„Од TikTok ме знаете!“: Тетката на Ведран за Женски магазин раскажа сѐ за детето со маслинките

Од едно спонтано видео со маслинки до илјадници насмевки дневно – малиот Ведран од Скопје, со својот шарм, искреност и слатка зборлестост, стана омиленото „видео дете“ на македонскиот интернет. Зад камерите стои неговата мајка, а профилот го води тетка му – Ана, со која направивме искрено и топло интервју. Таа ни открива колку е природна целата приказна, без сценарија, без глума – само Ведран, токму таков каков што е. Симпатичен, забавен, и со фрази што стануваат хит на TikTok и Instagram.
Во продолжение, прочитајте како изгледа нивното секојдневие, кои се најгледаните моменти, зошто баба му се смее најгласно и какви се плановите за иднината на ова мало ѕвездиче.
ЖМ: Како започна приказната со снимањето на Ведран? Дали од секогаш бил толку изразен и забавен?
- Ведран прозборе многу рано – уште на една година и два месеци. Сите што ги гледаа неговите видеа уште од самиот почеток – најблиските, роднини, пријатели – секогаш коментираа колку е слаток, пресмешен и колку интересно зборува за неговата возраст. Постојано ни велеа дека го покажувале видеото на некој друг и ни пренесуваа позитивни реакции. Сè започна сосема спонтано, со видеото за маслинките. Јас дури ни не го знаев тоа видео – ми го испрати мајка му, јас само го видов, го ставив на TikTok без некоја посебна идеја. Утрото, видеото веќе имаше 300.000 прегледи и беше преземено од многу портали, со море позитивни коментари. Од таму сè почна.
ЖМ: Дали тој знае дека е „ѕвезда“ на социјалните мрежи? Како реагира кога ќе се види на видео?
-Хаха, ова прашање е навистина интересно! На почетокот најмногу му приоѓаа деца – му велеа „еј, те гледаме на TikTok!“ и го викаа „детето со маслинките“. Тој, нормално, не знае што е TikTok, но кога ќе го прашаме „од каде те знаат?“ – неговиот одговор секогаш е: „од тик ток!“
Сега, сè почесто му приоѓаат и мајки, татковци, и сите му се обраќаат по име – Ведран. А тој веќе знае да им каже: „Јас сум детето со маслинките. Од TikTok ме знаете!“
Ги гледа видеата – ние му ги пуштаме често, и навистина му се интересни. Се смее, покажува на себе и се радува како да е прв пат што ги гледа. Тоа е посебен момент и за него и за нас.
ЖМ: Колку видеата се спонтани, а колку се „режирани“ – има ли сценарио или само му дозволувате да биде тој?
- Кај нас не постојат режирани видеа. Секогаш кога Ведран е расположен и кога се случува некоја интересна ситуација – едноставно ја палиме камерата и снимаме. Понекогаш фаќаме нешто навистина посебно и смешно, а понекогаш – не, и тоа е сосема во ред.
Сè што гледате се вистински приказни и случувања, низ неговата перспектива. Нема сценарија, нема глума – тоа е Ведран, таков каков што е во секојдневието.
ЖМ: Дали има некое видео кое особено ви е драго или кое најмногу ги насмеало луѓето?
Мене лично најомилено ми е видеото каде што Ведран кажува колку ја сака тета. Искрено, мислам дека го имам гледано повеќе од 100 пати – секогаш ми го стоплува срцето.
А што се однесува до реакциите од луѓето – најголем одѕив имаше видеото со Ема, каде што ѝ вика „познато, шипки ќе ме бациш!“ Тоа видео буквално ги освои сите – и мали и големи. Луѓето го споделуваа насекаде и коментарите беа пресмешни.
ЖМ: Кога ќе го снимате, имате ли некој трик да го „уловите“ во најсмешниот момент?
-Нема никаков трик. Ние многу разговараме со него дома, постојано сме во интеракција, и едноставно – тој сам си раскажува. Сè што зборува и прави доаѓа природно, без насочување. Само треба да сме подготвени со камерата во вистинскиот момент.
ЖМ: Кој најчесто ви праќа пораки по објавите – родители, мајки, тетки? Што ви пишуваат?
- Најчесто ни пишуваат мајки, тетки и баби – тие се најголемите фанови на Ведран. Велат дека видеата им го разубавуваат денот, дека се смеат на глас и дека ги гледаат по неколку пати. Многу често ни пишуваат дека ги споделуваат видеата со своите блиски и дека ги потсетуваат на нивните дечиња, внуци или правнуци. Тие искрени пораки ни значат навистина многу и ни се мотивација да продолжиме
ЖМ: Дали има омилена фраза или гест?
Дефинитивно.
„Жено божја“, и „имаш ли ти син“?
ЖМ: Дали тетката некогаш му „режира“ сценарија или го остава да импровизира?
- Најчесто импровизира – само понекогаш му давам идеја или тема, ама неговата изведба секогаш е изненадување.
ЖМ: Кој најмногу се смее на видеата дома – мама, тетка или некој трет?
Тешка конкуренција, ама баба му е најгласна – се смее до солзи секогаш!
Наскоро имаме видео и со баба (се смее)
ЖМ: Каков е Ведран надвор од видеата – енергичен, мирен, зборлест или неочекувано сериозен понекогаш?
-Ведран е вистински микс – знае да биде мирен и фокусиран, ама генерално е енергичен и љубопитен.
ЖМ: Сте размислувале ли да продолжите со YouTube канал или нешто посериозно во иднина?
-Да, тоа ни е веќе во план. Размислуваме за YouTube канал каде што ќе ги споделуваме и подолги видеа, од нашето секојдневие
ЖМ: Со што најмногу Ведран сака да си игра, дали оди во градинка или не?
- Ведран најмногу сака да игра со животни, особено со неговите играчки од „The Lion King“. Исто така, многу ги сака и плишаните играчки. Интересно е што знае да се заигра со сè! Во градинка не оди.
Наскоро Ведран ќе наполни 3 години. Роденденот ќе биде едноставен, како и за сите деца – во игротека, со торта, маскоти и најблиските околу него.
ЖМ: Што би сакал Ведран да биде кога ќе порасне, ако го прашате?
- Ведран е сè уште мал и не знае точно што значи тоа прашање.
ЖМ: Што би им порачале на сите родители, тетки и баби што уживаат во вакви детски моменти?
Уживајте и смејте се заедно со нашите видеа! Ако Ведран барем една минута од денот ви го разубави, тогаш сме ја постигнале целта.
Многу брзо растат. Посветете им се колку што можете повеќе, затоа што овие моменти се незаменливи.
ИРЕНА СТАВРОВА