се „топи“ нешто. Вежбањето треба да „гради, не само да троши“.

Постои ли специфичен режим на исхрана што го препорачувате за жени во летниот период и колку е важна правилната хидратација во процесот на трансформација?

Мартин Спировски: Да, исхраната кај жените во одредени аспекти се разликува од онаа за мажите, најмногу поради хормонскиот панел. Жените генерално имаат потреба од малку побогат внес на здрави масти, но сето тоа мора да се прилагоди индивидуално. Не верувам во универзални диети – верувам во план што се вградува во реалниот живот на личноста: колку време има, што работи, што сака да јаде, каков е нејзиниот ден...

Што се однесува до хидратацијата, таа е една од најпотценетите теми. Телото не функционира без вода, а сите процеси – од метаболизмот до варењето и обновата на ткивата, зависат од хидратацијата. Таа индиректно, но моќно влијае на намалување на масти и на целокупната кондиција.

Како да се одржи мотивацијата кога резултатите не се видливи веднаш, особено кај жени кои првпат се среќаваат со режим?

Мартин Спировски: Најчестиот проблем е што многумина очекуваат промени преку ноќ. Затоа е клучно поставувањето на реални цели – такви што може да се остварат од недела во недела, или од месец во месец. На пример, да се промени еден или два оброци во текот на денот, да се намали обемот на струкот за еден сантиметар неделно, да се зголеми издржливоста за неколку повторувања... Тоа се цели што се гледаат, се мерат, и даваат чувство дека се оди напред. Мотивацијата не треба да се бара во огледало, таа треба да се создава од внатре, преку дисциплина и навика.

Кој е вашиот најважен совет за жените кои сакаат да изгледаат добро, а воедно и да се чувствуваат посамоуверено и здраво во сопствената кожа?

Мартин Спировски: Започнете полека, со промена на секојдневните навики. Еден избалансиран оброк дневно, две чаши вода повеќе од вообичаено, триесет минути пешачење... Тие работи звучат едноставно, но ако ги правите секој ден, тие ќе се претворат во животен стил. Трајна промена не се постигнува со екстремни диети или интензивни програми што траат две недели. Таа доаѓа кога рутината ќе ви стане природна, прилагодена на вашето време, енергија и цели. Здравото тело не е резултат на жртва, туку на доследност.