Пратенички, запишете го името Росица- пред да ви избледи од трчање по кампањи

Добивај вести на Viber

Убиството на Росица ја распарчи тишината на социјалните мрежи. Не затоа што првпат слушнавме за такво злосторство. Туку затоа што веќе не можеме да се лажеме. Болката не може да се покрие со „љубомора“ или „семејна драма“.

Некои жени решија да проговорат, со споделување на веста, со појаснување на законите. Но и со лично искуство. Јавно. Болно. Храбро. Исто како што зборувала и Росица, пред да биде убиена. Браво Миа Костова.

Но, прашањето што боли уште повеќе е – дали храброста е доволна? Дали нечија вистина вреди само додека е шокантна, а сведоштвото е само материјал за вест или може да стане основа за промена?

Ќе остане ли Росица уште едно име во низата што сите ја знаеме, ама не сакаме да ја изговориме наглас – затоа што премногу потсетува на тоа што сè уште не е сменето?

Живееме во земја каде полицијата „слуша“ но не презема, каде судството „разбира“ но не заштитува, каде институциите се будат само кога ќе биде предоцна.

И таму, во тие институции, седи значителен број жени. Жени кои имаат мандат, функција, платформа, простор и одговорност. Нивниот молк деновиве е најгласен. Верувам дека се гневни. За жал, нивниот гнев зависи од партиска боја.

Пратенички, може ли еднаш да бидете едно – еден глас?

Без поделби, без политички интереси, без калкулации.

Само како жени. Само како луѓе. Само како некоја што можела да биде Росица – или некоја што ја познавала.

Затоа што ова не е само женско прашање. Ова е прашање на живот и смрт. Прашање на тоа дали ќе живееме во страв или во мир. Прашање дали ќе нè слушаат дури кога ќе нè нема, или додека сме тука, додека плачеме, додека молиме за промена.

Ова е прашање на систем кој треба да престане да прашува кога сме во опасност „Зошто не си побегнала? Не им треба на девојчињата нова лекција за тоа како да не одат сами, како да не носат кратко, како да не провоцираат. Им треба сигурност дека ако викнат – некој ќе ги слушне. Дека има закони што ги штитат. Дека има луѓе што ќе се борат за нив. Дека не се сами. Им треба држава што стои зад нив, а не се крие зад административни оправдувања.

Ако утре некое девојче дојде и ве праша: „Кој ќе ме зашти ако некој ме малтретира? Ќе ја лажете или ќе и ѝ кажете: „Ќе мораме заедно да се бориме за тоа. И ќе стојам со тебе додека не го направат тоа. Затоа што оваа држава мора да биде твоја, а не негова.“

Имате функција, моќ, фотелја – искористете ја. За нас. Не за партијата. Не за следната кампања. Затоа што ние не можеме повеќе да чекаме. Затоа што некоја друга можеби нема да дочека. Промената мора да почне сега. Животите на нашите сестри, ќерки и пријателки вредат повеќе од секоја процедура. А молкот веќе не е опција.

Соња Алексоска Неделковска