Наставник Гоце Бумбароски: „Разгалените деца се одраз на разгалени родители“

Наставникот Гоце Бумбароски, кој е познат во јавноста особено помеѓу родителите по неговиот креативен начин на работа, но и како гласен говорник за многу нешта кои ги засегаат учениците повторно се огласи за ситуација во која се нашол, а за која не може како што напиша, тој да остане имун на истата.
„Морам да споделам, посилно е од мене. Ме јаде, ме гризе од внатре иако си ветив дека ќе пробам да го премолчам, но не можам...
Синоќа, Новогодишен концерт на ООМУ Ордан Михајлоски - Оцка во Прилеп
-Учениците блеснаа на сцена, свечено облечени и подготвени за настап;
-Воодушевија со изведбите;
-Наставниците на ниво на задачата;
-Програмата и изборот на точки за восхит.
И...
Во публиката една "мала" залутана група од разгалени деца дојдени со своите разгалени родители кои што:
*скокаат од столче на столче;
*гласно говорат;
*телефоните не ги поставуваат на тивок режим и кога им ѕвонат се јавуваат без ронка срам;
*коментираат додека трае изведбата;
*влегуваат или излегуваат во/од концертната просторија;
*по завршување на настапот на нивниот близок го напуштаат концертот правејќи неред зад себе...
И уште многу други недоличности.
Разгалените деца се одраз на разгалени родители.“
Овој наставник кој живее и работи во Прилеп е авторитет пред неговите ученици, но и нивен другар, што е за децата најважно. Сепак, тој е скромен и не смета дека е поразличен од своите колеги. На Фејсбук страницата на Гоце https://www.facebook.com/NastavnikGoceBumbaroski, тој секојдневно добива пораки со поддршка, но и со прашања од родителите за совети.
Фото: Женски магазин - архива