Со бронза на Светско, со срце за Македонија: Алексовска пишува историја во ММА

Добивај вести на Viber

Македонската ММА борачка Даниела Алексовска од Светското првенство воТибили, Грузија, се врати со бронзен медал – уште едно големо признание за нејзината посветеност и борбен дух на светската сцена.

Алексовска успешно ја претставуваше Македонија на најголемото натпреварување во аматерски ММА, каде и покрај предизвиците во полуфиналето, успеа да стигне до бронза, повторувајќи го минатогодишниот успех.

„Борбата ја водев и ја доминирав, но направив грешка што ме доведе во позиција од која противничката изведе илегален зафат, што го одреди крајниот резултат. Тоа е дел од спортот – понекогаш една секунда невнимание може да ја промени целата слика“, напиша Алексовска на својот профил на Фејсбук по завршувањето на натпреварувањето.

И покрај разочарувањето од пропуштеното финале, таа останува цврсто насочена кон својата спортска мисија и идните цели.

„Иако поразите секогаш носат горчлив вкус, за мене тие се најголемите лекции. Од ова искуство заминувам со јасна слика што треба да поправам и со уште поголема мотивација за идните предизвици“, истакна Даниела, додавајќи дека е горда што повторно успеала да го подигне македонското знаме на светска сцена.

Алексовска им се заблагодари на нејзините тренери, тимот и сите што ја поддржуваат, потенцирајќи дека бронзата е само еден чекор на патот, а „вистинските цели допрва доаѓаат“.

Со оваа нова медала, Даниела Алексовска уште еднаш ја потврди својата позиција како една од најуспешните и најперспективни македонски ММА борачки, која чекор по чекор го гради својот пат кон светскиот врв.

РЖМ - Г.Д.Г