„Синчето Мите ми го направи животот најубав, тој ми е најголемото богатство“: Интервју со ѕвездата од „Гранд“, Александар Темелков за татковството

Млад, талентиран и полн со енергија, Александар Темелков го привлече вниманието на регионалната јавност со своите емотивни и силни настапи во најгледаното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“. Иако не ја понесе победата, неговата харизма и вокал останаа во сеќавањето на публиката.
Денес, Александар успешно ја гради својата музичка кариера во Македонија, но уште поголем успех за него е улогата што ја има надвор од сцената – улогата на татко. Минатата година заедно со својата партнерка Сара станаа родители на малиот Мите, а за Женски магазин, Александар искрено зборува за родителството, семејниот живот и како изгледа еден ден на пејачот во новата животна фаза.
Открива дека со голема љубов и посветеност ја прифатил улогата на татко, и признава дека се снаоѓа одлично во новото секојдневие исполнето со детска смеа и топлина. Раѓањето на неговиот син Мите, вели, претставува најубавиот и највреден момент во неговиот живот – пресвртница што му ја променила перспективата и му дала нова смисла и сила.
„Синчето Мите ми го направи животот најубав. Тој ми е најголемото богатство“, вели без двоумење. Со доаѓањето на синот, неговиот свет добил сосема нова димензија – со повеќе љубов, посветеност и радост во секојдневието.
Секој слободен момент го користи да помине што повеќе време со синот и сопругата.
„Со мојот син Мите, секој момент ми е специјален и најубав ме буди со бакнежи и насмевка. Првиот збор му беше „баба“, сега кажува доста зборови. Знае сите да не повика, тато, мама, баба, дедо, тета“, вели Александар.
Утрата пред доаѓањето на малиот Мите изгледале сосема поинаку, а денес денот за Александар и неговата сопруга започнува многу порано – со првите зраци на сонцето и со енергијата на нивниот син, чии активности веднаш го исполнуваат утрото.
„Едно наше утро изгледа пред сè многу интересно, заради тоа што Мите е многу ранобуден и не буди во 5 часот наутро“.
Александар открива дека целосно е посветен во сите обврски околу Мите, знае да го нахрани, да му смени пелена и заедно да играат игри. А штом ќе дојде време за спиење, следува специјалниот момент.
„Му читам доста детски книги пред да заспие ужива додека му читам и слуша со големо внимание“.
Балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот е клучот за квалитетно секојдневие, а Александар успева токму во тоа – дома е посветен татко и сопруг, а на сцената е енергичен музичар кој ја забавува публиката и создава незаборавна атмосфера.
„Јас сум отворен, за секаков тип на ангажмани и настапи и оваа сезона имам доста настапи. Во скоро време ќе направам и нова песна посветена за мојот син Мите“.
Слободните моменти со задоволство ги посветува на семејството, при што уживаат во заеднички прошетки. Неговата сопруга Сара е негова постојана поддршка, а тој со гордост истакнува дека токму нејзината присутност и сила му се најголема мотивација да продолжи напред.
Да се биде родител е предизвик сам по себе, но да се биде посветен и одговорен родител е клучниот предуслов едно дете да расте во стабилна и здрава средина.
„Најмногу како вредност во животот сакам да му пренесеш, пред сè да биде добар човек, хуман, искрен и чесен“.
Открива дека би сакал Мите еден ден да тргне по неговите музички стапки, бидејќи уште од мали нозе покажува љубов кон музиката. А кога станува збор за изгледот – иако личи и на двајцата родители, таткото со гордост додава дека сепак повеќе наликува на него.
Покрај темата татковство, Александар во ова интервју ја сподели и неговата најнова соработка со „Сенатра Бенд“ - „Македонски фолк микс 2025“, во соработка со ИН Продукција.
Г.Д.Г