Синоним за модерна жена чие балетско битие потсетува на заборавената суштина на уметноста во живеењето

Уште кога ќе ја видите, знаете дека се занимава со уметност.
Целиот свој живот го посветила на балетот, а балетот ја обликувал нејзината личност, преку животните навики, стил, светогледот и работната етика.
Олга Панго важи за една од најстилизираните балерини во Македонија. Нејзината појава зрачи со стандарди за негуван женски изглед. Уметничката визура ја пресликува и во нејзиното мислечко битие. Често од неа можеме да се потсетиме на вистинските својства на доброто и убавото.
За тоа што прави за негуван изглед, кои се омилените парчиња од нејзиниот гардеробер, како го поминува слободното време, но и што стои како мотивација зад нејзиниот професионален успех, во разговор за „Женски магазин“ говори Олга Панго.
1.Кога беше конечната одлука дека професионално ќе се занимаваш со балет? Дали некогаш во животот ја преиспита својата одлука или беше сигурна и непоколеблива во својот избор?
- Со балет се занимавм од мојата осма година, со други зборови цел живот. Тоа беше љубов на прв поглед, така што знаев дека таа ќе ми е определбта во животот. И никогаш не сум имала двојба дека згрешив. Тоа е тоа што го сакам најмногу и го разбирам највеќе.
2. Колку балетот ги обликуваше твоите животни навики и го изгради твојот животен стил. Општо е познато дека балерините се жени кои секогаш имаат добра линија. Зад тој изглед, сигурно се крие некоја жртва, во смисла на дополнителни тренинзи или внимавање на исхраната. Како ти успеваш да ја одржиш својата витост?
- Да така е. Ние балетските игрчи треба да се грижиме за својот изглед, особено дури сме на сцена. А подоцна тоа ти станува органски дел од себе. Сѐ уште внимавам што јадам и вежбам редовно. Тоа не е само за изгледот, е и здравје. Никогаш не би си дозволила да влезам во балетска сала и да не личам на ништо. Тоа е работна етика.
3. Како уметник, дали слободното време го посветуваш повторно на уметноста (како уживател на некој тип на уметност), како изгледа твоето слободно време и на што го трошиш?
- Ретко имам време за себе, бидејќи многу работам и патувам. Но, секако сакам да испијм кафе со драги пријатели, да одам на добра престава или концерт. А кога сум дома добра книга и малку губење време пред ТВ.
4. Колку време дневно одвојуваш за својот изглед? Дали сметаш дека една жена треба секогаш да држи до себе и да се труди да изгледа пристојно?
- Одвојувам колку е потребно и колку имам време. Тоа што го научив од мало девојче од мајка ми, е дека жената секогаш треба да е негувана и да посветува време на себе си. Тоа длабоко ми се врежа во глава ,така што не ми се случува да си легнам со шминка, или да не купам квалитетна крема за лицето. А сѐ друго што си доаѓа како третман за лице и тело го правам редовно.
5. Како би го опишала сопствениот моден приказ и стил? Кои се твоите омилени парчиња облека во кои се чувствуваш своја и автентична?
- Јас сум спортски тип и сакам младешки изглед. Често носам фармерки и патики. Секако кога е потребно знам да сум елегантна. Стилот ми е доста едноставен, црно-бела варијанта е скоро декогаш присутна во мојата гардероба.
6. Што е според тебе модерна жена, кои карактеристики ги има и како ти би ја опишала?
- Модерна жена е онаа која внимава на себе, е исполнета и работи на себе во секој поглед. Можеби е клише но убавината доаѓа одвнатре.
7. Што сметаш дека е главен недостаток на општеството во кое живееш и која е првата работа што би сакала да ја промениш во својата средина?
- Ах….тешка тема. Би променила многу нешта. Во една мала земја како што е нашата Македонија, би требало да се живее убаво и безгрижно. Но за жал станавме место неподобно за младите и квалитетни луѓе. Треба многу работа и чесност да се доведеме во ред. Да видиме дали постои надеж!!!!
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - КонстантиновФото: Приватна архива





