Трагедијата повторно ги спои Елена Ристеска и Сергеј Ќетковиќ

Добивај вести на Viber

Елена Ристеска беше гостинка на двата концерти на Сергеј Ќетковиќ, кои се одржаа во Македонската филхармонија. Со нејзиниот настап и изглед на сцената, емотивниот настан доби и гламурозна димензија.

-Толку убава можност, да му бидам гостинка, а ми се случи проблемот со грлото. И покрај тоа што овие два концерти беа магични, со најраспеаната публика во последно време, едвај ги издржав емотивно и здравствено, со многу стрес. Можеби досега најголем стрес, зашто сакав да биде убаво и да останам доследна на својата кариера од 22 години и на нивото што го имам поставено. Искуството беше преубаво и публиката беше задоволна. И секако изненадена, дека се појавив ненајавена. Тоа беа два одушевувачки концерти, со многу емоција – открива Елена.

Пријателството меѓу двајцата пејачи трае одамна. Првиот контакт бил инициран од Ќетковиќ кој посакал да соработува со Елена.

-Во периодот кога соработуваше со Дарко Димитров, му кажал дека сака да ми подари песна. Веднаш штом ја слушнав ја прифатив, бидејки беше една од најемотивните баладични песни со среден ритам, која се вика „Снаге за крај“. Не се познававме, а соработувавме. Сакавме да направиме и дует. За жал тоа не се случи. Пред неколку години настапуваше во некој скопски локал и посака да му гостувам, меѓутоа бев спречена да бидам дел од настанот. Конечно се појави уште една можност за гостување. Тоа беа овие два концерти во Филхармонија. Сакаше да бидам изненадување. Ми се јави Панчо, негов близок пријател и соработник за Македонија и во негово име се договоривме за настап. Концертите првично требаше да се одржат во март, но поради трагедијата во Кочани се одложија за јуни. Покрај музиката, соработката со Сергеј, не’ врзува и Панчо. По оној кобен ден, 16 март, се слушавме цело време. И двајцата сме потресени и ужаснати и многу ни недостасува Панчо. Засега само преку неговата сопруга Маја се информираме за состојбата и му праќаме поздрави – открива Ристеска.

С.А.Н