„Сакам Македонија да ја претставам достоинствено и автентично“: Чарна Невзати специјално за Женски магазин пред финалето на „Мис на светот“

Добивај вести на Viber

Македонската претставничка на изборот за убавина „Мис на светот 2025“, Чарна Невзати, во интервју за Женски магазин ги сподели своите впечатоци и очекувања пред големото финале, што ќе се одржи на 31 мај.

Во разговорот, Невзати открива со кои од останатите кандидатки има најблизок однос, која ѝ е цимерка за време на подготовките, како и колку е задоволна од организацијата на натпреварот. Таа зборува и за атмосферата меѓу натпреварувачките – дали постои ривалство, но и што очекува од самото финале.

Финалето на „Мис на светот 2025“ се очекува да привлече големо медиумско внимание, а Невзати вели дека е подготвена достојно да ја претставува Македонија на овој престижен избор.

- Веќе скоро еден месец сум во Индија и морам да кажам дека ова е едно од најинтензивните, но и највдахновувачки искуства досега. Секој ден е различен, од хуманитарни активности до проби и официјални настани. Иако е напорно, го живеам секој момент со благодарност. Ова за мене не е само натпревар, туку вистинска животна школа!

Цимерка на македонската претставничка Чарна Невзати е кандидатката од Полска, Маја Клајда. Сепак, како што истакнува Невзати, атмосферата е пријателска, а дружењето со девојките од различни земји е извонредно. Таа нагласува дека меѓусебната поддршка и позитивната енергија се силно изразени меѓу натпреварувачките, без разлика на нивното потекло.

- Се поврзав со многу девојки, но најмногу време поминувам со претставничката од Полска Маја Клајда која ми е „roomate“ и од Хрватска, Јужен Судан, Шпанија, Северна Ирска, Ирска, Украина, како и со претставничките на Словенија и Шкотска и многу други! Некако веднаш се пронајдовме една со друга. Разменуваме идеи, се поддржуваме и многу често разговараме за нашите земји, традиции, лични цели но и приватни работи.

Чарна Невзати изрази големо задоволство од организацијата на изборот „Мис на светот 2025“. Иако се работи за настан со висока концентрација на луѓе и активности, таа потенцира дека најважно е што сите девојки се чувствуваат безбедно и згрижено.

- Организацијата е на високо ниво – се е прецизно планирано, а тимот постојано се грижи сите да бидеме безбедни, информирани и подготвени, што ми пружа големо чувство на спокој. Секако, кога има толку многу девојки од различни краеви на светот, не може секогаш сè да биде совршено, но никој не е совршен и затоа сум задоволна.

Иако признава дека на вакви меѓународни натпревари не е тајна оти одредени земји имаат посилно влијание или присуство, Чарна Невзати верува дека конечната одлука сепак се носи врз основа на личноста, квалитетите и вредностите на секоја кандидатка.

- Не е тајна дека постојат земји кои имаат посилно присуство или влијание. Но, јас верувам и сум сведок дека крајната одлука се базира, на личноста, ангажманот и вредностите кои ги носи секоја кандидатка. Затоа се трудам да бидам доследна на себе и на мисијата што ја претставувам.

И покрај пријателската и позитивна атмосфера меѓу кандидатките на „Мис на светот 2025“, Чарна забележува дека постои одредена доза на фаворизирање, особено видливо преку социјалните мрежи.

- Понекогаш може да се насети, особено преку вниманието што некои кандидатки го добиваат по социјаните медиуми. Но, атмосферата е генерално пријателска и сите сме фокусирани на тоа да го дадеме најдоброто од себе. За мене, вистински фаворит е девојка со искрен карактер, јасна визија и посветеност на позитивни промени.

Учеството на најпрестижниот избор за убавина „Мис на светот“, македонската кандидатка го гледа како животна школа, но и да ја претстави Македонија достојно и автентично.

- Моето најголемо очекување е да излезам од ова искуство посилна, позрела и со нова перспектива. Сакам да ја претставам Македонија достоинствено и автентично, со огромна чест да ја претставувам после повеќе од една декада. Секако, би била пресреќна доколку постигнам висок пласман, но уште поважно ми е да ја искористам оваа платформа за да пренесам порака за правда, едукација, можности за младите и повеќе луѓе да слушнат за нашата земја!

Најважното коешто може да се извлече како поука од учеството ваквите избори за убавина се контактите кои ќе се остварат, а потоа истите може да донесат нови перспективи. Чарна веќе има потенцијални соработки за учество во хуманитарни проекти.

- Разговарав со неколку девојки за заеднички хуманитарни проекти или било какви различни соработки, по завршување на натпреварот, што многу ме радува! Ми значи што веќе се отвораат можности кои можат да бидат корисни и за мојата иднина како правник, модел и активистка.

Дваесетгодишната Чарна Невзати – студентка по право и модел. На 31-ви мај в сабота ќе ја претстави Македонија на големото финале на изборот за убавина „Мис на светото 2015“ кој се одржува во градот Хајдерабад во Индија.

Невзати беше избрана по внимателен избор организиран од модната агенција „Даман“ во Истанбул, предводена од Шаќир Села. Таа ја понесе титулата „Мис Македонија“ и со тоа стекна право да ја претставува земјата на еден од најголемите светски настани од областа на модата и убавината.

Габриела Додевска Глигоровска