„Дона“ ја отпеа од емотивни причини, инаку со оваа песна Калиопи требало да ја претставува Македонија на Евровизија: Искрена исповед на пејачката (ВИДЕО)
На финалето на престижниот фестивал Kënga Magjike во Тирана, македонската пејачка со огромна емотивна тежина и посебен симболизам ја изведе првичната верзија на песната „Казна“, создадена уште во 2016 година како кандидат за Евровизија заедно со хитот „Дона“.
Пејачката откри дека изборот на евровизиска композиција тогаш бил резултат на интензивна дискусија со нејзиниот поранешен сопруг и долгогодишен соработник и продуцент Ромео, кој како автор на музиката и аранжманите инсистирал Калиопи во Стокхолм да ја претставува Македонија со песната „Казна“.
Но таа, како автор на текстовите на двете песни, поради лични и длабоки емотивни причини, одлучно инсистирала на „Дона“.
„Иако кај нас е правило продуцентот да го има последниот збор, тогаш Ромео попушти. Ми рече: ’Дозволи ми барем еднаш од емотивни причини да биде по мое..” и остави да биде по мое…’“, сподели таа во својата емотивна порака.
Пејачката призна дека по непријатностите на Евровизија 2016, за кои ретко се зборува, со години во неа живеело чувството дека требало да го послуша Ромео. „Си признав дека „Казна“ ќе беше подобар избор. Сигурно ќе се враќав дома со помирно срце“, вели таа.
Песната доживеа нов живот минатата година, кога за албумот „АЛБУМ“ беше снимена во свеж аранжман на Ромео Грилл, со учество на Слаткаристика, што дополнително ја доближи до современата публика. Но и покрај тоа, останало чувството дека првата верзија заслужува изведба на голема сцена – нешто што конечно се оствари токму во Тирана.
Настапот се случи по покана на долгогодишниот пријател и домаќин на фестивалот, Ардијан Џебреа, по повод 25-годишниот јубилеј, каде македонската уметница беше дел од интернационалното жири и специјален гостин во финалето.
Таа ја посвети изведбата на човекот кој секогаш стоел зад нејзините најсложени музички патишта – Ромео.
„Бидејќи никогаш не погрешил – ниту во одлука, ниту во
избор – кога е музиката во прашање. Респект, маестро!“, заврши таа со искрена
благодарност.
Настапот на Калиопи беше исполнет со силни емоции, искреност и неколку годишната неиспеана вистина — „Казна“ конечно го доби своето место, онака како што била замислена од самиот почеток.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Инстаграм