СИНО - БЕЛА ТИТУЛА СО МАКЕДОНСКИ ШМЕК

Добивај вести на Viber

Вистинска јаготка на шлагот е титулата на РК Алкалоид во ЕХФ Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25, која иако е освоена на зелена маса по познатите настани со грчкиот АЕК, сепак има голема вредност. Oсвоена со неколку извонредни игри на македонскиот тим. А особено со големата победа над АЕК среде Атина со 4 разлика и со успехот во полуфиналето по пенал рулетот во Норвешка.

РК Алкалоид докажа дека и со сопствени сили може да се стигне до европскиот трон. Дека македонските млади ракометари можат да ги решетаат противничките мрежи ширум Европа, дека знаат да играат брз и модерен ракомет и дека од никого не се плашат, а секого почитуваат. 

А Кире Лазаров покажа и докажа дека и македонските тренери знаат и умеат да работат и да постават тактика за највисоки дострели.

Честитки за оваа титула, со надеж дека таа е само почеток на една прекрасна ракометна рапсодија која ќе имаме можност да ја гледаме во следните години.

Се чини дека следната година ќе биде уште побериќетна за РК Алкалоид и дека со две-три вистински ракометни засилувања, Кире Лазаров и дружината ќе атакуваат и на двојната круна во Македонија, но и на успех во вториот по вредност европски куп.

А можеби еден ден ќе победуваат и во Лигата на шампионите.

Зошто да не?

Живко Мукаетов и Кирил Лазаров многупати покажале дека се родени шампиони.

Ракометниот клуб Алкалоид е формиран во 2021 година со примарна цел младите ракометни таленти кои имаат потенцијал и желба за напредок правилно да се насочат и да се развиваат во врвни играчи со позитивни животни вредности.

Врз темелите и големите успеси на македонскиот ракомет, скромно и ненаметливо Живко Мукаетов и Кире Лазаров го замислија и го осмислија овој ракометен проект. 

Случајно или не, токму во салата во Автокоманда, кадешто до пред некое време РК Металург жареше и палеше, беа поставените основите и целите на овој сосема нов ракометен клуб.

Беа собрани на едно место повеќе македонски ракометни надежи, истите оние деца кои ги славеа до зори двете европски титули на Вардар и започна авантурата, со верба и надеж во големи резултати.

Со правилна работа и точна визија за доброто на македонскиот ракомет, за многу кратко време РК Алкалоид успеа да се наметне во македонското првенство и да избие на самиот врв на табелата, веднаш зад мошне скапите тимови на Еурофарм Пелистер и Вардар, каде доминираат странски играчи.

На сопствен погон, со десетина млади македонски таленти и со странци што можат да се избројат на едната рака, Алкалоид за кратко време успеа да се наметне и да стане важен ракометен фактор. Особено за македонската репрезентација, која неколку години мака мачеше со неминовната промена на генерациите. Конечно дојде време кога некој требаше да ги замени незаменливите Кире, Жути, Борко, Столе, Наумче...

И, Кире Лазаров со својот тим, за кратко време успеа во тоа. Воден од својата голема ракометна интуиција и со многу работа, тој успеа да создаде огромен ракометен потенцијал во имињата на браќата Митеви, Ѓоргиев, Џонов, Галевски, Петковски, Карасманакис, Стојковиќ, Ивановски, Симоноски, Савревски...

Младоста ја спои со искуството на Марковски, Серафимов, Бинго, Велковски, Костески, Франциско и Кизиќ и создаде ростер за почит.

Набрзо дојдоа и првите поголеми резултати. Алкалоид минатата година го освои Купот на Македонија, а и годинава беше блиску да го повтори тој успех.

Последниве две години неколку пати и во првенството успеа да им ги замрси сметките на големите фаворити за титулата Еурофарм Пелистер и Вардар, успевајќи да ги совлада или да игра нерешено со нив. 

Фото: EHF

Се чини дека следната сезона ќе биде уште побериќетна за РК Алкалоид и дека со две-три вистински ракометни засилувања, Кире Лазаров и дружината ќе атакуваат и на двојната круна во Македонија, но и на успех во вториот по вредност европски куп.

А можеби еден ден ќе победуваат и во Лигата на шампионите.

Зошто да не?

Живко Мукаетов и Кирил Лазаров многупати покажале дека се родени шампиони.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Вангел Тануровски