„НАШИОТ МАЛ ШАМПИОН ПОВЕЌЕ ГО НЕМА“: Лазар (16) е младиот џудист кој загина во несреќа во Србија - неговиот брат близнак е повреден
Момчето Лазар П. (16), млад џудист член на клубот „Партизан“, загина во страшна сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Нови Сад - Белград. Неговиот брат близнак Л.П. се здобил со повреди и е пренесен во болница во Нови Сад.
Според информациите од официјалната веб-страница на „Џудо асоцијацијата во Белград“, Лазар П. е носител на зелен појас и натпреварувач на џудо клубот Партизан - Белград. Неговиот најзначаен резултат е 5-то место освоено на Српското првенство во 2023 година. Последен пат учествуваше на Белградското првенство во 2025 година, освојувајќи го 5-то место.
Небојша Мандиќ, тренерот на џудо клубот Партизан пред детската болница, рече „го нема повеќе нашиот мал шампион“, пренесуваат медиумите од соседството.
- Воопшто немаме детали. Она што го знам е дека од неутврдени причини возилото излетало од патот. Што му претходело, во овој момент не знам да кажам. За жал, имаме еден од нашите мали шампиони кој повеќе не е со нас - изјави Мандариќ.
Таткото на повреденото момче се огласи
Таткото на момчето изјави за „Блиц“ дека застанале на местото на несреќата за да „видат нешто...“. Со очи полни со солзи, ни кажа дека комбето го возел тренер кој е во тешка состојба во болницата.
- Не знам дали ја изгубиле контролата. Беа на натпревар во Азербејџан. Дојдоа од Баку до Будимпешта со авион, од Будимпешта отидоа со комбе до Србија, до Белград. И тогаш се случи ова. Синот кој беше повреден е во болница. Застанавме да видиме нешто - ни раскажа таткото на момчето низ солзи.