Пред две години дете со аутизам ја доживеа една од најтажните сцени: Годинава на неговиот роденден дојдоа стотици за него познати, но и непознати дечиња

Пред две години, малиот Леон – дете со аутизам – доживеа една од најтажните сцени кои можат да му се случат на едно дете.
Иако неговата мајка Амела Мемиш Апостоловска организира голема роденденска прослава, украсена со балони, торта и покани испратени до целото негово одделение, на забавата не се појави никој.
Дворот остана празен, со исклучок на едно девојче кое дојде и му докажа дека барем едно пријателство постои. Места резервирани за детски смеа и игра останаа неми, а Леон ја помина роденденската свеченост со скршено срце.
Годинава, приказната доби сосема поинаков тек
Со поддршка од хумани граѓани, невладини организации и Општина Кисела Вода, мајката успеа да организира прв инклузивен роденден за Леон, на кој се собраа над 100 дечиња – и познати и непознати.
Забавата не беше само роденден, туку порака. Порака дека сите деца, без разлика на тоа дали се типични или атипични, заслужуваат да бидат сакани, прифатени и прославени.
-Во денот кога се славеше првиот инклузивен роденден на Леон дете со аутизам, се докажа дека љубовта и човечноста се повисоки од сите разлики. Тоа не беше само роденденска свеченост, туку порака упатена кон цела Македонија дека секое дете заслужува да биде прифатено, сакано и прославено, вели неговата мајка Амела Мемиш Апостоловска.
Денот кога Леон го прослави својот прв инклузивен роденден ќе остане запаметен како ден кога Македонија испрати силна порака:
Прифаќањето не е луксуз, туку обврска кон иднината.
Денес Леон веќе има другарчиња. А нашето општество – чекор напред во градењето на свет во кој различностите не се препрека, туку вредност.
РЖМ