Никогаш не е доцна да си ја оствариш желбата: Јагода Трајковска, највозрасната Македонка која се стекна со возачка дозвола

Добивај вести на Viber

Кога нешто силно посакувате тоа и ќе ви се оствари. Јагода Трајковска ( 70 ) уште од дете имала голема желба да вози автомобил и да има возачка дозвола. Меѓутоа, животот е непредвидлив, те носи на разни страни, ти отвора можност за работни ангажмани. Еден период живеела и работела во странство. Кога се вратила решила да си ја оствари желбата.

- Имав 27 години кога решив да почнам да земам часови и да полагам за возачка дозвола. Но, се омажив, а потоа ми се родија и ќерките. Се посветив на семејството, а истовремено и работев. Посакував кога ќе ми пораснат ќерките, покрај факултетските дипломи да имаат и возачка дозвола. Благодарна сум што ми ги исполнија двете желби – вели Трајковска, која имала свој салон за кроење и шиење во кој работела 32 години.

- Живеам во скопската населба Стопански двор, а салонот ми беше во Карпош. Секој ден одев на работа и се враќав со автобус. И не ми беше тешко. Кога се пензионирав, решив дека е време да ја реализирам мојата желба од дете. На 68 години се пријавив во една авто шккола. Првиот контакт со воланот помина убаво. Инструкторот ми рече: „Добра си.“ Моето искуство со работа на машина за шиење ми помогна веднаш да се снајдам со педалата и да дадам гас. Не ми беше тешко, имав мерак, имав многу голема желба. Мислам дека да не положев ќе ми беше криво до крајот на животот. Многу е убаво чувството да си шофер.Кога нешто силно посакуваш, тоа и ќе се оствори. Истото беше и со мојот салон. Посакував да го остварам и таа желба ми се исполни. Бев упорна, вложив многу труд и среќна бев кога се пензионирав – дополнува Јагода.

Тестовите ги положила од прва. Исто и пологонот. Но, на првото градско возење - ја совладал стравот.

-Тестовите ги учев три – четири месеци, зашто сопругот беше болен и морав да бидам дома и да се грижам за него. Не очекував дека ќе положам од прва. Исто така од прва положив и полигон. Првиот пат на градското возење, многу се исплашив . Не ги слушав што ми зборуваат луѓето од комисијата. Едниот ми вели сврти лево, а јас вртам десно. Им реков дека не можам да возам. Потоа ми беше страв да се пријавам да полагам еден месец. Во тој период бев упорна, вежбав, возев во придружба на брат ми. Кога вторпат полагав градско возење, застанав на зелено светло, не го видов. Успеав да положам при четвртиот обид – вели таа и открива како реагирале членовите на комисијата.

 - Кога во документите видоа колку години имам ми рекоа: „Ајде, Овен си во хороскоп, тоа значи дека си упорна, да видиме колку си научила?“ И почнав. Возев кон Аеродром и Лисиче. Тогаш навистина возев добро, бев слободна со луѓето од комисијата, кои беа навистина позитивни. Кога застанавме на Железничка станица, почнаа да пишуваат нешто. Кога ми рекоа дека сум положила, почнав да плачам од радост. Ми рекоа дека сум најстарата Македонка која се стекнала со возачка дозвола. Имало луѓе кои полагале на 62 или на 63 години. Но, никој не положил за возачка дозвола на 68 години. Потоа отидов кај ќерка ми во Маџар Маало да прославиме со нејзиното семејство. Многу беа радосни и моите две внуки – дополнува Трајковска која секојдневно седнува зад воланот и ужива додека вози.

Соња Алексоска Неделковска