Музичарот Петар за својот татко, великанот Михаил Ренџов: Се надевам дека горе на небото, ќе најде една друга тага споена со среќа

Добивај вести на Viber

Еден месец по промоцијата на песната и видеото, „Галичица“ доминира во етерот. Проектот е дело на Ристо Самарџиев (вокал), Петар Ренџов, кој го направи аранжманот и Александар Јаневски режисер на спотот. Во него се вклучени и членовите на Тумбао сласа бенд.

Стиховите на „Галичица“ се на великанот Михаил Ренџов, македонски поет, прозаист и преведувач. Неговиот син Петар, задоволен од сработеното, но со видлива тага во очите, вели дека е среќен што и на овој начин се спомнува културното богатство што го оставил неговвиот татко.

- Внимателно гледав како славеите од уста и од душата му излегуваат и во летот певливо му соопштуваат дека е тажен, но се надевам дека горе на небото ќе најде една друга тага споена со среќа, заради тоа што поезијата ја бара тагата да биде извор на духовност. Во таа смисла е тагата. Значи, тој замина, меѓутоа остануваме ние овде и како другарите музичари од скопската населба Карпош 4 и како нашите пријатели, а и вие новинарите – да го споменуваме тоа што тој го оставил како културно богатство – вели Ренџов и открива дали наликува на својот татко.

- Не знам дали наликувам на татко ми. Тој секогаш без исклучок ме оставил да си го терам мојот пат. Гените не можам да ги одредам за себе. Човекот како битие не се познава доволно самиот себе, заради тоа што има две битија во него. Едното е разумот и добрината, а другото е темнината. Така што не знам во што наликувам. Меѓутоа се трудам мојот пат да го спојам со тоа што Тој ни го оставил. Значи, тоа можеби и на некој начин генетски е музика со поезијата, меѓутоа не е обмислено, туку е правено со чувство. Значи, разумот и потсвеста се различни категории во психата на човекот. Јас оставам не со разумот, туку со душата да чувствувам и да пренесувам понатаму – посочува музичарот.

С.А.Н
Фото: Ваѓел Тануровски