Милијардери, светски ѕвезди и една Македонка ги следат мечевите на Новак Ѓоковиќ на Вимблдон и на останатите турнири од првите редови - која е таа?

Добивај вести на Viber

Чувството да се биде на Вимблдон е прекрасно. Многу емоции, многу убав народ од цел свет. Атмосферата е на ниво. Доминира белата боја, шеширите и капите се украсени со јаготки – симбол на Вимблдон тенис.

Ова е краткиот опис за најпрестижниот тениски турнир во светот и еден од четирите Grand Slam настани, на Драгица Петровиќ од Кавадарци, која од 2007 година живее и работи во Лондон.

- Го сакам и го следам спортот, но тенисот ми е најомилен. Голем фан сум на Новак Ѓоковиќ и ги следам сите негови настапи во изминативе пет години. И годинава бев на Ролан Гарос во Париз и во Монте Карло, Монако. Присуствував и на УС Опен. Планирам повторно да бидам присутна на тој гренд слем. Се разбира, не пропуштив ниеден негов меч на годинашниот Вимблдон. – открива Петровиќ и појаснува колку тешко е да се дојде до билет.

- По 3 часа и 20 минути игра, Ѓоковиќ го победи Алекс ДеМинаур. Бев многу среќна, отидов дома да се одморам. Веќе следнoтo утро, пoточно во 5 часот морав да бидам во комплексот, да фатам позиција за да купам билет за следниот негов натпревар. Многу е тешко да бидеш во првите 500 луѓе, кои имаат среќа да купат билет за Central Court 1 каде што игра Ноле. Некои од љубителите на тенисот кампуваат во комплексот, за полесно да дојдат до билет. Досега имав среќа да најдам билети за долните седишта на теренот. Привилегија за тие места добивам бидејќи сум инвалид. Обично, по одиграниот натпревар фановите на Ѓоковиќ се собираат на зборното место Court 15.  Го чекаме да се појави на терасата. Иако е опкружен со големо обезбедување, понекогаш доаѓа да се фотогрофира со нас. Многу е кул лик. Секогаш е позитивен и насмеан. Успеав да се сретнам и да се фотографирам со него на неколку гренд слемови. Бев да го гледам како тренира и во Белград, на тамошните терени. Многу е непосреден и културен човек. Има многу убава енергија. Тој има одлично однесување, беспрекорна игра, ментална сила и концентрација. Кога е на терен, тој е вистински професионалец и прекрасен човек пред сѐ. Каде што игра Ноле, таму сум и јас. Или со другарки или со мајка ми, која е авантурист како мене и сакаме многу да шетаме. Секогаш кога имам време, одиме некаде на убави места. Следам и Формула 1. Неодамна бев на Siverstone formula rice 1. – открива Драгица.

Вимблдон 2025 е најпрестижниот тениски турнир во светот и еден од четирите Grand Slam настани. Се одржува во Лондон, на терените на All England Club, и е единствениот турнир од оваа категорија кој се игра на природна тревна подлога – што му дава посебна тежина во тенискиот календар.Турнирот почна на 30 јуни и ќе трае до 13 јули.

- Јаготките со Шлаг и Pimms коктелот се најактуелни на овој турнир. Во комплексот кадешто се терените има и музеј и продавници кадешто можат да се купат сувенири или спортска опрема со знаците на Вимблдон тенис. Има и многу ресторани, продавници за брза храна, разни пијалоци и сето е многу украсено, со многу цвеќиња, тениски рекети и топчиња. Во самите терени е многу чисто. Има многу вработени и навистина е беспрекорна организацијата за сѐ. Цените на билетите за првото коло беа по 100 фунти. Цената се зголемува за секое следно коло. Ако случајно нема карти за на терените, кои во голем број се распродадени однапред по цена и по 5000 фунти, тогаш љубителите купуваат ground pass кои чинат 30 фунти, со кои влегуваат во комплексот и натпреварите ги следат на големи видео бимови. Овде се присутни милијардери и светски ѕвезди. – открива Петровиќ која работи како ВИП возач на богати семејства во Лондон и надвор од градот, како и во цела Велика Британија и Европа.

С.А.Н