„Бегаше за да си го спаси животот, но не успеа“: Смртта на Алдина ја разбуди болната балканска вистина за насилството врз жените

Добивај вести на Viber

Трагедија го потресе регионот. Алдина Ј. (32) од Калесија беше убиена во неделата навечер во Мостар – од раката на човекот кој некогаш го сакала.

Според информации од истрагата, Алдина била на пат кон фитнес сала кога нејзиниот поранешен партнер, А.К., долгогодишен фудбалски судија, ја пресретнал и физички ја нападнал. Уплашена и свесна за опасноста, таа побегнала од автобуската станица кон најблискиот хотел. Успеала да втрча во кафуле, да се заклучи во тоалетот и да ја повика полицијата.

Но, напаѓачот ја следел. Влегол по неа и со огнено оружје го одзел нејзиниот живот. Само неколку минути подоцна, патрола на полицијата го уапсила – благодарение на тоа што Алдина успеала да ги повика органите на редот пред да биде убиена.


Според изјавата на дежурната кантонална обвинителка, Весна Пранјиќ, Алдина претходно добивала закани од својот поранешен партнер, но никогаш не ги пријавила. „За жал, верувала дека ќе остане само на закани,“ изјави Пранјиќ за Аваз. „Вечерва тој ја пресретна, ја нападна, а потоа го повлече пиштолот. Таа трчаше да се спаси, но тој ја следеше и ја уби.“

Осомничениот, кој само пред еден месец добил дозвола за носење оружје и купил пиштол поради претходни закани што ги добивал како судија, се обидел да се убие и самиот, но оружјето закочило.

Министерот за внатрешни работи на Херцеговачко-неретванскиот кантон, Марио Мариќ, ја потврди трагедијата и упати сочувство до семејството: „Ова е тежок и трагичен случај. Истражните постапки се во тек, а постојат многу докази.“

Алдина се преселила во Мостар заради работа – нов почеток, нов живот, нови можности. Но, нејзиниот живот насилно беше прекинат од човек кој не можел да прифати дека повеќе не е дел од нејзиниот свет.

Трагедијата уште еднаш го поставува прашањето кое премногу често го слушаме и премногу брзо го забораваме:
Колку уште жени ќе молчат од страв? И колку уште ќе биде предоцна?

Алдина не успеа да побегне. Но нејзината приказна мора да биде повик за сите кои чувствуваат закана – да не молчат, да не чекаат, да побараат помош.
Време е општеството да престане да ја остава борбата на жените сами.


РЖМ/ИС  - ФОТО: Фејсбук screenshot