Пресврт со љубовниците на концертот на „Coldplay“: Додека тие се гушкаа, во публиката бил нејзиниот маж – и тоа на љубовен состанок со друга

Иако поминаа повеќе од три месеци, скандалот од концертот на „Coldplay“ и натаму ја интригира јавноста. Настанот, кој доби обележја на сапуница, повторно е актуелен поради нови детали кои излегоа на виделина.
На 16 јули, на стадионот „Џилет“ во Фоксборо, камерата ги прикажа во прегратка Кристин Кабот (53), менаџерка во американската технолошка компанија „Astronomer“, и нејзиниот шеф Енди Бајрон (51), тогашен извршен директор.
Несмасниот момент стана вирален, а дури и фронтменот Крис Мартин се шегуваше од бината. Последиците беа сериозни – и двајцата поднесоа оставки, бидејќи компанијата соопшти дека лидерите мора да почитуваат највисоки стандарди.
Во тоа време, Кристин сè уште беше во брак со Ендру Кабот (61), познат бизнисмен од Бостон, но двојката веќе живеела одвоено. Еден месец по концертот, таа поднесе барање за развод. Јавноста тогаш веруваше дека Ендру бил далеку, но сега магазинот People откри дека тој седел само неколку редови подалеку – на состанок со друга жена.
Блиска пријателка на Кристин тврди дека целата приказна е погрешно претставена: „Не стануваше збор за афера, туку за пријателство и професионален однос. Не беше мудро да се гушка шефот, но загубата на работа и медиумскиот линч се неправедни“.
Иако снимката стана глобален хит, никој од тројцата директно вклучени не се огласил јавно. Ендру Кабот преку портпаролка само побара јавноста да ја почитува приватноста на неговото семејство.
Извор / Foto: Printscreen/X/GharKekalesh