„Никогаш не заборавам да спакувам пегла за коса, спортист сум, но мора секогаш да изгледам добро“: Интервју со најуспешната македонската тенисерка - Лина Ѓорческа

Добивај вести на Viber

Таа со право го носи епитетот најдобра македонска тенисерка во историјата, а нејзиното име е симбол на успех и посветеност во светот на спортот. Лина Ѓорческа уште на шестгодишна возраст го открила својот талент за тенис, момент што ја одбележал нејзината професионална патека.

Иако поради обврските ретко е во татковината, кога ќе се врати во Македонија, времето го посветува на блиските – во опуштена атмосфера со чаша квалитетно македонско вино. Освен што е голем љубител на кафе, Лина со задоволство се препушта на маратонско гледање на култната серија „Пријатели“, која, никогаш не излегува од мода.

Како еден од највозбудливите моменти во нејзината кариера го издвојува настапот на Ролан Гарос во 2024 година, каде играла пред публика од околу 10.000 гледачи – искуство кое засекогаш ќе го памети.

Лина Ѓорческа, жената која испиша историја во македонскиот тенис, без разлика на категоријата – машка или женска, во интервју за Женски магазин открива дел од своето секојдневие и страстите што ја исполнуваат надвор од тенискиот терен.

ЖМ: Како изгледа еден ваш вообичаен ден кога не сте на турнир?

-И кога не сум на турнири повторно сè се врти околу тенисот. Најчесто имам тренинг тенис наутро, потоа одам во теретана, а пред и помеѓу тренинзите задолжително кафе, затоа што сум зависник од кофеин (се смее). Најчесто со обврски завршувам околу 15 часот и слободното време сакам да го поминам со моите најблиски луѓе, затоа што голем дел од времето сум надвор од земјата, па го користам максимално за квалитетно поминато време со нив.

ЖМ: Дали имате некој ритуал пред важен меч што секогаш го правите?

- Секогаш го имам истиот ритуал, слушалките и омилената музика, на тој начин најдобро можам да се фокусирам на мечот што следува.

ЖМ: Кој е вашиот „најлуд“ тениски момент што ќе го паметите засекогаш?

- Искрено многу луди“ моменти имам во текот на кариерата, но еве можам да издвојам можеби еден од омилените моменти. Минатата година на Роланд Гарос кога играв на стадионот со околу 10.000 гледачи, тоа не е честа појава за нас во тенисот, така што ете тој момент можам да го издвојам како убав момент и позитивно луд.

ЖМ: Кој е најубавиот град во кој сте играле тенис досега?

- Скоро цел свет го имам поминато по турнири, па ми е тешко да се одлучам за еден. Ќе ги издвојам Валенсија, Њујорк и Сао Паоло.

ЖМ. Што никогаш не заборавате да спакувате кога патувате?

- Пегла за коса!!! (се смее) точно дека сум спортист но мора секогаш да бидам средена и добро да изгледам (се смее).

ЖМ: Дали успевате да си „украдете“ малку време за шопинг или разгледување на местото каде што одите да турнир?

- За разгледување да, сакам да прошетам доколку не сум била веќе на тоа место. Но турнирите почнуваат во понеделник и завршуваат во недела и многу пати се случува секој ден да имам мечеви и да немам време буквално за ништо и единствена „прошетка“ да ми е на релација од хотел до клуб и назад. Меѓутоа не сакам да звучи ова како да се жалам (се смее), сепак тенисот ми има овозможено да го видам цел свет.

ЖМ: Кога сте на терен – што правите за релаксација?

- Тенисот како индивидуален е таков спорт да цело време додека трае мечот мора да си 100% фокусиран, мора брзо да заборавиш што се случило и да се фокусираш на наредниот поен. Кога ќе заврши мечот тогаш може релаксација, а за време на мечот само фокус.

ЖМ: Што би одбрала да биде ваша професија доколку не беше тенисот – некое друго хоби или професија?

- Архитект. Премногу сакав да студирам архитектура, меѓутоа поради тенисот и многу патувања немав начин да присуствувам на настава и морав на вонредни студии, а за архитектура немаше таква опција.

ЖМ: Кое македонско јадење најмногу ви недостига кога сте надвор од земјата?

- Поради тоа што сум цело време на пат, некако се имам адаптирано на покласична храна и не би можела да кажам дека нешто ми недостига. На пример омилено јадење ми е паста со морски плодови, што е скроз спротивно и не е вообичаено за нашата кујна.

ЖМ: Ако имате еден ден без обврски – што би правеле?

-Би гледала Френдс, цел ден! (се смее)

ЖМ: Каков е вашиот стил надвор од теренот – спортски, лежерен или класичен?

- Од сите три по нешто, зависи од денот и расположението. Се разбира дека како секое женско сакам да носам и фустан и штикли, но поради турнирите и професијата многу почесто сум во некоја лежерна облека. Искрено битно ми е само да се чувствувам јас убаво.

ЖМ: Која жена најмногу ве инспирира – во спортот или во животот?

- Ме инспирираат сите храбри жени. Ме инспирираат сите оние жени кои ги следат своите соништа без оглед на пречките, кои се поддршка и инспирација за другите околу себе. Жени кои со својот пример покажуваат дека ништо не е невозможно. Таквите жени се инспирација за мене.

ЖМ: Кога сте во Македонија, што најчесто сакате да правите?

- Да испијам некоја чаша од нашите македонски вина, кои се дефинитивно најубави вина во цел свет. Сакам да поминувам време со моите најблиски со пријателите, а можеби од се најомилено ми е да си играм со внуките.

ЖМ: Дали некогаш сте се почувствувале дека како жена мора да се докажувате повеќе – особено во спортот?

- Да, дефинитивно да. Посебно во Македонија!!! Еве конкретно за тенис, во 2024 Македонија има играч на сите 4 гранд слам турнири и воопшто не се зборува за тоа ни во медиуми, ни луѓето што се задолжени за спорт во Македонија. Колку и да е тешко да признаеме, доколку би било машко на моето место тогаш тоа би било главна тема. Иако сум најдобра и најуспешна и во машка и женска конкуренција во историја на Македонија, повторно имам чувство дека „мора“ да се докажувам повеќе … за жал.

ЖМ: Колку ви значи поддршката од други жени?

- Во спортот, каде што има многу предизвици и притисоци, чувството дека не си сама и дека други жени те разбираат и охрабруваат е од големо значење.

Габриела Додевска Глигоровска