Преображение, без Тоше- зошто првпат го пишувам ова?

Има празници што ги носат светлината и надежта, што нè потсетуваат на убавините на верата и преображението на душата. Но, секоја година, кога ќе дојде 19 август, срцето во еден миг ми замолчува. Преображение ми носи тишина натопена со тага. На овој ден, не можам а да не се сетам на Него — на Тоше.
Колку и да верувам, колку и да се молам, има дел од мене што секогаш ќе тагува. И тоа е во ред. Тоа значи дека љубовта останала. Зашто кога некој толку чист и голем ќе си замине, не може, а да не боли.
Уште првиот миг кога го запознав со топла насмевка, со зборови полни љубов и неверојатна енергија, зборуваше не само за музиката, туку и за верата. Кога ќе го спомнеше Господ, во неговите очи се забележуваше мир и сериозност која те допира подлабоко од зборовите.
Во мојот професионален свет каде ексклузивната вест е најголем успех, а приватноста сè почесто се претвора во наслов, ми се случи да сретнам човек што ми го смени погледот. Не гласно. Не на сцена. Туку тивко, со присуство. Со добрина. Со вистинско срце.Таков беше Тоше..
Ми кажа многу вистини. Бев сведок на многу неправди и лицемерие. Но, со таков Верник, сфатив дека секоја вистина не е за пишување. Секоја неправда не бара бурна реакција. Подалеку од лицемерни луѓе.
Вистинското достоинство се крие токму во тишината. Во тоа да не го продадеш она што не се купува – човечноста. Сфатив дека нема ништо посилно од човечка добрина што не бара признание. Дека пред мене е човек што со неговата големина можеше да биде најголема ексклузивност во моите текстови – но избира да ми биде пријател. Човек. Душа.
Ме научи, без микрофон, без сцена – како се сака соработникот, како се почитува, како се чува нечија доверба. Тоа е лекција повредна од било која кариера. Избрав да му бидам пријател. И не погрешив.
Крушево му беше душа. Манстирот Преображение не му беше само проект. Беше дел од него, сведоштво на неговата верба. И голема духовна љубов, која остана во спомените, во каменот, во молитвите што се уште одекнуваат таму горе, меѓу боровите и небото.
Ова не е само приказна за човек што замина прерано. Ова е повик за секој од нас. Денеска на големиот празник Преображение, кога ќе ги слушнеме црковните ѕвона, ќе го почувствуваме мирисот на темјанот и вкусот на првото благословено грозје, да си ветиме дека ќе станеме подобри кон себеси, кон другите, кон животот. Како што велеше Тоше „Сé што правам, го правам од љубов.“
Можеме ли, во ова време тоа да го сториме? Не знам. Ниту за себе не можам да тврдам колку ќе ги исполнам ветувањата за мојата преобразба, иако сум верник.
Пред се' ова е повик за сите вклучени во проектот - филм, серија, документарец и шоу за ликот и делото на Тоше Проески.
На денешен ден, Преображение – ден за преобразба на духот и душата – време е да си направат лична преобразба. Конечно да се посветат на она што навистина е важно: да се раскаже приказната за еден човек што ги надмина сите граници на славата и остана скромен, верен и човечен. Тоше не беше само ѕвезда. Тој беше светлина за многумина – емотивен, верен, исцрпен, но секогаш тука за другиот.
Овој филм не смее да биде само уште еден проект на кој ќе се гледа како на профит. Не смее да се сведе неговиот лик на маркетинг-алатка или лична промоција. Тоше ѝ припаѓа на цела една нација, а не на продуцентска табела.
Се доцни со почетокот. Народот чека. А негови се парите. И сака вистина, колку и да е болна.
Време е за преобразба. За совест. И за почит...
Во еден неврзан разговор првиот човек на МРТ, носител на проктот, ми рече: „Тоше е многу поголем и од моето и од твоето име. Нема да дозволам никој да си игра со него“. Покажа совест и почит.
Во духот на овој празник ќе заклучам - верувам дека следува преобразба.
Соња Алексоска Неделковска