Водителката Сања Савеска за летото, убавината и женската вистина: „Најсилна сум кога не морам да бидам силна“

Добивај вести на Viber

Во време кога жените постојано се чувствуваат притиснати да бидат „совршени“, Сања Савеска, харизматичната водителка на Брза кујна, нè потсетува на вредноста на автентичноста, мирот и нежноста кон себе. Во екот на летото, таа искрено зборува за своите ритуали, убавина без филтри, ментална нега и патот до внатрешна сила – без наметнати очекувања. Разговор кој ќе ве натера да забавите, да вдишете длабоко и да се потсетите: доволни сте, токму такви какви што сте.

ЖМ: Како изгледа твоето идеално летно утро?

- Идеалното летно утро за мене започнува тивко . Станувам рано, додека градот сè уште дише поспано. Ја носам Маша на прошетка – тоа ни е заеднички ритуал на присуство и мир. Вдишувам длабоко, без брзање, без телефони. Потоа во мир го пијам и првото утринско кафе, пролистувајки што има ново на социјалните мрежи.


ЖМ: Имаш ли некој мал летен ритуал што ти носи мир и енергија?

Да – секој ден пешачам, дури и кога е жешко. Движењето ми е лек и најприродниот начин да останам смирена и релаксирана

ЖМ: Кои се твоите летни beauty must-haves?

Користам заштитен фактор секогаш! Покрај тоа, лесна хидратација, мицеларна вода, руменило со кремаста текстура и балзам за усни. Сакам кожата да дише. Колку поприродно, толку подобро. Летниот период ми е за пауза од фен, пегла и тешка телевизиска шминка.


ЖМ: Веруваш ли во природна убавина и како ја негуваш автентичноста пред камера?

Да, верувам. Убавината не е само надворешна – таа почнува со мирот во себе. Внатрешната енергија се рефлектира врз надворешноста. Пред камера не се обидувам да бидам „нешто“. Ако сум уморна, не го кријам заморот. Ако сум среќна – блескам. Луѓето чувствуваат вистина, не совршенство. Сакам да останам автентична.

ЖМ: Како ја одржуваш формата во летниот период, физички и ментално?

Со движење, лесна и балансирана храна, многу вода и искреност со себе. Пешачењето ми е терапија, а исхраната ја негувам без екстреми – слушам што ми бара телото. Ментално, се трудам да не се преоптоварувам со надворешни фактори.


ЖМШто за тебе значи „летно тело“ – и дали мислиш дека жените имаат преголеми очекувања од себе?

„Летно тело“ за мене значи тело што дише, се движи и се чувствува добро во себе. Жените премногу се притискаат, особено летно време. Не мораш да бидеш „подготвена“ – веќе си доволна. Треба да се сакаме и со несовршеностите, бидејќи тие се нашите приказни.


ЖМ: Како се исклучуваш од брзото темпо и медиумскиот свет кога ти треба пауза?

- Со тишина. Понекогаш едноставно го исклучувам телефонот. Одиме на подолга прошетка со Маша, одам некаде во природа или си пуштам музика и лежам без обврски. Моментите без продуктивност знаат да бидат најлековити.

ЖМ: Што научи за себе во последниве години – и како тоа ти помага да бидеш помирна и посвесна?

Научив дека не морам да бидам силна по секоја цена. Дека е во ред да се срушам, да се повлечам, да не давам објаснувања. Научив дека мирот ми е поважен од сè. И дека автентичноста секогаш ме враќа дома – кај себе. Научив да не очекувам ништо од никого.


ЖМ: Каде ја црпиш инспирацијата летно време – патувања, книги, луѓе?

Од патувања, секогаш. Од лица кои зрачат вистина. Од книги што ме тргаат од реалноста. И најмногу – од секојдневни, тивки моменти. Понекогаш, само едно попладне во сенка може да ми отвори нова перспектива.

ЖМ: Што би им порачала на жените кои ова лето сакаат „да се најдат повторно“?

Слушај се, без да се споредуваш. Одмори, диши, движи се по свое. Понекогаш, токму кога мислиш дека си изгубена – всушност си најблиску до вистината. Ова лето – биди своја, и тоа ќе биде доволно.


ИРЕНА СТАВРОВА