Петровска: „Никогаш немало помалку бебиња во Македонија“ - Станавме земја за медицински туризам поради Ин Витро интервенциите

Добивај вести на Viber

Македонските клиники важат за едни од најуспешните и најпристапните, кога е во прашање Ин Витрото. Годишно се изведуваат околу 1500 асистирани репродуктивни процедури (вклучувајќи ИВФ, ИКСИ, ИУИ…) во околу осум медицински установи во земјата. 

Ин витрото е последната опција за третман на неплодноста кога сите останати помалку инвазивни опции се веќе исцрпени. Со оглед на драстичното намалување на наталитетот во земјава – од околу 27.000 новородени пред десет години на приближно 16.000 денес – се поставува прашањето кои се причините за ваквиот тренд и каква улога има ин витро постапката во надминување на дел од тие предизвици, вели Деспина Петровска, претседателска на Здружението „До бебе по пат на Ин Витро“.

Овој тренд е, делумно, резултат на зголемената појава на неплодност кај двата пола. Според податоците на Светската здравствена организација, околу 17,5% од возрасната популација, или приближно 1 од 6 лица ширум светот, се соочуваат со неплодност.

Ин витро фертилизацијата (IVF) најчесто се применува кај парови кои се соочуваат со потешкотии при зачнување.

Неплодноста кај жените во повеќето случаи ја сочинуваат проблемите со овулацијата. Кога изостанува овулацијата или се случува, но и квалитетот на јајце-клетките (ооцитите) не е доволен за оплодување. 

Freepik

Поретки причини за женска неплодност се:

– Блокирани јајцеводи како резултат на воспаление, ендометриоза, или операција при претходна ектопична бременост.

– Физички проблеми со матката, слабости на грлото на матката и проблеми со ендометриумот

Неплодноста кај мажите може да биде предизвикана од голем број на фактори. Главниот проблем кој е заеднички за сите овие фактори е способноста на сперматозоидите да ја оплодат јајце клетката. Проблеми со создавање на сперматозоиди и проблеми со способноста на сперматозоидите да стигнат до јајце-клетката и да ја оплодат, што може да биде случај кога абнормалната форма или структура на сперматозоидите ги спречува тие да се движат правилно.

Но исто така важно е да се напомене дека постои и идиопатска неплодност или необјаснета неплодност. Добивањето дијагноза на необјаснета неплодност, не значи дека не постои проблем со плодноста, туку, дека одредени проблеми не можат да бидат идентификувани. Сепак, необјаснетата неплодност е честа дијагноза.

Според статистичките податоци, приближно кај 30% од случаите на неплодност причината се поврзува со женскиот фактор, во други 30% со машкиот фактор, додека преостанатите 40% се класифицирани како идиопатска, односно необјаснета неплодност.

Freepik

И секако доколку жената нема партнер а сака и реши да има дете, нашиот закон го дозволува тоа. 

Во однос на тоа дали е доволно само жената да ја донесе одлуката за ИН ВИТРО оплодувањето, или зборот на мажот и идниот татко е еднакво значаен, Петровска вели дека иако често ин витро постапката се перцепира како прашање што ги засега исклучиво жените, реалноста е дека репродуктивното здравје е заедничка одговорност на двата партнери. Грижата за машкото репродуктивно здравје е еднакво значајна како и онаа за жените, и во многу случаи може да биде клучен фактор во дијагностицирањето и третманот на неплодноста.

Неплодноста не е прашање на избор, туку медицинска состојба што бара соодветна проценка и третман. Одлуките поврзани со третманот се носат заеднички, и токму затоа поддршката и разбирањето од двата партнера се од суштинско значење.

Сепак, темата за машкото репродуктивно здравје и понатаму останува табу во нашето општество, а отворените разговори на оваа тема се ретки. Во рамки на нашето здружение „До бебе по патот на ИВФ“, преку месечните кафе-средби на кои гостуваат експерти од областа на репродуктивното здравје, сè почесто сведочиме на активно вклучување на мажи кои доаѓаат како поддршка на своите партнерки, истакнува Петровска.

Ова е охрабрувачки знак дека мажите сè повеќе ја препознаваат важноста на своето учество и поддршка во процесот на лекување на неплодноста. Здружението останува отворено и достапно за сите – и за жените и за мажите – кои имаат потреба од совет, информација или поддршка на овој чувствителен, но значаен пат.

Во однос на легислативата доколку се во брак потребна е согласност и учество на двајцата партнери во процесот, сама жената неможе да одлучи да прави ин витро. Исто така и партнери во вонбрачна заедница можат да прават ин витро со поддршка на фондот за здравствено осигурување само што покрај стандардната документација се потребни изјави заверени на нотар. И сама жена без партнер, исто така може да оди на ин витро со дониран материјал. Процесот и терапијата се покриени од страна на фондот, донираниот материјал е на трошок на жената. 

Ин Витро постапката е легална и регулирана со точно утврден закон во Македонија

Унифицираната основа за ИВФ е Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, првпат донесен во 2008 година (Службен весник бр. 37/2008), а продолжен е со измени во 2013, 2014, 2015 и 2016 година.

Деспина Петровска истакнува дека во нашето законодавство не постои ограничување за бројот на инвитро постапките, сме имале искуства со луѓе кои имале и над 10 или 15 обиди. Ниту пак препорачана горна граница, меѓутоа се советуваат жените над 41 доколку имаат повеќе неуспешни обиди да се обидат со дониран материјал бидеќи женската плодност драстично се намалува по 35, а значително опаѓа по 40тата година.

Фондот за здравствено осигурување покрива 3 ваучери за ин витро за прво, 3 за второ, 3 за трето и 3 за четврто дете. 

Сметаме дека бројот на ваучери за прво дете треба да се зголеми, всушност тоа е и главната причина за која е основано Здружението, имаме ветување од сегашната власт, дека ќе се зголеми на 6 ваучери, но измените на законот постојано се одложуваат,а ситуацијата е алармантна. Никогаш немало помалку бебиња во Македонија. Овие луѓе кои чекаат зголемување на бројот на ваучери не се подмладува, биолошкиот часовник не застанува. Затоа треба да се помогне да се родат бебињата кои веќе долго време живеат во срцата и мислите на нивните родители. Оваа борба за потомство е психолошки, финансиски и емоционално исцрпувачка. Поддршка е потребна за уште многу луѓе, додава Петровска.

Freepik

ФЗОМ покрива одреден број циклуси на ИВФ (до 4), иако постапката за одобрување може да биде долга. ИВФ во Македонија често е значително поевтин од Германија, САД или други ЕУ држави, па и вклучувајќи трошоци, е конкурентен избор во рамки на медицински туризам.

Статистика на успешни ИН ВИТРО интервенции

Од здружението „До бебе по пат на Ин Витро“ велат дека во Република Македонија не постои централен национален регистар кој ги содржи релевантните податоци, па со однос на тоа и точната бројка на успешни ин витро интервенции не се знае.

Создавањето на ваков регистар е една од клучните цели на нашето здружение. Националниот регистар би овозможил систематско прибирање и анализа на податоци поврзани со асистираната репродукција, вклучително и успешноста на ин витро процедурите, како и оние спроведени со донација на репродуктивни клетки. Ваквиот систем не само што би придонел кон транспарентност и подобро информирање на пациентите, туку и кон развој на поефикасни политики во областа на репродуктивното здравје, вели Петровска

Според податоците од ин витро клиниките успешноста на ин витро постапките се движи од 30-40% со свежи ембриони. При трансфер со замрзнати ембриони успешноста е 50-60%. Но мора да напоменеме како и се останато во медицината се е индивидуално и зависи од многу фактори. 

На прашањето колкави се шансите за успех при првиот обид со ин витро фертилизација, не може да се даде универзален одговор.

Успешноста зависи од многу индивидуални фактори – како возраста на жената, квалитетот на јајце клетките и сперматозоидите, причината за неплодноста, одговорот на терапијата, како и други медицински и биолошки околности. Покрај стручната интервенција и медицинскиот третман, често и среќата игра своја улога во овој комплексен процес.

Секој кој започнува со ин витро треба да е свесен и информиран дека ин витрото не е 100% сигурна опција и да биде подготвен да се соочи со неуспех и да продолжи напред. Веројатноста за успешен прв ин витро обид е околу 30%.


Што се подразбира под успешна Ин Витро интервенција?

Под успешна Ин Витро интервенција во одредени сегменти се подразбира, зачнувањето, додека во други сегменти успешно износена бременост со родено живо и здраво бебе. 

Петровска вели дека тешко е да се даде било каква точна статистика поврзана со ин витрото во нашата земја бидеќи немаме национален регистар. 

Единствена статистика која ја води фондот за здравство е бројот на издадени ваучери. Познаваме жени кои успеале да се остварат како родители по вториот или третиот обид, но истовремено познаваме и парови кои и по пет години активно лекување и борба, сè уште не ја постигнале својата цел, додава таа.


Важно е да се напомене дека успешно ин витро не секогаш значи родено живо, здраво бебе. Како и при природна бременост постојат ризици и за жал неуспешно завршени бремености. 

Многу луѓе и ден-денес ја земаат својата плодност здраво за готово, сè додека не се соочат со проблем. Потребно е навремено информирање и едукација, затоа што свеста за фертилноста не се однесува само на медицинските аспекти, туку и на општото знаење и разбирање на општеството за темите поврзани со човечкиот репродуктивен систем, животниот циклус, ризиците за репродуктивното здравје и начините за негова заштита.

Магдалена Стојмановиќ - Константинов