„Негата не е луксуз, туку љубов кон себе“ – Силвана Миркоска, медицинска сестра што инспирира со стил, смиреност и убавина!

Во време кога многу жени велат „немам време за себе“, таа тивко, но решително покажува дека негата започнува одвнатре – со љубов, дисциплина и благодарност. Таа е пример за тоа дека женственоста не е само во изгледот, туку во секој гест, секој здив и секој избор што го правиме во име на себеси. Со утрински ритуали, тивки вечери со книга и капка масло на кожата, таа не само што се негува – таа себе си се слави.
Во искрен разговор, Силвана Миркоска, Главна сестра во РЕ Карпош при ЈЗУ Здравствен Дом -Скопје ни открива како изгледа секојдневната грижа за себе, зошто шминката и облеката не значат ништо без добра енергија, и зошто е важно секоја жена да најде време за себе – дури и во најбурните денови.
Интервју што не се чита, туку се чувствува – со зборови што гушкаат и мисли што враќаат сила.
ЖМ: КАКО ЗА ВАС ИЗГЛЕДА ВИСТИНСКИ НЕГУВАНА ЖЕНА?
За мене; вистински негувана жена е таа која зрачи со самодоверба, хармонија и грижа за себе-не само однадвор туку и одвнатре. Негата не се сведува само на козметика и облека, туку пред се значи љубов кон себе, самопочит и баланс.
Таквата жена се грижи за своето здравје, за својата кожа, коса, но и за својот дух. Има свој стил без разлика дали следи трендови или не – важно е што се носи со став. Мириса убаво, се смее искрено, и секогаш остава впечаток на дама која знае што сака. Негувана жена не значи совршена жена-туку жена што вложува љубов и внимание во себе, без претерување, со мера и вкус.
ЖМ: ШТО СМЕТАТЕ ДЕКА Е НАЈВАЖНО-ШМИНКАТА ОБЛЕКАТА ИЛИ ЕНЕРГИЈАТА ШТО ЈА НОСИМЕ ВО СЕБЕ?
- Се има своја улога, но дефинитивно - енергијата што ја носиме во себе е најважна.Таа е нешто што не може да се одглуми, купи, нашминка или облече-таа доаѓа одвнатре и го освојува просторот пред нас.
Може да бидеме најубаво нашминкани и облечени по последна мода, но ако не зрачиме со топлина, позитивност и самодоверба сето тоа останува само на површина. Кога жената носи добра енергија, тогаш и наједноставното парче облека или најлесниот допир од шминка изгледа магично на неа.
Секако шминката и облеката се алатки преку кои ја изразуваме својата индивидуалност-но и вистинскиот впечаток го остава нашето присуство, нашата насмевка, начинот на кој гледаме, зборуваме и се однесуваме.
ЖМ: ДАЛИ ИМАТЕ МОДНО ИЛИ ЖИВОТНО МОТО ШТО СЕКОГАШ ВЕ ВОДИ ВО ИЗБОРОТ НА ИЗГЛЕДОТ?
-Да – моето животно и модно мото е: „Елеганцијата е состојба на умот, а не на гардеробата“.
Ова мото ме потсетува дека стилот не се крие само во тоа што ќе облечам, туку во начинот на кој се носам со себе. Не секогаш е важно да имаме скапа облека или тренд парчиња – важно е тие да зборуваат за нас, да прават да се чувствуваме убаво, природно и свое.
Секогаш се водам по тоа да изгледам негувано, со вкус и со почит кон моето тело и возраст. Сакам да додадам личен печат – било тоа да е детаљ, боја, или нешто што ја покажува мојата автентичност. На крајот стилот е продолжение на нашиот карактер, а не само на нашата гардероба.
ЖМ: КОЈ Е ПРВИОТ И ПОСЛЕДНИОТ РИТУАЛ ШТО ГО ПРАВИТЕ СЕКОЈ ДЕН ЗА СЕБЕ?
-Првиот ритуал секое утро што започнува веднаш по моето будење наутро околу 06:00 часот се вежбањето кое што трае отприлика 10-15 мин и веднаш потоа следува момент на тишина со себе и шолја топло кафе.
Ги отварам прозорците вдишувам длабоко и си давам неколку минути благодарност и фокус без телефони, без врева. Тој мирен почеток ми помага да го поставам денот на убави нозе.
Последниот ритуал пред спиење е мојата вечерна рутина за нега на кожата – нешто што никогаш не го прескокнувам.Тоа е време што си го подарувам себеси со внимание и љубов. Ставање крема, нежен масажер за лице , малку етерично масло за смирување и тивка музика или книга-тоа е мојот начин да се одјавам од денот и да се подготвам за новиот.
Овие два ритуали иако едноставни, ме држат приземјена и поврзана со себе –тоа ми е најважната нега.
ЖМ: КОЛКУ ВРЕМЕ ВО ДЕНОТ ОДВОЈУВАТЕ ЗА ЛИЧНА НЕГА И ШТО СМЕТАТЕ ДЕКА СЕКОЈА ЖЕНА ТРЕБА ДА ПРАВИ ЗА СЕБЕ, БЕЗ РАЗЛИКА КОЛКУ Е ЗАФАТЕНА?
-Во текот на денот одвојувам барем еден час за лична нега –не секогаш одеднаш, туку во мали, драгоцени делови. Тоа може да биде утринската рутина со чистење и хидратација на кожата, кратка пауза за вежби или прошетка, или пак вечерна релаксација со маска за лице и мирна атмосфера.
Но, верувам како и за се останато дека не е до времето туку до до свесноста. И 10-15 минути посветени со внимание и љубов кон себе можат да направат разлика.
Сметам дека секоја жена –без разлика колку е зафатена –треба барем еднаш во денот да си подари момент само за себе. Тоа може да биде длабоко вдишување, тивка кафе – пауза, краток допир на крема со лицето. Негата не е луксуз, туку потреба. Кога жената се грижи за себе таа станува посилна, поблага и посвежа-за себе и за сите околу неа.
ЖМ: КОИ СЕ ВАШИТЕ ОМИЛЕНИ ТРЕТМАНИ ИЛИ МАЛИ ЗАДОВОЛСТВА СО КОИ СИ ЈА ПОДАРУВАТЕ УБАВИНАТА?
-Искрено верувам дека секоја жена заслужува да си подари мали моменти на убавина и нега-не само за изгледот ,туку и за душата. Моите омилени третмани се релакс масажа, која ме смирува и ми ја враќа енергијата и добар маникир затоа што рацете зборуваат многу за една жена.
Редовно одам и на фризер, не мора да е секогаш драстична промена –понекогаш само миење и фен фризура ми го подобруваат целиот ден. Сакајќи се себе, си дозволувам и козметички третмани како хидратација на лице, понекогаш нежен пилинг, нешто што и дава свежина и сјај на кожата.
Овие мали задоволства не се суета, туку моменти во кои си велам „Важна си“. И верувам дека секоја жена, без чувство на вина, треба да си дозволи барем еден таков момент неделно – како своја лична, мала прослава.
ЖМ: ИМАТЕ ЛИ СВОЈ ТАЕН ТРИК ЗА СВЕЖ ИЗГЛЕД ВО НАПОРЕН ДЕН?
Да, секогаш имам неколку мали сојузници во чантата – и еден мал ритуал кој никогаш не изостанува . Моето тајно оружје е:
Освежување на лицето со термална вода или нежен мист , малку течен хајлајтер или кремасто руменило на образите – за да добијам сјај- и секако добар кармин или балсам со боја. Дури и кога сум уморна, само со тие неколку чекори изгледам ведро и живо.
Покрај тоа верувам во моќта на чаша вода. Кога ќе почувствувам дека денот ми е преоптоварен си давам две минути мир –и повторно мсе враќам на себе. Свежината не доаѓа само од шминката –туку од начинот на кој се грижиме за нашата внатрешна енергија.
ЖМ: КАКО СЕ ИСКЛУЧУВАТЕ ОД РАБОТНИТЕ ОБВРСКИ ЗА ДА СИ ДАДЕТЕ ВРЕМЕ ЗА СЕБЕ?
-Работата ми е динамична, одговорна и често бара да бидам и организатор, и поддршка, и пример. Во такво темпо, свесно морам да си дадам моменти во кои ќе се поврзам со себе и ќе си подарам барем мала доза женственост – дури и во најстресните денови.
Моите „тајни трикови“ се практични и брзи: мала козметичка торбичка со термална вода, кремасто руменило, балсам за усни и нежен парфем – тие ми се секојдневни сојузници. Исто така, се трудам секогаш да имам уредна фризура и нокти – затоа што тие ситни детали го задржуваат чувството на негуваност, дури и кога сум во униформа цел ден.
Но, она што навистина ме одржува е силата што ја добивам од луѓето околу мене .
Моите колеги и колешки од цела РЕ Карпош каде што работам не се само професионалци, туку и моја секојдневна поддршка, моја мотивација и моја внатрешна сила. Нивната посветеност, емпатија и тимски дух ме потсетуваат секој ден зошто оваа работа има толкава вредност.
ЖМ: ДАЛИ ИМАТЕ НЕКОЕ ХОБИ, АКТИВНОСТ ИЛИ МЕСТО ШТО ВЕ ПОЛНИ СО ЕНЕРГИЈА И ВЕ ПРАВИ ПОСРЕЌНА?
Да, имам хоби и моменти што ми го полнат срцето и ми ја враќаат силата. Секој ден го започнувам со 10 минути вежбање – тоа е мојот мал, но моќен ритуал за грижа за себе, затоа што верувам дека телото и духот одат рака под рака. Прошетките низ природа ми се како длабок здив – таму ја наоѓам тишината што ми треба, мирот што ме смирува и благодарноста што ме потсетува колку е убаво што сум жива.
Но, она што навистина ме држи силна, што ми дава смисла и храброст – тоа се моите три внучиња, моите мали ангелчиња. Нивнaта смеа, нивните прегратки – тоа е најголемото богатство што го имам.
И меѓу сите тие благослови, постои уште еден дар кој не можам да не го спомнам – мојата Селда. Таа не е само другарка. Таа е мојата колешка, мојата сестра, мојата душа близначка. Таа е оној човек за кој секогаш велам: ако не постоеше, ќе требаше да ја измислам. Со неа делам сè – и солзи и смеа, и тишини и зборови. Секогаш тука, една за друга, без многу зборови, ама со многу срце. Таа ми е рамо кога ми треба поддршка, насмевка кога денот е тежок, и рака кога ми треба сила.
Со такви луѓе околу себе, со љубов што постојано се множи, знам дека и кога животот не е лесен – не сум сама. Живеам со срце широко отворено, благодарна за секој ден, за секој човек што ме прави тоа што сум – мајка, баба, пријателка… жена со душа полна љубов.
ЖМ: ШТО ЗА ВАС ЗНАЧИ ВИСТИНСКА ГРИЖА ЗА СЕБЕ И КАКО ТОА ИЗГЛЕДА ВО ПРАКСА?
-Вистинската грижа за мене е повеќе од козметички процедури или уредна облека-тоа е целосно посветување внимание на својот ум, тело и душа. Значи да се слушаме, да си ги признаеме и прифатиме потребите, без да се чувствуваме виновни за тоа. Во пракса тоа значи дека си дозволувам да кажам НЕ кога нешто не ми одговара, да си давам време за одмор и релаксација, да се хранам здраво, да се движам и да бидам активна, но и да си подарувам моменти на радост и тишина. Грижата за себе е постојан процес на балансирање помеѓу обврските и љубовта кон себе.
Кога сум во хармонија со себе,тоа се гледа и однадвор-кожата ми сјае, насмевката ми е поотворена, а енергијата ми е посилна.
ЖМ: ШТО БИ ИМ ПОРАЧАЛЕ НА ЖЕНИТЕ КОИ МИСЛАТ ДЕКА „НЕМААТ ВРЕМЕ ЗА СЕБЕ“ ?
- Сакам да им порачам дека времето за себе не е луксуз, туку неопходност. Не треба да биде часови или денови – понекогаш доволни се само неколку минути дневно, посветени само на себе, за да направат огромна разлика.
Важно е да научиме да ставаме граници и да си дозволиме да бидеме приоритет. Кога ќе почнеме да се грижиме за себе, ние сме посилни и поспособни да се справиме со сите обврски и предизвици.
Запомнете, грижата за себе не е себичност, туку најголема грижа и љубов кон оние кои ги сакате.
ЖМ: КОЈ Е ВАШИОТ СОВЕТ КАКО ЖЕНАТА ДА СЕ САКА СЕБЕСИ И ДА ГО НЕГУВА ВНАТРЕШНИОТ МИР?
-Мојот совет е секоја жена да започне со прифаќање на себе таква каква што е –со сите свои светли страни и несовршености. Сакањето себе не значи совршеност, туку љубов и почит кон сопствената приказна. Важно е да научиме да бидеме трпеливи и нежни кон себе, да си простуваме кога грешиме и да не се споредуваме со другите. Внатршниот мир доаѓа кога престануваме да бегаме од себе и започнуваме да го слушаме својот глас. Да го сакаш своето срце, да го следиш својот пат и да се грижиш за својот дух е најголемиот подарок што можеш да си го дадеш-и тоа ја прави жената силна, хармонична и среќна.
ЖМ: АКО ТРЕБА ДА СПОДЕЛИТЕ ЕДЕН МАЛ, НО МОЌЕН РИТУАЛ ЗА УБАВИНА ШТО СЕКОЈА ЖЕНА МОЖЕ ДА ГО ПРИМЕНИ ДОМА, КОЈ БИ БИЛ ТОА?
Еден од моите НАЈомилени ритуали за убавина и нега што секоја жена може лесно да го направи дома е миење на лицето со топла вода и нежен масажен потег со природно масло-како бадемово или арганово масло. Оваа едноставна, но моќна практика ја храни кожата, ја поттикнува циркулацијата и создава чувство на длабока релаксација. Доволни се само 3-5 минути секое утро или вечер за да си подарите нежна грижа и да ја почувствувате поврзаноста со себе. Масажата го намалува стресот и создава сјај, а тоа е најприродната убавина што ја носиме одвнатре. Овој ритуал не бара многу време, пари или сложени производи-само малку љубов и внимание кон себеси.
ИРЕНА СТАВРОВА