Се викам Тајна, а поради името луѓето ме памтат доживотно: Приказната на Ѓорѓиевска

Првиот впечаток за личноста ја стекнуваме во првите три секунди. Во тој краток интервал не можеме да дознаеме многу информации, освен да го слушнеме името. Често се случува и да го заборавиме името на личноста што сме ја запознале, ако сме разговарале кратко или ако помине подлг период од нашата прва средба.
Но, со Тајна Ѓорѓиевска (49) вработена во скопската фирма АРЦ, тоа не е случај. Кога луѓето ќе и го слушнат името во првите три секунди од запознавањето, никој не останува имун. Или е изненаден, или мисли дека слушнал погрешно.
- Потекнувам од мало место. Таму сите ме познаваат како Тајна и ми се обраќаат со тоа име. Но, кога почнав да учам во средно училиште, односно кога дојдов во Скопје, на сите им беше необично моето име. Мислеа дека погрешно слушнале, па за повеќето бев Тања. Кога ќе ги поправев задолжително следуваше прашањето: „Како тоа Тајна?“ , „Од каде сте, да не сте од Прилеп?“ – открива Тајна на почетокот на нашиот разговор и посочува кој е „виновникот“ за нејзиното име..
- Моите родители постојано дебатираат за моето име. Татко ми вели дека е направена грешка при запишувањето, наместо „нј“ , ставиле „јн“. А мајка ми тврди дека од петте имиња што ги испратил кумот, таа го одбрала Тајна – вели Ѓорѓиевска.
Според податоците на Државниот завод за статистика во Македонија живеат 62 жени кои се викаат Тајна. Тоа е едно од најретките имиња на овие простори.
- Се гордеам со моето име и достоинствено си го носам. Исто така имам и привилегии. После коментарите „ слатка“ (тајна) , „војна “(тајна), луѓето ме памтат доживотно. Кога некаде чекам ред и ќе ми го прочитаат името, секогаш коментираат дека е грешка. А потоа ќе ме пуштат преку ред. Досега имам запознаено само уште една Тајна, која сама ми пријде и ми се претстави. Исто така ми кажа дека ѝ е мило што не е сама, па тоа беше интересен начин на нашето поврзување.Патем и на нејзе како и на сите мои познаници им велам: „Не ми кажувајте тајни бидејќи јас ако немам со кого да ги споделам, ги запишувам“.
Тајна е мајка на две деца. Со сопругот се во среќен брак 30 години.
- Кога се запознавме, единствено само тој не ме испрашуваше за потеклото на моето име. Само ми рече : „Ќе дознаам каква Тајна си ти “. Така и направи. Веќе 30 години се обидува да го дознае тоа – вели Ѓорѓиевска.
Соња Алексоска Неделковска